Достапни линкови

Млад прилепчанец - трча, работи, а излез нема


Tрајче Шерифоски од Прилеп.

Tрајче Шерифоски од Прилеп.

Трајче Шерифоски и неговиот малолетен брат, се деца без родители и живет во супстандардни услови. Бараат помош, оти како што вели Трајче, за нив нема излез.

Дваесет и тригодишното момче Трајче Шерифоски, од ромската населба Тризла во Прилеп, ја живее својата лична драма на дете без родители. Тој и брат му Шериф, биле малолетни, немоќни деца кога останале без мајка и татко. И дотогаш живееле тежок, мачен живот на семејство кое едвај се прехранува, но барем имале заштита над главите. Никогаш немале доволно пари за храна, а не за облека, смрзнувале во долгите зими. Трајче се сеќава како од рани изутрини со малку облека на себе, трчал по прилепскиот пазар за да ја дотурка количката и да заработи пари за да имаат храна на трпезата тој ден.

Се плашам куќата е стара, гредиве не се во ред, може да пукне, да падне, барем ако може од граѓаните нешто да се помогне, јас тоа го барам, оти и јас сакам да си бидам како човек, колку можам работам, трчам, се трудам, ама нема излез.

„Им помагав во чаршија на луѓето што доаѓаа од селава, сирење што си продаваа, пиперки, ќе си пазаревме и до автобуска ги носевме, како малечки од тоа се прехранувавме. Земавме социјално, 1500 денари, кога почина татко ми, јас почнав да си барам работа, значи немаше за нас двајцата, за мене и мојот брат излез“, се сеќава ова 23 годишно момче.

По смртта на родителите, започнал сурова битка со животот, заработува 5.000 денари во приватна пекара, од таму добива и леб, но сепак половина плата му ја дава на братот, 17 годишниот Шериф, за да стане бравар. Тој учи во средното училиште за рехабилитација на деца со посебни потреби во Штип. За да опстанат некако во месецот, Трајче ги пребарува секој ден контејнерите во градот, собира метал и со својот велосипед без гуми, само со метални бандажи уморен се враќа дома на крајот од денот. Но, во руинираната куќа, дува од сите страни, таванот паѓ, едната соба во силните дождови од јануари со дел од покривот е срушена. Но, пред стартот на оваа зима стравот е уште поголем, да не сруши врз нив, додека спијат.

Доколку наидат на проблеми за сместување, односно за прибирање во текот на зимата, значи имаме укажувања и сме расоложени околу изнаоѓање на одреден простор под наем, за што исто така ќе биде на товар на Центарот за социјална работа.

„Се плашам куќата е стара, гредиве не се во ред, може да пукне, да падне, барем ако може од граѓаните нешто да се помогне, јас тоа го барам, оти и јас сакам да си бидам како човек, колку можам работам, трчам, се трудам, ама нема излез“, се моли Трајче.

Од Центарот за социјална работа во Прилеп, велат дека согласно законските регулативи за социјална помош и семејство, малолетниот брат Шериф којшто има старател добива одреден надоместок, социјална помош, а во лето и за време на распуст посебен додаток.

„Во соработка значи и со старателот и со тимот за старателство, доколку наидат на проблеми за сместување, односно за прибирање во текот на зимата, значи имаме укажувања и сме расоложени околу изнаоѓање на одреден простор под наем, за што исто така ќе биде на товар на Центарот за социјална работа, затоа што ваквите деца доколку немаат сопствено живеалиште имаат право и на домување“, акцентира директорката Снежана Јованоска.

Таа вели дека на чичкото, старател му е исплатена одредена сума за санација на куќата,но се уште не им се комплетирани документите, да добијат дополнителни средства за елементарна непогода. Јованоска, ветува дека ова семејство ќе биде во првите деца без родители кои ке добијат стан во зградата во изградба, наменета за домување на семејства, кои се соочуваат со сериозни социјални проблеми.

  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG