Достапни линкови

Вработените во Еурокомпозит бараат плата


Протести на вработените во фабриката Еурокомпозит во Прилеп.

Протести на вработените во фабриката Еурокомпозит во Прилеп.

На околу 300 вработени во прилепски Еурокомпозит им се заостанати 8 плати, а придонеси не знаат од кога немаат платено.

Прилепчанката Сузана Мојсоска работи повеќе од 3 децении во Еурокомпозит. Таа веќе не може да ја живее децениската неивесност за својата работна судбина и опстанокот на фирмата. Со години живее во страв како, со колку пари ќе го помине месецот, дали ќе пристигне ново извршно решение.

На 36 години стаж, срамота е да кажам дома со колку пари живееме, маж ми е технолошки вишок, јас овде сум вработена, седум–осум илјади денари не ни се собираат во просек, и тоа е премногу.

„На 36 години стаж, срамота е да кажам дома со колку пари живееме, маж ми е технолошки вишок, јас овде сум вработена, седум–осум илјади денари не ни се собираат во просек, и тоа е премногу. Извршители нон-стоп пристигнуваат, идат стално сметки, кога и да појдеме до сандчето само тоа нè чека, сметките ги блокираа, потоа треба и трошоците за деблокирање да ги понесеме сами“, се жали Мојсоска.

И Орде Стеваноски 31 година работи во оваа фирма. Вели состојбата на сите работници во Еурокомпозит е претешка, бидејќи чекорат во шестата деценија од животот и немаат веќе избор каде на друго место да бараат работа. Сите ветувања дека оваа државна фирма ќе закрепне и дека ќе им бидат исплатени заостанатите плати со придонеси, според него, се лага.

Да земам да ги пишувам на лист, може мал ќе биде листот со кои проблеми со соочуваме. Значи работиме, доаѓаме, не знаеме ни од колку, ниту до кога, сè само за да се земе некој грош од овде и сè е лага.

„Да земам да ги пишувам на лист, може мал ќе биде листот со кои проблеми со соочуваме. Значи работиме, доаѓаме, не знаеме ни од колку, ниту до кога, сè само за да се земе некој грош од овде и сè е лага. Просек ако се земе преку цела година, ако ни доаѓаат по 4000-5000 денари по работник. Здравственото осигурување е далеку од нас, ние сме осудени на смрт“, гневен на агонијата со која се соочуваат вели Стеваноски.

Истата работна судбина ја делат околу 300 работници. Заостанати им се 8 плати, придонеси не знаат од кога не добиле, бидејќи на сметката им се исплаќаат аванси за плати за различни месеци без редослед и немаат точна евиденција. Иако имаат право на партиципација, се лекуваат приватно, позајмуваат од роднините, пријателите кога одат на прегледи, испитувања, кога треба да се оперираат.

„Ова е живо малтретирање, последните барања беа да се исплати плата, директорот се согласи и потпиша со синдикатот и пред сите вети дека ќе ни исплати личен доход до 21-ви овој месец, еве тоа го нема, наводно ќе земеме за овој месец плата и по две плати наредните месеци, еве не можеме ни тоа да го добиеме“, вели Јордан Смоквоски.

Одговор за проблемите од директорот Никола Лучески не добивме, тој и овој пат одлучи да не одговара на телефонските повици.

Еурокомпозит, прилепски загубар со целосно државен капитал кој произведува за потребите на одбраната и безбедноста на државата, безуспешно се продаваше на тендер неколку пати. Минатата година 50-ина работници имаа среќа со отпремнина да заминат како технолошки вишок. Сега вработените оваа законска можност ја сметаат за привилегија, бидејќи не веруваат дека некогаш во Еурокомпозит ќе биде подобро. Протестите за плата станаа практика за вработените. Тие веќе не веруваат ниту во синдикалната организација во фабриката. Велат препуштени се сами на себе.

  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG