Достапни линкови

Власта го релативизира проблемот со слободата на медиуми


Јавна дискусија за Извештајот од Европската комисија за напредокот на Република Македонија за 2014 година.

Јавна дискусија за Извештајот од Европската комисија за напредокот на Република Македонија за 2014 година.

Сè додека власта го игнорира и релативизира проблемот со слободата на медиуми, реално не можеме да ги придвижиме работите напред, велат новинарите.

Не можеме да ја смениме медиумската слика во општеството со средби, туку со реални промени на терен, во редакциите во медиумите, во јавноста. Оваа е пораката која претставниците на медиумските организации му ја упатија на вицепремиерот за европски прашања Фатмир Бесими на денешната јавна дебата посветена на извештајот на Европската комисија за напредокот на нашата земја, особено во делот на забелешките за медиумите.

Почетокот на градењето на доверба за која овде се пледира треба да почне со препознавање на проблемот. Сè додека тоа се игнорира, сè додека се релативизира проблемот со некакви текстови каде што се набројуваат проопозициски медиуми, ние реално не можеме да ги придвижиме работите напред.

„Почетокот на градењето на доверба за која овде се пледира треба да почне со препознавање на проблемот. Сè додека тоа се игнорира, сè додека се релативизира проблемот со некакви текстови каде што се набројуваат проопозициски медиуми, ние реално не можеме да ги придвижиме работите напред“, изјави Тамара Чаусидис од Синдикатот на новинари и медиумски работници.

Потенцирајќи ја важноста на јавните дебати и партнерскиот однос меѓу институциите и релевантните чинители во сферата на медиумите, министерот Бесими изјави дека не ги игнорираат проблемите и дека се обидуваат да ги решат.

Ние не ги игнорираме овие работи, напротив, седнуваме да ги решиме и ниту ги минимизираме дека се едноставни и лесни.

„Ние не ги игнорираме овие работи, напротив, седнуваме да ги решиме и ниту ги минимизираме дека се едноставни и лесни“, рече Бесими.

Токму фактот што досега Владата не призна дека имаме сериозен проблем со слободата на медиумите беше доволна индикација за Билјана Петковска од Македонскиот институт за медиуми да се посомнева во искреноста на министерот околу партнерскиот однос меѓу власта и медиумските организации.

„Наместо денеска да ги дискутираме проблемите истакнати во извештајот на ЕУ, многу подобро ќе беше доколку во континуитет владата и сите одговорни на ниво на институциите во државата досега континуирано одржуваа таков партнерски однос со сите“, изјави Петковска.

Потенцирајќи ги негативните критики за слободата на изразување во извештајот, особено во делот на притисоците врз новинарите и владините кампањи, Драган Секуловски од Здружението на новинари потенцираше дека Македонија има сериозен проблем со слободата на изразување.

„Постои сериозна загриженост за контрола на владата врз јавните институции и медиумите“, рече Секуловски.

На конкретно прашање дали вицепремиерот Бесими ќе најде некаков инструмент и да побара новинарот Томислав Кежаровски чија пресуда се очекува во петок, да биде ослободен, Бесими со одговор:

„Во никој случај не можам да дадам такво ветување дека на кој било начин би влијаел врз судството“, рече Бесими.

На дебатата стана збор и за последните закони за медиуми, кои според претставниците на медиумските организации, само ја уназадуваат состојбата со медиумите. Она што беше потенцирано е дека не е проблем законодавството во оваа сфера, туку селективноста на спроведувањето на медиумските закони.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG