Достапни линкови

logo-print

Семејството Спасовски притиснато од сиромаштија и болест


Светлана Спасовска од село Горно Коњаре во близина на Куманово.

Светлана Спасовска од село Горно Коњаре во близина на Куманово.

Семејството Спасовска од кумановското село Горно Коњаре живее во сиромаштија, без многу услови за живот, освен тоа се соочуваат и со тешка болест.

Кога човекот е здрав и работоспособен ќе може да се бори со сиромаштијата, ќе заработи за да ги задоволи основните потреби, да се прехрани, да ги плати сметките, да обезбеди средства за детето. Болеста на сопругот уште повеќе ја продлабочи бедата, испрекинато и низ солзи Светлана Спасовска (42) од кумановското село Горно Коњаре, ја започнува својата тешка животна приказна. Нејзиниот сопруг Благоја (50) е болен од карцином на грлото и како што вели Светлана, одброени му се деновите од животот. А седумгодишниот Никола, кој се родил по 13 години од бракот, треба да се школува, да расне, да има безгрижно детство. Ништо од тоа нема, а откако се соочил со тешката болест на татко му, Светлана вели дека не сака ниту да зборува.

Кој ќе ме повика, одам и копам, за да имам за детето, за лековите, детето треба да се облече, да му дадам за кифла, за сметките за струја и вода.

Ова сиромашно семејство живее во двособна куќа, без купатило, изградена на плацот добиен од соседот што на рати го исплаќаат. Немаат пари да го откупат и да го пренесат на нивно име. Огревно дрво купиле, но наместо топлина од шпоретот се шири само чад.

„Кој ќе ме повика, одам и копам, за да имам за детето, за лековите, детето треба да се облече, да му дадам за кифла, за сметките за струја и вода,“ вели Светлана.

Како живееме, немаме ниту купатило, топлиме вода во лонец и така. Никако. Не можеме да ја пренесеме куќата, треба да дадам илјада евра, а немам. Во болницата дадов две илјади денари како аванс. На улица ќе чистам само да имам некој денар за детето за леб. Било што ќе работам, ама нема.

Нејзиниот сопруг има малку имот во козјачкото село Буковљане, поради што веројатно, и не ги исполнува условите за социјална помош. Од друга страна пак, сите лекови и болничко лекување мора да ги плаќа.

„За едно џакче брашно цел ден копам, за 700 денари, како да се прехраниме. Нема од тоа ништо, туку,... Мајка ми ми даваше пари за сметки, за детето, за лекови, ама таа почина пред помалку од година.“

Некој друг ви помага, соседите?

„И тие немаат. Треба да вратам, како да вратам, кога немам. Кога немам постојана работа, не можам да вратам. Ете најблискиот сосед ни даде куќа, уште плаќаме како под кирија. Инаку, позајмувам од луѓето, па потоа работам по нешто за да им вратам. “

РСЕ: Пред да се разболи сопругот полесно беше?

„Тој одеше работеше, некому ќе исечеше дрва, некому ќе варосаше соба и земаше по некој денар. Како живееме, немаме ниту купатило, топлиме вода во лонец и така. Никако. Не можеме да ја пренесеме куќата, треба да дадам илјада евра, а немам. Во болницата дадов две илјади денари како аванс. На улица ќе чистам само да имам некој денар за детето за леб. Било што ќе работам, ама нема“, раскажува Светлана, која нема ниту мир, ниту сон.

И како што вели, не знае дали првин да се грижи да обезбеди леб за детето или лекови за сопругот кој веќе е во критична состојба.

Иако било каква помош добро би дошла за ова семејство тие до сега не барале од никаде, оти навикнале се што ќе донесат дома да биде заработено. Лете кога има сезонски земјоделски работи Светлана можела нешто и да заработи, зиме тоа е се потешко. Затоа оваа жена на чии плеќи надвиснало претешко бреме не знае како ќе го помине денот. Таа не знае дали нејзиното дете ќе има барем парче леб, а за нешто повеќе не може ниту да размислува.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG