Достапни линкови

Дипломата битна, практичното знаење побитно


Неформалните обуки ги зголемуваат шансите на младите за вработување. Но, побитно е што тие научиле, отколку каква диплома имаат.

Неформалното образование овозможува младите да стекнат дополнителни вештини и знаења, надвор од формалниот систем на универзитетите и школите. Во Македонија се повеќе млади се ангажираат да учествуваат на ваков тип обуки преку кои шансите за вработување им се зголемуваат, вели Антоанета Иванова од невладината организација „Младиинфо.“

Од она со кое ние сме се соочиле е дека доколку тие обуки се бесплатни, голем дел од нив не ги земаат за релевантни, односно иако голем број на млади ќе се приjaват да дојдат на тие обуки, сепак на крајот бројот на оние кои ќе ги завршат е многу помал.
Антоанета Иванова, „Млади инфо.“

„Од името на „Младиинфо“, која како организација се обидува да им овозможи различен вид неформални обуки на младите, можам да заклучам дека од година во година се повеќе млади луѓе сфаќаат дека имањето на неформални обуки кои ќе им дадат дополнителни вештини, на некој начин ќе бидат позитивно земени предвид во текот на нивниот кариерен развој, голем дел од нив сакаат да партиципираат на таков вид на обуки, меѓутоа од она со кое ние сме се соочиле е дека доколку тие обуки се бесплатни, голем дел од нив не ги земаат за релевантни, односно, иако голем број на млади ќе се приjaват да дојдат на тие обуки, сепак на крајот бројот на оние кои ќе ги завршат е многу помал“, вели таа.

Антоанета Иванова, коосновач на „Младиинфо“.
Антоанета Иванова, коосновач на „Младиинфо“.

Во Македонија најприсутни се обуките во областа на комуникациските вештини, а недостасува неформална едукација за финансиско работење и обуки за администрирање веб страници и социјални медиуми, вели Иванова, посочувајќи дека дипломите се важни за младите, но рабoтодавачите повеќе го ценат практичното знаење.

Се зависи од големината и искуството којашто компанијата го има на пазарот. Најчесто големите компании коишто постојат повеќе години, имаат практика за дообука на нивните вработени.
Марија Самарџиоска, Центар за неформално образование - „Триаголник“

„Mногу е важно доколку во вашето CV стои дека имате посетувано такви обуки, меѓутоа не само како бројка, туку дека вие навистина имате научено нешто од тие неформални обуки. На работодавачите им е многу поважно што вие навистина знаете практично да направите, отколку од тоа што вие имате напишано дека поседувате како диплома или сертификат“, вели таа.

Освен шанса за вработување, концептот на доживотно учење овозможува, оние кои веќе работат преку дополнителни обуки да го забрзаат својот професионален развој.

Марија Самарџиоска од Центарот за неформално образование - „Триаголник“ вели дека компаниите кои вложуваат во своите вработени остваруваат поголеми профити, но малите и средните компании во земјава се уште не ја препознаваат вредноста на неформалното образование.

„Се зависи од големината и искуството којашто компанијата го има на пазарот. Најчесто големите компании коишто постојат повеќе години, имаат практика за дообука на нивните вработени. Тие работат на развојот на нивните човечки ресурси и тие тоа го препознаваат во самите профити кои што ги остваруваат. Тука не би ги вброила малите и средните компании како некои што одвојуваат средства за доквалификација на нивниот кадар. Тие најверојатно се уште не можат да ја препознаат вредноста на човечкиот развој во нивните фирми и бенефитите кои тие би ги добиле како фирма која што вложува во својот вработен“, вели Самарџиоска.

Познавачите на состојбите велат дека во Македонија овој вид на образование треба повеќе да биде присутен во помалите места, бидејќи е централизиран во големите градови.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG