Достапни линкови

logo-print

Невработеноста најголема закана за Пласница


Пуштено во употреба реновираното основно училиште „Мустафа Кемал Ататурк“ во Општина Пластиница.

Пуштено во употреба реновираното основно училиште „Мустафа Кемал Ататурк“ во Општина Пластиница.

Во Пласница неодамна беше пуштено реновираното основно училиште, но сега во него учат помалку ученици во споредба со претходно. Луѓето се иселуваат. Невработеноста е главен проблем, но нема ни канализиација, чиста вода за пиење, добри патишта, општинската каса е блокирана.

Мустафа Мифтароски од селото Пласница патиштата на животот го однеле пред две децении во Италија. Отсуството на оптимални животни услови, недостигот на работа и економската стагнација, а од друга страна желбите и потребите за подобар живот се причини што и денес не може да се врати во родното место.

Ние сме веќе 20 години во Италија. Моите деца, внуци, кој е во Австрија, кој во Германија, некои во Италија, тука нема никој.

„Ние сме веќе 20 години во Италија. Моите деца, внуци, кој е во Австрија, кој во Германија, некои во Италија, тука нема никој“, вели Мифтароски.

Тој дошол од Италија да присуствува на веселбата и да ја подели радоста со другите жители, зашто деновиве во Пласница беше пуштено во употреба реновираното општинското училиште „Мустафа Кемал Ататурк“. На свеченоста присуствуваа речиси сите жители од општината со четири населени места. Сите беа пресреќни што Пласница сега има убава училишна зграда.

Зградата на Општина Пласница.

Зградата на Општина Пласница.

„Како беше, катастрофа, ова кругов прашина, децата не можеа да учат, сала спортска немаше, немаше децата каде да учат, ни кошарка, ништо, ама еве се направи сега школово, да ти е милина“, вели Иса Јаоски од Пласница.

Бараме финансиска помош и бараме инфраструктурно да помогнат со улици, со водоводи. Има вода, но немаме доволно чиста вода за пиење, немаме канализација, немаме добри улици, добри патишта.

„Порано беше старо школово и сега се реновира од страна на Тика, благодарение на неколку луѓе што беа активни, да го активираат ова нешто и да го доведат до овој степен“, рече Мехтија Димкоски од Кичево.

Во училиштето реновирано со околу 300 илјади евра од турската влада преку агенцијата ТИКА, сега учат 430 ученици.

„Тоа беше веќе руинирано, заедно со внатрешните простории, со санитарните јазли, во координација со локалната власт успеавме во јуни месец, за два месеца овој значен проект да го завршиме за нецели 60 дена“, вели Ѓулер Шабаноски“, директор на училиштето Мустафа Кемал Ататурк во село Пласница.

Исмаил Јаоски, градоначалник на општина Пласница.

Исмаил Јаоски, градоначалник на општина Пласница.

Во ова училиште пред неколку години учеа повеќе ученици, поточно 930, но сега тие се школуваат во европските училишта, бидејќи стотици семејства од општината заминаа поради неповолните услови за живот и работа во Пласница. Локалната власт вели дека најголема закана за Општината е невработеноста. Но, првин мора да се решат бројните комунални проблеми, како услов за економски развој.

„Бараме финансиска помош и бараме инфраструктурно да помогнат со улици, со водоводи. Во Општина Пласница има четири населени места, а ние имаме проект за Питран изворот, значи има вода, но немаме доволно чиста вода за пиење, немаме канализација, немаме добри улици, добри патишта“, посочува градоначалникот Исмаил Јаоски.

Тој со 14-те други вработени во општинската администрација петта година се соочува со сериозни проблеми. Општината фунционира во претеши услови. Сметката е блокирана за побарувања од 300 илјади евра, често се исклучува од електромрежата, вработените ги користат своите приватни телефони за службени цели, а мотивот на сите им е еден, Општина Пласница да се развива.

Годишен општински буџет од 5 милиони денари е многу мал, за да се исплатат извршните решенија, без помош од Владата, како што вели Јаоски, локалната самоуправа не ќе може да ја одблокира сметката. Пари се собираат од наплата на ДДВ и данок на имот, но и тие околу 800 илјади денари годишно при 100 отсто наплата, што не е можно во ниту еден случај, не се доволни за да се исплатат старите долгови. Затоа тој отворено повикува и бара помош од Владата за опстанок на Општината со околу 6.500 жители, најмногу од турска националност.

  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG