Достапни линкови

Путин во Србија меѓу Русија и ЕУ


Рускиот претседател Владимир Путин е почесен гостин на денешната воена парада во Белград по повод 70 годишнината од ослободувањето на градот. Оваа посета, според оценките, е полна со симболизам со оглед на тоа што Србија оди на работ меѓу Европа на која сака да и се приклучи и големата сила која не може да ја остави.

Соединетите држави и Европската унија неволно гледаат во слика на која рускиот претседател Владимир Путин ја поздравува парадата на неколку илјади српски војници во Белград.

Станува збор за прва воена парада во Србија во изминативе 30 години, а е во чест на ослободувањето на Белград во Втората светска војна.

Во тоа југословенските партизани имаа голема помош од тогашната советска Црвена армија.

Тоа што парадата се одржува четири денови пред традиционалниот ден на ослободувањето на Белград, 20 октомври, според критичарите, претставува своевиден поданички гест на Србија со оглед на тоа што Путин по Белград веднаш оди на самитот на Европската унија и Азија во Милано.

За нас 70 годишнината од ослободувањето на Белград е многу важен настан. Ние не се срамиме од нашите гости и сакаме да имаме добра соработка и со Руската федерација. Но, ви повторувам дека и пред претседателот Путин ќе кажам дека Србија се наоѓа на европскиот пат.

„За нас 70 годишнината од ослободувањето на Белград е многу важен настан. Ние не се срамиме од нашите гости и сакаме да имаме добра соработка и со Руската федерација. Но, ви повторувам дека и пред претседателот Путин ќе кажам дека Србија се наоѓа на европскиот пат.“

Изјави српскиот премиер Александар Вучиќ. И покрај желбата на Србија да стане членка на Европската унија, врските меѓу Белград и Москва се зацврстија откако Унијата воведе санкции против Русија за анексијата на Крим и за поддршката на сепаратистите во источна Украина.

Вучиќ за Радио Слободна Европа нагласи дека неговата земја се соочува со тешкотии бидејќи треба да балансира меѓу Русија и Европската унија.

„Ние не сме дел од Европската унија и никој не побара да воведеме санкции против Русија, па зошто да го правиме тоа сега?, праша Вучиќ.

За Србија, руското вето во Советот за безбедност на Обединетите нации е единствената пречка на патот на Косово да стане членка на Светската организација, белградската црвена линија откако косовските албанци, со поддршка на Западот, прогласија независност од Србија.

Белград го омекна својот став околу ова прашање во замена за почеток на преговорите со Унијата, а Западот оттогаш на Србија гледа како на стабилизирачки фактор во регионот кој десетина години беше зафатен со војни.

Од друга страна, воената парада во Белград е добредојдена и за Путин, особено дома каде што руската економија почна да ги чувствува западните санкции.

Србија како и повеќето источноевропски земји зависат од рускиот гас, но и намигнувнаат на можноста од поголем извоз на производи за Русија.

Сето ова прави Белград да се обидува да ги пречекори и Истокот и Западот, трик кој успешно го одигра поранешниот југославенски претседател Јосип Броз Тито за време на Студената војна. Но, аналитичарите сметаат дека, по паѓањето на Берлинскиот ѕид, тоа не е оди така лесно.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG