Достапни линкови

Учениците во Струга смрзнати како пингвини


Основното училиште Браќа Миладиновци во Охрид.

Основното училиште Браќа Миладиновци во Охрид.

Во некои училишта нема дрва за огрев, во некои нафта, ништо подобро не е ниту во градинките. Родителите велат дека ако проблемот не се реши, нема да ги пуштаат децата на настава.

Ладни училници и смрзнати ученици е сликата деновиве од струшките училишта. Поради немање на нафта и дрва за огрев наставата се одвива во субстандардни услови, а часовите се изведуваат со скратено време. Во некои од училиштата наставниот кадар се обидува училниците да ги стопли со греалки, но тоа не е доволно, велат родителите.

Децата се цело време смрзнати како пингвини и тоа е страшно и жалосно. Не дај боже некој може да настине и воспаление да добие.

Борче Столески е родител на две деца. Едното следи настава во старата зграда на училиштето „Браќа Миладиновци“, каде греењето е на дотраени ќумбиња за кои нема дрва, додека другото во новата зграда на ова училиштето, каде пак радијаторите се ладни. Вели децата се враќаат од училиште смрзнати како пингвини.

„Каде што учи помалото дете во старото училиште „Браќа Миладиновци“ од кога е почната грејната сезона воопшто нема греење. Во новото „Браќа Миладиновци“ до трети час има некакво си греење, после тоа немало. Децата се цело време смрзнати како пингвини и тоа е страшно и жалосно. Не дај боже некој може да настине и воспаление да добие“, вели Столески.

Верувам дека деновиве ќе имаме нафта, а правиме напори да имаме и дрва во текот на неделата и овој проблем да го решиме. Ние моравме да интервенираме како општина, но проблем се блокираните жиро сметки на училиштата.

Од една страна одиме напред, се воведуваат нови начини на учење, а немаме елементарни услови за образование во 21 век, вели овој родител.

„Ова е срамота за сите, и за министерството, а не само за директорите и градоначалникот. Тие овие работи треба да ги имаат средено пред почетокот на учебната година,а не сега да распишуваат тендери. Децата не треба да бидат експериментални глувци. Да нема греење е апсурд и срамота“, вели Столески.

Слична била состојбата и во детските градинки каде недостигот на нафта се компензирал со електрични греалки, велат од СДСМ Струга.

Од таму додаваат дека родителите не ги интересира дали за ова била крива власта на ВМРО- ДПМНЕ и ДУИ на централно ниво, или власта на ВМРО-ДПМНЕ и Зијадин Села на локално ниво во Струга. Даме Ложанкоски советник од СДСМ во Советот на Општина Струга, вели дека е недозволиво децата да учат во нехумани услови.

„Тендерите не се навреме распишани, а долговите од минатите години се останати да тлеат и не се исплатени. Ова е еден срам за власта која што неколку години по ред го гуши наставниот процес. Апелираме власта да најде сили образовниот процес да тече непречено. Ниту централната, ниту локалната власт воопшто не ги засега овој проблем. Тие се засегнати само за лични итереси на поединци. Ситуацијата во училиштата е алармантна“, рече Ложанкоски.

Ако тендертот за набавка на нафта успее и додека поминат сите законски процедури за жалби ќе дојде 15 ноември, а дотогаш ситуацијата ќе остане иста, вели Ложанкоски.

Сурија Рушити, раководител на секторот за образование во општина Струга, вели дека работеле на решавање на проблемот.

„Верувам дека деновиве ќе имаме нафта, а правиме напори да имаме и дрва во текот на неделата и овој проблем да го решиме. Што се однесува до градинката, ние пуштивме два тони нафта од резервите кои ги добивме, и не е проблем таму дека деновиве нема нафта. Ние моравме да интервенираме како општина, но проблем се блокираните жиро сметки на училиштата“, рече Рушити.

Родителите велат дека ако проблемот не се реши, нема да ги пуштаат децата на настава. Струга се соочува и со проблем околу бесплатниот превоз на учениците.

XS
SM
MD
LG