Достапни линкови

Дневен печат - загаден воздух, фудбал, корупција


Загаденоста на воздухот, инцидентите на фудбалскиот натпревар во Белград, корупцијата, Нимиц, се само дел од темите за кои анализираат весниците.

„Загадувањето ја престигна грејната сезона - квалитетот на воздухот деновиве забрзано им бега на ЕУ- стандардите. Тетово годинава е убедливо најзагаден град, а заедно со Скопје и Сараево се меѓу „фаворитите“ во европската трка кон аерозагадувањето“ - објавува Утрински во два броја по ред.

Загадувањето ја престигна грејната сезона - квалитетот на воздухот деновиве забрзано им бега на ЕУ- стандардите.
Утрински весник.

„Нечистиот воздух газда во Скопје“ - забележува Дневник, а истиот весник објавува и дека „Макстил и Југохром најверојатно престануваат со работа на 1 ноември“. Макстил, инаку, требаше да биде затворен уште на 1 април годинава, ама надлежното министерство му го продолжи рокот зашто инсталирањето филтри за прочистување барало многу време.

Утрински објави и анализа за тоа дали и колку плаќаат загадувачите при што е утврдено дека наместо 3,5 милиони евра од налози за екодозволи, прекршочни глоби или од увоз на отпадоци, во ресорното министерство во 2012 година се уплатени помалку од 10.000 евра!

На знамето развеано над стадионот со беспилотно летало во Белград се најде и половина Македонија.
Дневник.

Инаку, се чини дека она што се случи во Белград на фудбалскиот натпревар меѓу репрезентациите на Албанија и Србија покажа колку се кревки меѓуетничките односи на Балканов: „Хаос на стадионот во Белград“ - наслови Дневник, „Фудбалска искра запали политички оган“ - наслови Утрински, кој едновремено оценува дека „Инцидентот е тест и за меѓуетничките односи во земјава“. Дневник во друг број објави дека „на знамето развеано над стадионот со беспилотно летало во Белград се најде и половина Македонија“ и констатира дека „е жртвуван фудбалот за да ја развеат Голема Албанија“.

Промоција на Извештајот за проценка на корупцијата во Македонија.
Промоција на Извештајот за проценка на корупцијата во Македонија.

„Антикорупциска нула“, ја насловува Слободен печат информацијата од собирот за проценка на корупцијата во земјава, додавајќи дека „во земја во која најголемата инвестиција, проценета на стотици милиони евра се вика мито, во која корумпирана тендерска коалиција владее така што масовно, јавно ги поткупува гласачите нема ниеден осуден за таков криминал“. Утрински го цитира американскиот амбасадор Волерс кој изјави дека е тажно што во Македонија лани никој не бил осуден за корупција, а Вечер регистрира: „Во економијата цвета корупцијата - годишно 64 милиони евра одат за поткуп!“

Нимиц на крајот на месецов доаѓал со предлог за името: Република Горна Македонија, за јазикот македонски, а народот ќе бил „граѓани на Горна Македонија“.
Слободен печат.

Слободен печат од свои извори дознава дека Нимиц на крајот на месецов доаѓал со предлог за името: Република Горна Македонија, за јазикот македонски, а народот ќе бил „граѓани на Горна Македонија“. Но, сево ова го насловува со знак прашалник. Дневник, од друга страна, го пренесува пишувањето на грчки Катимерини дека „Атина и Скопје официјално не добиле никаков нов предлог за името“.

За крај, можете ли да си замислите толкава граѓанска солидарност како во Даблин? За покачување од стотина евра годишно на сметките за вода, што го планирала владата со новиот ирски буџет, 50.000 даблинци излегле на протести!

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG