Достапни линкови

Ритамот и звучните пејзажи на шестиот ДЕ:СОНАНЦ


Со учество на познати германски и домашни артисти како Опиум Хам, триото „Бранд Брауер Фрик“ и други, на неколку локации во Скопје, од 22 до 26 октомври, ќе се одржи шестото издание на Фестивалот за електронска музика и медиумска уметност ДЕ:СОНАНЦ зад чија организација стојат Гете-институт - Канцеларија за врски, Скопје, НВО Домино и од годинава колективот БИТКРЕШ.

Шестото издание на Фестивалот за електронска музика и медиумска уметност ДЕ:СОНАНЦ ќе започне во Кинотека на Македонија со прикажувањето на најдобрите музички видеа од Германија за 2014 година. Овие дела пред неколку месеци беа премиерно претставени на Фестивалот за краток филм во Оберхаузен.

Големото финале на шестото издание на ДЕ:СОНАНЦ е планирано да се држи на 25 октомври во клубот Станица 26. Овде покрај настапите на локалните артисти Томи Бојаџи и Ултериор, публиката ќе има несекојдневна можност да го проследи концертот на еден од најактуелните и најпопуларни бендови од Германија, триото БРАНД БРАУЕР ФРИК.

Освен тоа, публиката на отворањето на манифестацијата ќе има можност да проследи и селекција од 13 популарни, експериментални, политички и субверзивни, но пред сè забавни видеа од изминатите 15 години, кои се издвојуваат со својата посебност наспроти едноличноста на стандардните музички клипови направени за комерцијални телевизиски потреби.

Бранд Брауер Фрик.
Бранд Брауер Фрик.

Истата вечер, на 22 октомври, некаде по полноќ, во Капан ан, еден од најактивните и најиновативните електронски музички колективи во земјава - БИТКРЕШ ќе започне и со промоцијата на годинашната музичка програма. Наедно со свој сет ќе се претстави и германскиот артист Опиум Хам. Неговите фантастични звучни пејзажи проширени со длабоки и менливи ритми создаваат состојба што може да се опише како „сон на јаве“, а врз нив совршено ќе се надоврзат мрачните и моќни техно звуци на ЕНШНТ МЕТОДС. Секако стартната понуда не би била комплетна без сетовите на Марчин и Андреас Херц од БИТКРЕШ специјално подготвени за ова фестивалско издание, како и без визуелизациите на веќе реномираното виџејско дуо од Скопје - Лејзи Кидс Вижуалс.

Идејата е нивна и тие извонредно многу се заложија за воспоставувањето на ваквите плодни контакти помеѓу тамошните и домашните музичари.
Бојан Станишиќ, НВО Домино.

Ден потоа во Отвореното графичко студио на Музеј на град Скопје почитувачите на Берлинската музичка сцена ќе имаат единствена можност да ја проследат панел-дискусијата во која учество ќе земе еден од нејзините најактивни и најпрогресивни членови Михаил Штангл, алијас Опиум Хам. За него се знае дека еден од најзаслужните за основањето на Boiler Room Берлин, како и ко-куратор на фестивалот CTM (Клуб Трансмедиале). Тој ќе ги сподели своите искуства со локалните артисти, колективи и фанови и ќе го претстави своето видување на електронската музика што потекнува од Берлинската сцена.

Големото финале на шестото издание на ДЕ:СОНАНЦ е планирано да се држи на 25 октомври во клубот Станица 26. Овде покрај настапите на локалните артисти Томи Бојаџи и Ултериор, публиката ќе има несекојдневна можност да го проследи концертот на еден од најактуелните и најпопуларни бендови од Германија, триото БРАНД БРАУЕР ФРИК. Станува збор за дружина која ја фасцинира публиката ширум светот со својот уникатен звук добиен со симбиоза на класични инструменти и електроника. За нивната музика се вели дека е „провокативна, понекогаш и контрадикторна, дека всушност и тешко може да се опише, но дека е грандиозна кога ќе се доживее“.

„Врската помеѓу германската и македонската електронска сцена е по заслуга на Гете институт – Канцеларија за врски која што функционира во Скопје последниве седум-осум години. Идејата е нивна и тие извонредно многу се заложија за воспоставувањето на ваквите плодни контакти помеѓу тамошните и домашните музичари, меѓутоа главната цел на ДЕ:СОНАНЦ како Фестивал за електронска музика и медиумска уметност не е само таквото потесно поврзување, туку пред сè афирмација на музиките на артистите кои ѝ припаѓаат на современата македонска електронска сцена“, истакнува Бојан Станишиќ од НВО Домино, партнерите во организацијата на Фестивалот.

Тој дополнува дека во текот на изминативе години, благодарение на тоа што ДЕ:СОНАНЦ обрнува исклучително внимание на визуелизацијата на настаните, сега безмалку сите перформанси независно од жанровската припадност се збогатени со присуството на виџеите и нивните имагинации, со што, како што вели „им ги отвориле очите на домашните промотери, или барем на оние кои држат до себе“.

Кон ова само уште информацијата дека графичкото решение за плакатот и другите визуелни материјали на шестото издание на ДЕ:СОНАНЦ е дело на познатата македонска дизајнерка Руки.

И уште нешто, влезот за настаните во Кинотека на Македонија и за дискусијата во Отворено графичко студио на Музеј на град Скопје е слободен, а билетите за перформансите во Капан ан и Станица 26 се по 300, односно 200 денари и ќе се продаваат на самиот влез од клубовите.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG