Достапни линкови

logo-print

Спорот за името со години „само што не се решил“


Најавите дека може да има напредок во спорот за името се во функција на давање надеж и купување време, велат дел од домашните аналитичари.

Досегашните искуства потврдуваат дека сомневањата за какво било скорешно разрешување на спорот за името секогаш се покажале точни, велат упатените во оваа област. Дел од најавите дека на овој план нешто би можело да се промени до претстојниот Совет на Европската унија се во функција на давање надеж по неодамнешниот дебакл на македонските евроинтеграции, уверен е политичкиот аналитичар Арсим Зеколи. Според него, празниот период на тапкање во место на владината коалиција, мора да се исполни со политиката на префрлање на фокусот на надворешни прашања за да се одземе вниманието од домашните состојби.

Во принцип секогаш сум скептичен кога станува збор за тесни временски периоди кои се даваат од страна на Владата, тоа на некој начин ме потсетува на купување време на секои три месеци за да се одзема вниманието, но сем тоа, не гледам ништо оптимистички дека се нуди или се очекува каков било пресврт.

„Во принцип секогаш сум скептичен кога станува збор за тесни временски периоди кои се даваат од страна на Владата, тоа на некој начин ме потсетува на купување време на секои три месеци за да се одзема вниманието, но сем тоа, не гледам ништо оптимистички дека се нуди или се очекува каков било пресврт“, вели Зеколи.

Архивска фотографија: Средба на медијаторот Метју Нимиц со грчкиот Министер за надворешни работи Евангелос Венизелос во Грција.

Архивска фотографија: Средба на медијаторот Метју Нимиц со грчкиот Министер за надворешни работи Евангелос Венизелос во Грција.

Во високата политика работите не се случуваат преку ноќ, вели професор Никола Дујоски, додавајќи дека период од еден или два месеци е многу мал за да се промени нешто што тлеело дваесетина години.

Сметам дека е многу покорисно нашите политичари што почесто да лобираат, да добиеме пријатели во големите европски држави коишто ќе го покренат сето ова, Америка е во ред, меѓутоа еве вчера и амбасадорот самиот кажа дека ниту тие не се повеќе заинтересирани кој знае што да променат.

„Сметам дека е многу покорисно нашите политичари што почесто да лобираат, да добиеме пријатели во големите европски држави коишто ќе го покренат сето ова, Америка е во ред, меѓутоа еве вчера и амбасадорот самиот кажа дека ниту тие не се повеќе заинтересирани кој знае што да променат“, вели Дујоски.

И според Зеколи, изјавата на Јолевски е сосема логична, со оглед на тоа што Соединетите Држави се растргнати на сите страни, а неодамнешните случувања во регионот покажуваат дека и мали искри знаат да предизвикаат големи незадоволства и анимозитети. Стравувам дека решавањето на спорот за името станува сè покритично и подраматично отколку што беше досега, вели тој.

Во едно општество кое сега е потполно доминирано од владејачката партија, промената на името не би предизвикала поголеми потреси во општеството, туку во самата владејачка партија меѓу разни структури, разни лоби групи, разни интереси и тоа може да се одрази на нивната гласачка и изборна стабилност и предвидливост“, вели Зеколи.

Дујоски укажува и на фактот дека освен пишувањата на медиумите досега не слушнавме официјален предлог за решавање на спорот, по кој може да се носи одлука од политички лидери или да се организира референдум. Оттука нема ниту големи очекувања од евентуална средба на медијаторот Нимиц со преговарачите.

„И малку да се приближат ставовите во овие триесетина дена со евентуална средба, нема да вроди со наша препорака за почеток на преговорите, бидејќи Грците сигурно нема да се сложат на такво нешто“, вели Дујоски.

Најавите дека до декември ќе се одржи уште една рунда преговори за името на медијаторот Метју Нимиц со преговарачите не влеваат надеж дека ќе се случи некаква промена, вели Зеколи, според кого, судејќи според досегашните изјави во јавноста, преговорите се исцрпени. Прашањето сега е кој прв ќе ја „повлече ногата“ кон конечно разрешување на спорниот проблем, заклучува Зеколи.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG