Достапни линкови

logo-print

Нетолерантно општество во кое се форсираат погрешни политики, нема работа, нема перспектива, лесно изродува насилни луѓе.

Во корените од економско-социјална природа, но и во погрешните политики на партиите на власт, експертите ги гледаат главните причини за нагласената нетолерантност на македонското општество. Поривот да се посегне по оружје при една обична караница или да се демолира објект само затоа што не ви се допаѓаат музиката или луѓето кои се таму, се загрижувачки, посочува Џабир Дерала од невладината Цивил. Според него, живееме во општество во кое владеат вредности кои се спротивни на мирољубивото решавање на проблемите и конфликтите во општеството.

Едноставно имаме една ситуација во која власта и партиите кои се на власт форсираат веќе подолго време една политика која се спроведува во тажни практики во реалноста, според која гледаме форсирање на вредности кои се насилнички, супремистички.

„Едноставно имаме една ситуација во која власта и партиите кои се на власт форсираат веќе подолго време една политика која се спроведува во тажни практики во реалноста, според која гледаме форсирање на вредности кои се насилнички, супремистички“, вели Дерала.

Се покажува дека најголем дел од вредностите на новиот општествен систем имаат негативно значење и продуцираат една група која ги губи вистинските вредности. Оваа популација која најчество е помлада, ја губи матрицата на нормално и прифатливо однесување, објаснува професор Илија Ацески.

„Нема работа, перспективите се малку замаглени кај овие луѓе, едноставно не гледаат излез, станува збор за еден покомплексен систем на фактори кои доведуваат до вакво однесување “, вели Ацески.

Нема работа, перспективите се малку замаглени кај овие луѓе, едноставно не гледаат излез, станува збор за еден покомплексен систем на фактори кои доведуваат до вакво однесување.

Во ситуација во која образованието е обременето со дискриминација и омраза кон другиот, нормално е да растат генерации кои се поподготвени да се тепаат, отколку да разговараат и да ги вкрстат аргументите со оној со кого не се согласуваат, вели Дерала. Според него, насилството и несаканите последици од него може да се ги превенираат институциите на системот.

„Ако институциите закажат, односно го прават токму обратното од она што би требало да го прават, тогаш останува на медиумите, на граѓанското општество, на поединците кои се лидери во своите средини да се обидат да се одбранат од ваквите политики и практики на институциите“, вели Дерала.

И професор Ацевски укажува на тоа дека полицијата не може да го реши проблемот со подемот на насилството. Покрај улогата на образовните институции, особено внимание треба да посветат и родителите, вели тој.

„Мора тоа некако да се надгледува. Еден дел од тие што веќе стануваат проблематични, мора еден по еден педагошки да се надгледуваат, да има контрола некаква“, изјави Ацески.

Дерала укажува и на фактот што во земјава се уште има големи количини нелегално оружје. Не само што овој проблем не е успешно регулиран, од Цивил укажуваат на тоа дека поседувањето на легално оружје станува сериозен проблем во македонското општество, односно дека има недоволна контрола на структурите кои поседуваат различни видови на оружје. Дерала заклучува дека ваквата ситуација креира крајно небезбедно општество во кое насилството и нетолерантноста се само само споредни елементи.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG