Достапни линкови

Препораката на ЕУ со јасни критики


Вицепремиерот за европски прашања Фатмир Бесими рече дека евроинтеграциите ќе бидат приоритет на Владата и дека сега е најважно да се концентрираме на темите кои се посочени како критични.

Со генерален заклучок дека извештајот е балансиран, а шестата препорака привилегија и обврска да се сработат проблемите на кои укажува извештајот, помина расправата на Националниот совет за евроинтеграции и собраниските комисии за европски прашања и надворешна политика.

И ова треба да биде за нас, не само поттик, туку и дополнителна обврска да продолжиме со спроведување на реформите.
Фатмир Бесими, вицепремиер за евроинтеграции.

Со забелешка дека годинашниот извештај покажува дека не сме најдобриот пример во регионот, вицепремиерот за европски прашања Фатмир Бесими рече дека евроинтеграциите ќе бидат приоритет на Владата и дека сега е најважно да се концентрираме на темите кои се посочени како критични, а на предизвиците да им погледнеме право во очи.

„И ова треба да биде за нас, не само поттик, туку и дополнителна обврска да продолжиме со спроведување на реформите“, рече Бесими.

Ако уште денеска почнете да работите околу независноста на судството и медиумите, тоа не значи дека веќе утре ќе се видат резултатите, потребно е повеќе време за тоа. Но, политичкиот дијалог е прашање кое може да се реши преку ноќ.
Аиво Орав, амбасадор на ЕУ во Македонија.

Повторувајќи дека извештајот на Европската комисија е искрен и напишан со јасен јазик, евроамбасадорот Аиво Орав ги повтори областите кои се посочуваат како проблематични, а тоа се зголемената политизација на државните институции, независноста на судството, слободата на изразување, политичката криза, партиските интереси над државните итн.

„Нема време и затоа мислам дека сите овие забелешки треба да бидат решени веднаш. И ако уште денеска почнете да работите околу независноста на судството и медиумите, тоа не значи дека веќе утре ќе се видат резултатите, потребно е повеќе време за тоа. Но, политичкиот дијалог е прашање кое може да се реши преку ноќ“, рече Орав.

Се надевам дека нема да има потреба од уште еден извештај за опозицијата да сфати дека нејзиното место е во Собранието, како што власта сфаќа дека одговорноста е наша и дека сите оние препораки коишто треба да ги испочитуваме, ние ќе ги направиме на најдобар можен начин.
Антонио Милошоски, ВМРО-ДПМНЕ.

За претставниците на владејачкото мнозинство, извештајот ги одразува реалните состојби во општеството, но истиот не треба да се користи како алатка за политичка пресметка. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ жалат што Македонија станува рекордер по добиени препораки, но според нив ќор-сокакот во кој се наоѓа земјава не е внатрешен, туку предизвикан од надворешни фактори.

„Поради тоа што ЕУ сè уште дозволува билатерален спор да биде ставан во мултилатерален контекст“, изјави пратеникот Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ.

Не ни е целта да ги достигнеме Полска или Естонија во разните реформски зафати, нам ни е целта да живееме нормално како граѓани на оваа држава.
Солза Грчева, пратеничка.

„Се надевам дека нема да има потреба од уште еден извештај за опозицијата да сфати дека нејзиното место е во Собранието, како што власта сфаќа дека одговорноста е наша и дека сите оние препораки коишто треба да ги испочитуваме, ние ќе ги направиме на најдобар можен начин“, изјави неговиот колега Антонио Милошоски.

Доста покритична за содржината на извештајот беше пратеничката Солза Грчева, која наведе низа примери кои само во изминатите неколку дена покажале дека Македонија нема намера да работи на сериозните забелешки во извештајот. Брзото донесување на законот за енергетика, покачувањето на платите на администрацијата, дијаметрално различните известувања на медиумите за извештајот и незаинтересираното однесување на политичките актери да го откочат политичкиот дијалог се само дел од забелешките кои ги посочи Грчева.

„Не ни е целта да ги достигнеме Полска или Естонија во разните реформски зафати, нам ни е целта да живееме нормално како граѓани на оваа држава“, рече Грчева.

Посакувам во извештајот да читам повеќе за напредок, оти Македонија нема друга иднина од европската, рече во своето обраќање пред Советот, пратеничката Роза Топузова Кареска, според која, најсериозни се забелешките за слободата на изразување и медиумите.

Од позиција на советник на претседателот, професор Димитар Мирчев, пак, истакна дека е потребно да се направи споредбена, но и квантитативна анализа со сите претходно добиени извештаи за да се даде реална оценка дали годинашниот извештај е негативен или не.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG