Достапни линкови

Предрасудите кон Ромите поизразени кај возрасните


Ученици од Основното училиште „Толи Зордумис“ од Куманово.

Ученици од Основното училиште „Толи Зордумис“ од Куманово.

Предрасудите постојат, а тие најмногу се манифестираат преку говорот и во изразите, вели Ирфан Мартес од Националниот ромски центар од Куманово. Тој додава дека невозможно е целосно да исчезнат стереотипите, но се работи на тоа да се изврши влијание кон нивното намалување.

Кумановските Роми се горделиви, но предрасудите кон нив од останатите етнички заедници постоеле, постојат и ќе постојат, вели Ирфан Мартес од Националниот ромски центар од Куманово.

Целта е не само Ромите да покажат дека се горди на себе, туку и Македонците да ги увидат вредностите и добрите страни кај Ромите и тие да бидат горди на нив.

За надминување на стереотипите и реториката, невладиниот мултиетнички сектор реализира проекти во кои се вклучени младите и основците, кои во соработка со возрасните меѓусебно се запознаваат, а потоа другаруваат, се посетуваат и почитуваат. И додека некој од повозрасните Роми ќе забележи дека припадниците од оваа етничка заедница во повеќето случаи се дискриминирани, неколку основци од Основното училиште „Толи Зордумис“ велат дека немаат никакви предрасуди едни кон други.

Ирфан Мартес од Националниот ромски центар од Куманово.

Ирфан Мартес од Националниот ромски центар од Куманово.

„Целта е не само Ромите да покажат дека се горди на себе, туку и Македонците да ги увидат вредностите и добрите страни кај Ромите и тие да бидат горди на нив. Мотото е и „Надминете ги предрасудите и запознајте ги Ромите“. Предрасудите постојат, а тие највеќе се манифестираат преку говорот, во изразите. Она што остана од старите „краде или лаже како Циганин“. Тоа е само едно делче од стереотипите“, забележува Мартес.

Ромите се добри за дружење, дружељубиви се. Ние учиме со едно Ромче, зборуваме за нивните празници, обичаи.

Тој додава дека невозможно е целосно да исчезнат стереотипите, но се работи на тоа да се изврши мало влијание кон нивното намалување.

РСЕ: Како звучи ако се каже дека пее убаво како Циган или весел е како Циган?

„Да, ама сите Цигани не се пеачи. Тоа е едно од најчестите стереотипи и предрасуди, а тоа поттикнува и дискриминација“, вели Мартес.

Меѓутоа, основците Тамара, Ивана и Денис сметаат дека има некои од нивните врсници или возрасни луѓе кои со предрасуди гледаат кон Ромите, што не е случај со нив.

„Ромите се добри за дружење, дружељубиви се. Ние учиме со едно Ромче, зборуваме за нивните празници, обичаи.“

„Не, јас искрено немам предрасуди, не ми е важно дали некој е Ром или Албанец. Ако тој е добар со мене и јас сум со него. Мајка ми знае многу Роми, јас се дружам со нивните деца, а сум била и на ромска свадба.“

„Најмногу ми се допаѓа музиката, сите што ги познавам имаат слух и убаво пеат, поради што и нацртав Ромка како игра.“

„Јас учам во македонско училиште и се дружам со Македонци, со Срби, со сите“, раскажуваат Тамара Ивановска, Ивана Стојановска и Денис Асановски.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG