Достапни линкови

logo-print

Русија, Украина и ЕУ се договорија за гасот


Украина, Русија и Европската унија во Брисел потпишаа договор со кој Москва ја продолжува испораката на гас за Украина преку зимата, односно до идниот март. Парите за украинскиот долг за претходното снабдување со руски гас, како и за новите испораки на гас делумно ќе бидат обезбедени од западните кредитори.

По неколку неуспешни рунди разговори во изминативе неколку недели, во момент кога конфликтот во источниот дел на Украина продолжува, и покрај примирјето со проруските сепаратисти, постигнатиот договор ја намали загриженоста од нова војна со гасот.

Со силна поддршка од Европската комисија, Украина и Русија денеска се согласија за прашањето со енергетскиот долг и за привременото решение кое ќе овозможи снабдувањето да продолжи.

Таа, како што се оценува, најверојатно ќе значеше и нарушување на снабдувањето на земјите од Европската унија со руски гас, со оглед на тоа што гасоводите во Украина се затворени уште од јули годинава.

Претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Баросо го поздрави договорот постигнат на 24 часа пред тој и неговиот тим да и го отстапат местото на новата европска влада.

„Со силна поддршка од Европската комисија, Украина и Русија денеска се согласија за прашањето со енергетскиот долг и за привременото решение кое ќе овозможи снабдувањето да продолжи. Сега не постои причина луѓето во Европа да мрзнат оваа зима“, рече Баросо, кој присуствуваше на потпишувањето на документите од страна на министрите за енергетика на Русија, Украина и Унијата.

Процесот не беше лесен. Како и да е, успеваме да дојдеме до компромис околу цената и структурата на долгот. Ова е наш придонес за стабилизирање на ситуацијата во Украина.

„Процесот не беше лесен. Како и да е, успеваме да дојдеме до компромис околу цената и структурата на долгот. Ова е наш придонес за стабилизирање на ситуацијата во Украина“, изјави рускиот министер Александар Новак.

Еврокомесарот за енергетика Гинтер Етингер рече дека, според договорот, Украина за неколку денови ќе и плати на Русија скоро милијарда ипол долари со цел Москва да ја продолжи испораката на гас.

Веднаш потоа, според Етингер, цената на гасот за Украина треба да биде намалена за 100 долари, односно на 385 долари за илјада кубни метри гас.

Украина до крајот на годинава треба на Русија да и исплати уште над милијарда ипол долари.

„Ова можеби е првиот знак на мудра и добрососедска политика и можеби прва трошка на релаксирање на односите меѓу двете земји“, оцени Етингер во врска со конфликтот кој односите меѓу Запад и Исток ги замрзна на ниво невидено од Студената војна.

Русија е под западни санкции поради нејзината анексија на Крим во март годинава и постојаната воена и политичка поддршка за проруските сепаратисти во источниот дел на Украина.

Евопската унија страхуваше да не се повтори ситуацијата како во 2006 и 2009 година кога Русија го запре снабдувањето со гас на Украина, што пак доведе до нарушување на испораките за Европа.

Една третина од европските потреби за гас се обезбедува од Русија, главно преку гасоводите во Украина.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG