Достапни линкови

Државата го заплени „црниот“ тутун, но нема одговор кој го откупувал


Според Земјоделскиот инспекторат тутунот бил одгледуван од група земјоделци кои најверојатно би го пласирале на црниот пазар како качак, но истражуваат кој го откупувал.

Повеќе од месец дена од избувнувањето на аферата со одгледувањето на нелегалниот крупнолисен тутун во општина Могила, се уште нема одговор кој го организирал откупот и каде тој завршувал. Инспекцијата го заплени тутунот кој служи како качак, односно полнеж во цигарите, а за чие одгледување земјоделците немале склучено договори со откупна компанија.

Најлошо во цела ситуација е што не направија најголеми криминалци. Криминалците не се оние по поле што одат, на друго место се тие. Не излажаа. Зошто не се интересираат од 2003 и 2004 година тутунот до денес не ни е платен.
Земјоделец од Могила.

Могилчани велат дека трговци од други делови на државата им ветиле дека ќе го откупат, но не можат да посочат кои.

„Оваа година дојдоа трговци, рекоа влезе странски капитал, рекоа не берете гајле ќе ви направиме договори, а сега никаде ги нема. Се зборуваше дека италијански окупувач ќе влезе преку „Табак Србија“ и дека ќе плаќа 1,5 до 2,5 евра за килограм“, вели земјоделец од Могила.

Тој е изненаден од акцијата, зашто со години се одгледувал тутун „вирџинија„ а никој не им предочил дека го прекршуваат законот.

Ако државата, инспекторот, знаеше дека има нелегално производство на недоговорен тутун требаше во февруари, март да ги известат сите луѓе да не засадуваат тутун.
Стевче Пивковски, градоначалник на Могила.

„Најлошо во цела ситуација е што не направија најголеми криминалци. Криминалците не се оние по поле што одат, на друго место се тие. Не излажаа. Зошто не се интересираат од 2003 и 2004 година тутунот до денес не ни е платен. Во 2007 година не натераа договори да направиме, а пари не зедовме. Зошто никој не го покренал прашањето зошто тутунот тип вирџинија не е платен“, вели еден од земјоделците, кој инсистираше да остане анонимен.

Градоначалникот на Могила, Стевче Пивковски, мисли дека земјоделците некој ги излажал.

„Со најавите дека Филип Морис ќе дојде во Прилепскиот комбинат и дека ќе се прават договори за откуп мислам дека луѓето тука беа излажани. Ако државата, инспекторот, знаеше дека има нелегално производство на недоговорен тутун требаше во февруари, март да ги известат сите луѓе да не засадуваат тутун“, вели Пивковски.

Од општинската организација на СДСМ бараат јавното обвинителство да покрене истрага за тоа кој го организирал нелегалното производство на тутун.

„Со чие одобрение пет години незаконски се садел тутун во Могила? Дали завршувал во скопско Арачиново? Дали и со чие одобрение одел црниот тутун на релација Могила-Арачиново-Косово? Кај кого заврувале цели пет години по 5.200.000 евра пари на црно? Кој избегнувал пет години данок во износ од над 2 500 000 евра годишно?“,праша Александар Кирацовски од СДСМ.

Според Земјоделскиот инспекторат тутунот бил одгледуван од група земјоделци кои најверојатно би го пласирале на црниот пазар како качак, но истражуваат кој го откупувал. Дваесет и четири земјоделци казниле по 600 евра и им забраниле берба, но половината од нив го собрале и сушеле, па им следувала уште една казна од 1.500 евра.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG