Достапни линкови

Биосферата во Охрид и Преспа под капата на УНЕСКО


Регионот на Охрид и Преспа во Македонија и во Албанија е 14-ти прекуграничен биосферен резерват во светот кој влегува под капата на заштита на УНЕСКО.

Регионот на Охрид-Преспа во Македонија и Албанија е 14-ти прекуграничен биосферен резерват во светот кој влегува под капата на заштита на УНЕСКО. Во албанскиот град Корча беше извршена официјалната инаугурација каде на министрите за животна средина на двете држави и официјално им беше предаден сертификатот.

Економскиот развој е во прв план, а тоа е брендирање на разни производи кои се произведуваат овде како што се ресенските јаболка, медот и други, како и развој на туризмот.
Стево Темелковски, заменик министер за животна средина.

Ова ќе ги отвори вратите за побрз и посилен економски просперитет на регионот околу Охридското и Преспанското Езеро, но ќе овозможи и полесна комуникација помеѓу двете страни од границата, рече Стево Темелковски, заменик министер за животна средина на Македонија.

„Прекуграничниот био резерват се случи низ една процедура на УНЕСКО, односно низ нивната програма - Човек и био сфера. Се работи на заштита на природните ресурси, но на начин каде што се бара баланс помеѓу економскиот развој на човекот и заштита на биосферата. Економскиот развој е во прв план, а тоа е брендирање на разни производи кои се произведуваат овде како што се ресенските јаболка, медот и други, како и развој на туризмот“, рече Темелковски.

За нас ова значи не само предавање на сертификат за регионот, туку и обврска за понатамошна работа со цел да се знае повеќе за бенефитите кои ќе ги има регионот од овој статус.
Дијана Бејко, заменик министер за животна средина на Албанија.

Уште во 2002 година започна импелементацијата на овој проект, а потоа беше изработена номинациона форма која беше предадена во УНЕСКО во јуни 2013 година.

Дејан Пановски претставник на Македонија во овој проект, рече дека сега најважната цел е да се направи менаџмент план за управување со биосферниот резерват.

„Целата оваа активност најмногу ја има компонентата на промоција и на туризмот, промоција на еден регион кој има уникатни вредности. Една од главните компоненти ќе биде негова промоција во светот и привлекување на еден нов вид на туристи кои ќе дојдат во регионот, а кои ќе се поврзани со уникатните вредности и кои ќе донесат една нова елита на туристи“, рече Пановски.

И Грција треба да е дел од овој проект, но поради политички причини грчката страна за сега е настрана од него. Пановски вели дека Грција може да се приклучи тогаш кога ке реши.

„Оставен е простор и грчката страна кога ќе почуствува момент дека може да се приклучи, да биде приклучена во биосферниот резерват. Се работи за еден мал дел на грчката страна кој е дел од сливното подрачје“, рече Пановски.

Пред нас се многу други работи за унапредување на охридскиот регион кој има посебен статус на УНЕСКО, рече Дијана Бејко, заменик министер за животна средина на Албанија.

„За нас оваа работа беше не само долга туку и напорна за хармонизација на билатералните политики со цел да се добие овој многу важен статус за прекуграничниот регион Охрид-Преспа. За нас ова значи не само предавање на сертификат за регионот, туку и обврска за понатамошна работа со цел да се знае повеќе за бенефитите кои ќе ги има регионот од овој статус“, рече Бејко.

На главната улица во Корча, се одржа презентација на земјоделски производи, вино и пиво со потекло од регионот.

XS
SM
MD
LG