Достапни линкови

logo-print

Годишнина од новинарската борба за слобода


Иницијативниот одбор за ослободување на Кежаровски вели дека со протестот сакале да ја соочат јавноста со вистината дека новинарот е осуден и без докази и вина лежи во притвор.

Симболично, со положување на цвеќе, Иницијативниот одбор за ослободување на новинарот Томислав Кежаровски денеска ја одбележа годишнината од протестите пред новиот Музеј на македонската борба. Новинарите пред точно една година, на Денот на македонската револуционерна борба, беа спречени од полициските специјалци да протестираат пред музејот. Протестот беше поради дотогашниот неколкумесечен притвор на Кежаровски.

Еве, една година подоцна, повторно сме тука да потсетиме дека нашиот колега Кежаровски е сè уште во притвор.

Зоран Димитровски од Иницијативниот одбор вели дека со протестот сакале да ја повикаат македонската влада и да ја соочат јавноста со вистината дека Кежаровски е осуден и без докази и вина лежи во притвор. Но, тогаш, како што додава Димитровски, биле соочени со големо полициско присуство и биле спречени да дојдат до музејот.

Пред една година полицијата насилно ги спречи новинарите да протестираат пред Музејот на ВМРО.

Пред една година полицијата насилно ги спречи новинарите да протестираат пред Музејот на ВМРО.

„Еве, една година подоцна, повторно сме тука да потсетиме дека нашиот колега Кежаровски е сè уште во притвор, иако во домашен притвор, сепак физичките услови не се единствени што определуваат дали е некој во притвор. Сакаме да истакнеме дека борбата за слобода и за човечки правдини сè уште продолжува. Знаеме дека на овој ден на основањето на историската ВМРО всушност тоа беше идејата, мислата и агендата за борба, борба за слобода и за човечки правдини. За жал денешната власт не ги почитува тие идеали на ВМРО“, вели тој.

Мислам дека тоа ќе го увидат апелациските судии, не се сомневам во нивната експертиза и професионалност, единствено во што може да се сомневам е во тоа дали ќе има политички притисок да постапат поинаку.

Димитровски потенцира дека се собрале и да го повикаат Апелациониот суд, кој утре има рочиште за жалбата на Кежаровски, да суди според законот и правото, односно да се ослободи од политичкиот притисок и да покаже храброст и професионалност. Тој го повика судот да донесе правична одлука со која ќе го ослободат Кежаровски од притвор.

„Сакам да верувам дека нема да се потврди првостепената пресуда, напротив, поради фактот што нема ниту еден доказ за обвинението за коешто првостепено е осуден Кежаровски. Мислам дека тоа ќе го увидат апелациските судии, не се сомневам во нивната експертиза и професионалност, единствено во што може да се сомневам е во тоа дали ќе има политички притисок да постапат поинаку, но јас токму затоа ги повикав да се охрабрат и да не му подлегнат на политичкиот притисок“, вели Димитровски.

Меѓународната федерација на новинари и Европската федерација на новинари пред рочиштето на Апелациониот суд порачаа дека македонските власти мора да осигураaт дека сите „апсурдни“ обвиненија против Кежаровски се отфрлени, така што правото и слободата на изразување ќе превагнат.

„Бараме правдата да е спроведена и Томислав да може да излезе од овој кошмар како слободен човек“, рече претседателот на Федерацијата Џим Боумела.

Од Репортери без граници исто така повикаа Кежаровски да биде ослободен и порачаа дека заштитата на истражувачките новинари е услов кој Македонија треба да го оствари за членство во ЕУ. Кежаровски е осуден на 4,5 години затвор и се наоѓа во домашен притвор.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG