Достапни линкови

Власта без волја за слободни медиуми


Македонија сака да биде полноправна членка на ЕУ и да ги прифати основните вредности како што е слободата на печатот, но јас во моментот се сомневам во политичката волја за тоа, вели извршниот директор на „Репортери без граници“, Кристијан Мир.

Македонија да ја прифати слободата на печатот во согласност со меѓународните стандарди, да не постојат заплашувања на новинарите и медиумите, да постои транспарентност на јавните огласи, да се демократизира нацрт-законот за медиуми, а Владата да донесе одлука новинарот Томислав Кежаровски безусловно да биде пуштен на слобода. Овие се главните точки кои според извршниот директор на „Репортери без граници“, Кристијан Мир се најважни за подобрување на медиумската слика во земјава.

Македонија сака да биде полноправна членка на Унијата и да ги прифати основните вредности како што е слободата на печатот. Но јас во моментот се сомневам во политичката желба за тоа.

На дебатата посветена на слободата на говорот и изразувањето, Мир потсети на драстичниот пад од 82 места по индексот на слобода на печат. Иако изрази задоволство од тоа што во последниот извештај за напредокот на земјата, Европската комисија се фокусира на прашањето за слободата на медиумите, сепак истакна дека нивната организација не може да направи поголемо влијание врз медиумскиот простор освен да врши постојан притисок во јавноста.

Архивска фотографија: протест на новинарите

Архивска фотографија: протест на новинарите

Не станува збор само за тоа дека медиумите се под шаката на власта, станува збор за судство што селективно одлучува под влијание на извршната власт и станува збор за тоа дека ние имаме некој си Совет за радиодифузија во којшто според закон треба да има еден член од невладин сектор, таков член не постои.

„Колку што знам Македонија никогаш не се откажа од политичката волја за зачленување во Европската унија. Македонија сака да биде полноправна членка на Унијата и да ги прифати основните вредности како што е слободата на печатот. Но јас во моментот се сомневам во политичката желба за тоа. Важна задача за македонската Влада е да ги исполни сите барања од извештајот, а не да не се враќа назад“, речи Мир.

Од Хелсиншкиот комитет за човекови права истакнаа дека најголемиот проблем во Македонија е апсолутната окупација на медиумскиот простор од страна на власта. Истакнаа дека законот за медиуми не смее да се прифати, оти тој значел засилување на цензурата и автоцензурата, како и согласување со се што ни се случува во општеството.

„Не станува збор само за тоа дека медиумите се под шаката на власта, станува збор за судство што селективно одлучува под влијание на извршната власт и станува збор за тоа дека ние имаме некој си Совет за радиодифузија во којшто според закон треба да има еден член од невладин сектор, таков член не постои“, изјави Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Власта е секогаш спремна. На нашиот синдикат, ќе ни формираат нов, имаме една асоцијација, ни формираат друга, ако излеземе на протести, нема да ни направат штрајкбрехери, туку ќе ни направат контра-протести.

Џабир Дерала од невладината организација Цивил, пак, потенцира дека судските власти во земјава изрекуваат драконски казни за новинарите во, како што рече, политички мотивирани случаи, а медиумите се речиси во потполна контрола на власта.

Никој не може да ни помогне, ако самите не се избориме за нашите права, истакна новинарот Ацо Кабранов, според кого новинарската фела во земјава е премногу молчалива.

„Сè додека молчиме ќе добиваме одговор и тоа е вистинскиот одговор од ЕБУ дека „вие треба да си го решите проблемот“, ако не откажете се од професијата“, вели Кабранов.

Со сличен став и новинарот Синиша Станковиќ, според кого не се доволни само дебати на кои ќе бидеме домаќини на гости кои ни мислат убаво и кои не советуваат што треба да правиме, оти чаре од тоа нема.

„Власта е секогаш спремна. На нашиот синдикат, ќе ни формираат нов, имаме една асоцијација, ни формираат друга, ако излеземе на протести, нема да ни направат штрајкбрехери, туку ќе ни направат контра-протести“, вели Станковиќ.

Јасно илустрирајќи ги состојбите во медиумскиот простор во земјава, Петрит Сарачини од Македонскиот институт за медиуми заклучи дека излез од состојбата може да бидат поизразениот активизам, идни коалиции меѓу медиумските невладини организации, повеќе медиуми кои ќе пласираат истражувачки приказни, саморегулација на медиумите и почитување на етичките кодекси на известување, како и повеќе инвестиции во независните медиуми.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG