Достапни линкови

Путин и Меркел со различни ставови за Украина


Путин во Милано
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:43 0:00

Путин во Милано

Германската канцеларка Ангела Меркел и рускиот претседател Владимир Путин имале големи разлики околу причините и последиците од конфликтот во Украина, соопшти Кремљ.

Дипломатскиот блиц напад на Владимир Путин околу Украина, според новинските агенции, почнал цврсто кога синоќа тој ја оставил германската канцеларка Ангела Меркел да чека на состанокот со него, а потоа влезе на средината на вечерата со европските и азиските лидери.

Путин со серијата средби во Милано на маргините на самитот на Европската унија и Азија се надева на олеснување на санкциите воведени по руската анексија на Крим и поддршката на проруските сепаратисти во Украина.

Загревањето со средбата со Меркел беше планирано пред вечерата со лидерите, но Путин доцнеше од Белград откако србите, како што оценуваат некои новински агенции, му приредиле долга парада во негова чест.

Русија секогаш беше сигурен извозник на гас. Ние секогаш имавме доволно ресурси за снабдување на нашите потреби, како и на нашите клиенти во Европа и Азија. Но, постојат големи ризици во транзитот.

По средбата со Меркел, официјална Москва соопшти дека Путин и германската канцеларка имале сериозни разлики во ставовите за конфликтот во Украина.

„Се уште постојат сериозни разлики во врска со потеклото на украинскиот внатрешен конфликт, како и со корените на она што сега се случува таму“, го цитираат руските медиуми Дмитри Песков, портпаролот на Путин.

Меркел пред самитот во Милано изјави дека е Русија таа која на крајот треба да каже дали договореното примирје навистина се почитува. Меркел во Милано имаше средба и со украинскиот претседател Петро Порошенко кој изјави дека очекува резултатот од состаноците во Милано да биде мирот и стабилноста во Украина.

Претходно во Белград Путин изрази надеж дека разговорите во Италија ќе помогнат во решавањето на спорот со цената на гасот меѓу Русија и Украина.

Повеќето од рускиот гас со кои се снабдуваат земјите во Европа минува низ гасоводите во Украина, а Путин предупреди дека Русија би можело да го прекине снабдувањето за Европа како што беше пред шест години.

„Русија секогаш беше сигурен извозник на гас. Ние секогаш имавме доволно ресурси за снабдување на нашите потреби, како и на нашите клиенти во Европа и Азија. Но, постојат големи ризици во транзитот. Ако видиме дека нашите украински партнери, исто како и во 2008 година, започнат да го пренасочуваат гасот без дозвола ние ќе го намалиме обемот за количеството на украдениот гас. Се надевам дека ќе го надминеме овој проблем што е можно поскоро.“

Изјави Путин во Белград.

Србија одби да ги спроведе западните санкции против Русија и покрај притисокот на Европската унија на која Србија сака да и се приклучи.

Како и да, велат експертите, Белград се уште има време за тоа со оглед на фактот што Унијата не планира проширување пред 2020 година.

Како одговор на европските санкции кон Москва, Путин вети руски инвестиции во Србија.

„За земји како Србија ова е добра можност да ја најдат својата позиција на нашипт пазар. Затоа руските компании се подготвени да инвестираат во српското земјоделство. Секако тоа можеме заедно и со компании од Западна Европа“, рече Путин.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG