Достапни линкови

Реформи има, ама судството никако да стане независно


Постојат жалби за индиректно политичко влијание врз исходот на голем дел од судските постапки, особено во поглед на постапки од организиран криминал и корупција како и случаи на вклученост на лица од политиката и медиуми, се наведува во извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија.

Долготрајни судски постапки, селективна правда, контроверзни случаи, повторување на судења, несоодветен судски кадар, недостаток од стручни соработници во судовите, пристрасни судски постапки, страв од непотизам и политички притисоци како и проблематично оценување на работата на судиите се дел од честите забелешки на Европската комисија која секоја година ги нотира во извештајот за напредокот на земјава.

Нема да се убедуваме дека судството е независно, само да не ви дојде проблемот на глава, тогаш сите гледаме да најдеме луѓе и со луѓе не можеш да завршиш работа, а камоли без нив.
Анкетиран граѓанин.

Владата тврди дека секоја година се спроведуваат реформи за подобрување на правосудниот систем и зајакнување на независноста на судството, но меѓународниот фактор редовно потсетува дека тоа не е постигнато и дека од година во година состојбата се влошува. Се наметнува прашањето дали недостасува политичка волја за решавање на проблемите или, пак, проблемот лежи во судскиот кадар.

Граѓаните одамна се жалат на влошувањето на состојбата во судството. Тие велат дека сè помалку ѝ веруваат на судската власт и дека политиката одамна ставила рака врз судството, а судиите се под постојан притисок на некој од извршната власт.

Дали мислите дека сите во ДУИ се ангели? Зарем не ја злоупотребуваат власта? Дали се ангели и сите во ВМРО-ДПМНЕ? Не. Ако сакаме напредок и влез во ЕУ, треба да бидеме самокритични и транспарентни.
Али Ахмети, претседател на ДУИ.

„Кога некој функционер ќе тужи некого, неговиот предмет веднаш доаѓа на ред да се решава.“

„Без судство нема политика, без политика нема судство да се разбереме.“

„Ако тужи премиерот тогаш брзо ќе се реши, а ако тужи некој друг, е тогаш богами ќе почека.“

Меѓународниот фактор има сериозна забелешка во однос на независноста на судството и овој пат посебно се потенцира во делот на извештајот дека Република Македонија како држава мора да поработи на зголемување и засилување на независноста на судството.
Никола Тупанчевски, универзитетски професор.

„Нема да се убедуваме дека судството е независно, само да не ви дојде проблемот на глава, тогаш сите гледаме да најдеме луѓе и со луѓе не можеш да завршиш работа, а камоли без нив“, велат граѓаните што ги анкетиравме пред Основниот суд 1.

За проблемите во судството неодамна проговори и лидерот на ДУИ Али Ахмети. Тој изјави дека е потребно да бидат самокритични затоа што се разбира дека во земјава имаме селективно судство и партизирана администрација.

Архивска фотографија: Протест на новинарите пред судот.
Архивска фотографија: Протест на новинарите пред судот.

„Дали мислите дека сите во ДУИ се ангели? Зарем не ја злоупотребуваат власта? Дали се ангели и сите во ВМРО-ДПМНЕ? Не. Ако сакаме напредок и влез во ЕУ, треба да бидеме самокритични и транспарентни“, рече Ахмети.

Во законот, ако не во Уставот, да внесеме одредба со која на одреден начин ќе ја дефинираме независноста на судството и ќе одредиме инструменти со коишто судството ќе може да се заштити.
Љупчо Арнаудовски, универзитетски професор.

Во изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ е наведено досега ги постигнале зацртаните цели за зајакнување на независноста на судството и тоа во сите нејзини аспекти кои се однесуваат на институционална и лична независност. Клучните сегменти во оваа област на коишто работеле се изборот, одговорноста и оценувањето на судиите. Во програмата е наведено дека досега се редефинирани основите за нестручно и несовесно работење на судиите и за нивната дисциплинска одговорност кои се базираат врз објективни критериуми. Дополнително е наведено дека е унапреден системот на оценување на работата на судиите преку воведување на квантитативни и квалитативни стандарди.

Архивска фотографија.
Архивска фотографија.

Прашањето за независноста на судството има повеќе аспекти, ние обично го поставуваме како прашање на независност на судството од дневната политика, партиите, или од извршната власт, меѓутоа тоа и според практиката на Европскиот суд за човекови права е многу послоевито.
Владо Камбовски, претседател на МАНУ.

Токму на овие делови се осврнува и Европската комисија во извештајот за напредокот на Македонија, само што нивната перцепција за тоа е поинаква. Во извештајот се вели дека сè уште не е решено прашањето за недостатоците во сегашниот систем на кариера на судиите и покрај потенцијалната закана што тие ја претставуваат за независноста на судиите. Во продолжение се вели дека измените на законодавството во врска со дисциплината и разрешувањето се премногу сложени, недоволно прецизни и предвидливи, а предупредувањата и намалувањето на платите како поблаги дисциплински мерки ретко се користат. Во извештајот е наведено дека постапката за годишно оценување на судиите бара итна ревизија, бидејќи има штетен ефект врз независноста и квалитетот на правдата, затоа што системот става непотребен притисок врз судиите и ги лишува од самостојноста да управуваат со нивните предмети на оптимален начин, индиректно поттикнувајќи негативни методи на работа.

Судскиот совет добил 77 жалби од странки кои упатуваат на пристрасни судски постапки, но ниту една не била доволно добро основана за да се активира дисциплинска постапка. Во извештајот е нотирано дека постојат и жалби за индиректно политичко влијание врз исходот на голем дел од судските постапки, особено во поглед на постапки од организиран криминал и корупција како и случаи на вклученост на лица од политиката и медиуми.

Судската пракса ни е задолжителен извор на правото во овие постапки каде што се остваруваат барањата за повреда на правото на судење во разумен рок, а од друга страна едноставно, не дека не ја признаваме судската пракса, меѓутоа не толку многу се осврнуваме ако едноставно на првостепениот и второстепениот суд тоа не му одговара да го реши случајот.
Лидија Неделкова, претседателка на Врховниот суд.

Надвор од формалната антикорупциска рамка владее корупцијата, а правдата често пати е селективна. Во таква ситуација пристигна и шестата препорака за Македонија од Брисел, изјави на дебатата за заштита на човекови права, професор Никола Тупанчевски.

„Меѓународниот фактор има сериозна забелешка во однос на независноста на судството и овој пат посебно се потенцира во делот на извештајот дека Република Македонија како држава мора да поработи на зголемување и засилување на независноста на судството“, вели професор Тупанчевски.

Долгите судски спорови се резултат на повеќе елементи и факт е дека постои и селективен пристап во брзината на решавањето на предметите. Факт е дека има и објективни пропусти во делот за достава, на којашто со години наназад судиите укажуваат. Меѓутоа, факт е и дека сето тоа е обврска на државата и државата досега требаше да го разреши овој проблем.
Маргарита Цаца Николовска, поранешна судијка во Меѓународниот суд за човекови права во Стразбур.

Во последната анкета на ОБСЕ е наведено дека судиите анонимно се пожалиле на интервенции однадвор и на протежирањето на одредени личности од Судскиот совет. Професор Љупчо Арнаудовски смета дека реформите во насока на независно судство се промашени, зашто прво државата треба да е правна.

„Во законот, ако не во Уставот, да внесеме одредба со која на одреден начин ќе ја дефинираме независноста на судството и ќе одредиме инструменти со коишто судството ќе може да се заштити“, изјави Арнаудовски.

Претседателот на МАНУ Владо Камбовски вели дека лоцирањето на проблемите во однос на независноста на судството бараат пометодичен пристап.

Наклонети се заради други придобивки, тоа е во менталитетот, за да може да направат кариера тие или членови на нивните семејства.
Бајрам Положани, универзитетски професор.

„Прашањето за независноста на судството има повеќе аспекти, ние обично го поставуваме како прашање на независност на судството од дневната политика, партиите, или од извршната власт, меѓутоа тоа и според практиката на Европскиот суд за човекови права е многу послоевито, не е само во однос на извршната власт, туку и во односот на судската и законодавната власт, понатаму непристрасноста на судот, односно судиите, како лична непристрасност на судијата“, рече Камбовски.

На дебатата за заштита за човекови права, претседателката на Врховниот суд, Лидија Неделкова, посочи на еден диспаритет во самиот систем.

За жал судството е првата гранка по која посегнува извршната власт и сето тоа ќе вроди со лоши резултати, како што впрочем се и сегашните резултати, а тоа значи дека не се остварува правораздавањето, а штом судството не може да ја извршува својата улога, тогаш во основа тука не постои ни правна држава.
Трендафил Ивановски, поранешен уставен судија.

„Судската пракса ни е задолжителен извор на правото во овие постапки каде што се остваруваат барањата за повреда на правото на судење во разумен рок, а од друга страна едноставно, не дека не ја признаваме судската пракса, меѓутоа не толку многу се осврнуваме ако едноставно на првостепениот и второстепениот суд тоа не му одговара да го реши случајот“, рече Неделкова.

Во однос на долгите судски постапки кои во извештаите на Европската комисија секоја година се нотираат како сериозен проблем, поранешна судијка во Меѓународниот суд за човекови права во Стразбур, Маргарита Цаца Николовска, вели дека се резултат на повеќе елементи, меѓу кои и селективниот пристап.

Иако законски се обврзаа да ги објавуваат судските пресуди два дена по донесувањето, најзначајните или најконтроверзни одлуки кои се важни за јавниот интерес воопшто не се објавуваат, нешто што може да доведе до објавување неточни информации во медиумите.
Европска комисија.

Илустрација: Основниот суд во Дебар.
Илустрација: Основниот суд во Дебар.

„Долгите судски спорови се резултат на повеќе елементи и факт е дека постои и селективен пристап во брзината на решавањето на предметите. Факт е дека има и објективни пропусти во делот за достава, на којашто со години наназад судиите укажуваат. Меѓутоа, факт е и дека сето тоа е обврска на државата и државата досега требаше да го разреши овој проблем и требаше да овозможи побрзо решавање на постапките и мислам дека во одреден дел таа брзина некаде се остварува, можеби не целосно, но сепак има некаков напредок што во секој случај не е доволно. Сè повеќе и повеќе има предмети пред Врховниот суд на Македонија којшто се занимава со прашањата за прекумерната должина на судските постапки“, рече Цаца Николовска.

Здружението прифаќа право на критички коментари на судски одлуки, но не и оние што се дизајнирани да го нападнат интегритетот и достоинството на судиите и ги преминуваат границите на одговорно новинарство.
Здружение на судии.

Македонија се согласила да плати речиси половина милион евра за пријателски спогодби на тужители кои поднеле жалби до Европскиот суд за човекови права, од кои повеќето се однесуваат на должината на судските постапки. Во Врховниот суд биле поднесени 424 жалби за надомест поради неразумно долги судски постапки. Цаца Николовска негативно ја оценува примената македонските судови на праксата на Европскиот суд за човекови права.

„За жал мојата оценка е многу негативна, поради тоа што многу ретко директно се применува Конвенцијата. Иако Македонија е потписник од 1997 година и нејзината примена е овозможена и со претходното донесувањето на Уставот, кој согласно меѓународните договори треба директно да се применуваат судските постапки како основа на која што судиите би се повикале, таквата пракса е многу ретка. Таму каде што е применета имам забележано дека постои проблем во несоодветно применување на Европската конвенција и несоодветно применување на праксата на Европскиот суд за човекови права“, вели Цаца Николовска.

Ако пред пет години власта ја оспоруваше легитимноста на Уставниот суд кој тогаш пресуди против владиниот проект за воведување на верското образование во државните училишта, денеска тврди дека Уставниот суд е легитимен. Во тогашниот извештај на Европската комисија е наведено дека односот на Владата предизвикува загриженост за независноста на судството. Но, во годинашниот извештај е наведено дека постои загриженост дека промените во составот на Уставниот суд во последните години влијаат врз неговата независност и дека истиот започна да ги одолговлекува и компромитира одлуките. Како примери за тоа се наведени иницијативите за преиспитувањето на, како што се вели во извештајот „контроверзниот буџет за 2013 година и за контроверзниот закон за лустрација“ кои беа разгледани по големо задоцнување и потоа одбиени.

Одбиената иницијатива на новинарите за отстранувањето на новинарите од собраниската галерија на 24 декември од безбедносни причини, предизвика реакции во јавноста. Тогаш, поранешниот судија на Уставниот суд и актуелен универзитетски професор Бајрам Положани изјави дека таа одлука укажува на тоа дека судиите постапуваат во насока да ѝ угодат на извршната власт. Иако имаат деветгодишен мандат и никој не може да ги разреши, кај нив е евидентно влијанието на политиката врз нивната работа, дециден е Положани.

„Наклонети се заради други придобивки, тоа е во менталитетот, за да може да направат кариера тие или членови на нивните семејства“, вели Положани.

Во 2010-тата година на собраниските седници, премиерот, министерот за правда и пратеници од ВМРО-ДПМНЕ ја критикуваа работата на Уставниот суд, а Комисијата за лустрација подоцна утврди дека тогашниот претседател на Судот Трендафил Ивановски соработувал со тајните служби. Во тогашниот извештај на Европската комисија беше наведено дека неговата лустрација покренува загриженост за притисокот врз независноста на судството. Ивановски тогаш тврдеше дека тоа е политичка хајка против него.

Во годинашниот европски извештај е наведено дека работата на Уставниот суд останува попречена од несоодветни човекови ресурси. Дополнително, во извештајот е нотирано дека не се преземени никакви чекори за подобрување на правната сигурност во однос на законодавството кое се поништува поради неуставноста и ова често создава празнини во правната рамка. Препорака на Европската комисија е извршната и законодавната власта да преземат мерки за решавање на ова прашање.

Поранешниот уставен судија Ивановски негативно ја оценува работата на Уставниот суд, тврдејќи дека тој не ја исполнува својата улога.

„Многу мал е бројот на тие интервентни одлуки, тие се скоро незабележителни, дури и во оние делови каде што ги има, тие се спорадични работи, кои воопшто не заслужуваат коментар, а во однос на битните работи тие отсуствуваат во произнесувањето на Уставниот суд, тие најчесто или се тргаат, каде што судот се прогласува за ненадлежен или, пак, не се наоѓа повод дека со нив се крши Уставот“, вели Ивановски.

Тој додава дека не може да се каже оти македонското судство ги исполнува европските стандарди и дека тоа не е независно, извршната власт е наметната, а партиското влијание е пресудно.

„За жал судството е првата гранка по која посегнува извршната власт и сето тоа ќе вроди со лоши резултати, како што впрочем се и сегашните резултати, а тоа значи дека не се остварува правораздавањето, а штом судството не може да ја извршува својата улога, тогаш во основа тука не постои ни правна држава“, вели поранешниот уставен судија Трендафил Ивановски.

Уште во 2010 година Европската комисија посочува дека улогата на министерот за правда во Судскиот совет сериозно загрижува во однос на мешањето на извршната власт во судството. Во 2013 година, тогашниот министер за правда Блерим Беџети изјави дека е постапено по таа забелешка, односно дека улогата на министерот е минимизирана со тоа што тој нема право на глас. Но, во изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ е наведено дека доколку обезбедат двотретинско мнозинство, во собранието ќе предложат исклучување на Министерот за правда од составот на Судскиот Совет по функција.

Во 2011 година Европската комисија истакнала дека „не постои сеопфатна стратегија за реформи во правосудството, ниту, пак, акциски план. Потребни се дополнителни напори кои ќе ја гарантираат независноста и непристрасноста во пракса“. Една година подоцна, пак, во извештајот нотирала дека „суштинските проблеми во врска со независноста, компетентноста и ефикасноста допрва треба да бидат решени во пракса“.

Во изминативе две години забелешките во извештајот се поконкретни. Во 2013 година се пишува за селективната правда, индиректен политички притисок, судски одлуки кои се невообичаено забрзани, како и содржината на судските одлуки кои некогаш имаат директни последици врз кариерата на засегнатите судии, особено во значајни или политички чувствителни случаи. Годинава, пак, е нотирано дека еден од главните предизвици е зголемената загриженост изразена во однос на селективноста и влијанието врз спроведувањето на законот и судството. Во продолжение се вели дека основно начело на владеење на право е дека правдата не само што мора да се постигне, туку и мора да се види дека е постигната, не е целосно разбрано или почитувано од страна на властите во однос на активностите за спроведување на законот насочени кон конкретни лица. И понатаму се покренуваат прашања внатре и надвор од земјата за можно политичко влијание врз одредени судски постапки, пишува во годинашниот извештај.

Интересна е и разликата во перцепцијата на власта и Европската комисија во однос на спроведувањето на законот, според кој судовите се обврзани да ги објавуваат пресудите на своите веб страници. Според изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ ова во пракса се спроведува, но во извештајот на Комисијата е наведено дека:

„Иако законски се обврзаа да ги објавуваат судските пресуди два дена по донесувањето, најзначајните или најконтроверзни одлуки кои се важни за јавниот интерес воопшто не се објавуваат, нешто што може да доведе до објавување неточни информации во медиумите.“

За проблемите во судството во своите извештаи зборува и американскиот Стејт департмент. Во годинашната честитка за денот на независноста на Македонија, американскиот државен секретар Џон Кери посочи дека САД остануваат посветени да ѝ помогнат на земјава во зајакнувањето на владеењето на правото.

Минатата година Управниот одбор на Здружението на судиите на Македонија во писмена реакција до медиумите се пожали оти новинарите, аналитичарите и колумнистите зачестиле со навредливи изјави и пишувања за судиите, судовите и системот на правдата. Тоа, како што се оценува во реакцијата, негативно влијае врз судството, ја еродира јавната перцепција за достоинство и интегритетот на судот и го слабее спроведувањето на правдата и правната држава.

„Здружението прифаќа право на критички коментари на судски одлуки, но не и оние што се дизајнирани да го нападнат интегритетот и достоинството на судиите и ги преминуваат границите на одговорно новинарство“, се наведува во реакцијата.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG