Достапни линкови

logo-print

Уставниот суд - неискористен и неефикасен во заштита на човековите права


Бојан Маричиќ, Македонски центар за европско образование.

Бојан Маричиќ, Македонски центар за европско образование.

Според студијата „Темелни права – сместување во европска рамка“ на Македонскиот центар за европско образование, Уставниот суд во Македонија од 1992 година само еднаш има утврдено прекршување на човеково право, а до него се поднесени околу 250 барања. Уредникот на студијата, Бојан Маричиќ, во разговор за Радио Слободна Европа вели дека Уставниот суд како инструмент за заштита на човековите права малку се користи, но и кога се користи тој е малку ефикасен.

Господине Маричиќ, како го коментирате податокот што Уставниот суд во 23 години само во еден случај забележал прекршување на човековите права, а до него биле поднесени околу 250 барања за прекршување на човековите права?

Уставниот суд има ограничена надлежност за четири области на кршење на човековите права каде што можете директно да упатите барање до Уставниот суд за заштита на вашето човеково право. Само еден случај во 2009 година, за еден потенцијален кандидат за градоначалник во општина Зајас, не му било овозможено да се кандидира поради тоа што претходно бил осудуван и ја одлежал казната, иако во меѓувреме бил амнестиран и избришан од казнената евиденција. Неколку години подоцна, Уставниот суд утврди дека имало кршење на човековите права и дека требало да му биде овозможено да учествува на изборите. Овој пример мислам дека е илустративен за тоа како функционира тој дел на правдата пред Уставниот суд. Ако на еден човек на којшто му било скратено правото во 2009 година, без разлика за кое право се работи, притоа се бара итност во постапувањето за да може да си го оствари правото. Ако тој барал да се кандидира на локалните избори во 2009 година и не му било овозможено и судот реагирал неколку години подоцна, таа пресуда човекот може да ја врами и да му стои како декор и како морална сатисфакција дека ете бил во право, а не му се овозможува да го оствари тоа право тогаш кога сакал. Така што, тој инструмент е малку искористуван, но гледаме дека и кога е искористуван е малку ефикасен и така како што е формулиран и така како што се употребува, граѓаните не го препознаваат како некое уточиште за заштита на човековите права.

Во вашето истражување кое се однесува на заштитата на човековите права забележувате и посочувате на еклатантно кршење на човековите права во Македонија.

Да, истражувањето подразбираше комуникација со различни делови од општеството. Перцепцијата на граѓаните, меѓутоа и перцепцијата на експертите, на претставници на медиумите и политичарите. Во тој дел од истражувањето особено ја ценевме перцепцијата за кршење на човековите права и во таа смисла недвосмислено беше наведено дека постојат еклатантни примери. Тука беа, пред сè, наведени оние примери кои се означени и во меѓународните извештаи како политички затвореници: новинарот Томислав Кежаровски, политичарот Љубе Бошкоски, дел од зафатот околу А1 телевизија, кршењето на ЛГБТ центарот во старата чаршија. Значи, тоа се примерите кои се наведени како еклатантно кршење на човековите права, просто кажано како поим за кршење на човековите права.

Какви се трендовите во развиените земји во Европската унија во насока на заштитата на човековите права, може ли воопшто да се направи некаква споредба со Македонија?

Многу е тешко да се прави споредба, бидејќи таму постои токму тој дијалог помеѓу судовите, кои се пред сè ослободени од политичкиот притисок. Еден од факторите кои што го спречува продорот на меѓународната рамка за човекови права во Македонија, тоа се политичките притисоци, бидејќи доколку се применуваат тие меѓународни стандарди, политичките притисоци мора да се изземат, а кај нас е тоа многу тешко. Современите трендови во Европа одат секогаш кон тоа да се развива и продлабочува нивото на заштита на човекови права. Ако пред 50 или 60 години се дискутирало за унифицирано право на глас или за заштита на правата на жените, денеска таа дискусија е на многу поинакво ниво. Денес се зборува за нијанси од типот на заштита на потрошувачите, заштита на популацијата која се идентификува со ЛГБТ групата и слично. Тоа се веќе трендови кои во денешна Европа значат поим за заштита на човековите права. Ние сè уште се занимаваме, пред сè, со колективните права, со правата врзани за етничките заедници, што не е лошо, меѓутоа треба да одиме и чекор понапред. Да се гледаат лицата како индивидуи со свои права, бидејќи мислам дека главниот тренд во Европската унија и во Советот на Европа е да се ценат индивидуалните потреби и права. Нормално дека колективитетите се важни, меѓутоа индивидуата е уште поважна. Мислам дека кај нас наместо тоа, како да постои некој страв! И во дефинирањето на овие уставни измени сега, на пример Уставната тужба покрива ограничена листа на заштита на човековите права, постои и страв да се прифати Повелбата на ЕУ таква каква што е. Таму се заштитува правото на водење бизниси, правото на движење и еден куп други права врзани за заедничкиот пазар. Мислам дека кај нас сè уште постои отпор кон ова прашање. Институционален отпор, отпор кај дел од стручната јавност и отпор кај судската власт. И сè додека не се отвориме за тие трендови на креативно толкување согласно актуелните околности, секогаш ќе бидеме неколку чекори назад.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG