Достапни линкови

logo-print

Творештвото на Горан Дачев - Горанд во Музеј на Град Скопје


Стотина цртежи настанати главно во последниве седум-осум години, ја чинат изложбата на Горан Дачев – Горанд, што од 14 до 26 октомври се одржува во Музеј на град Скопје. Станува збор за еден од малкутемина наши автори чие творештво, со оглед на тоа што „и припаѓа на уметничката андерграунд сцена и нашата неспособност за признавање на вредностите“, е повеќе познато и признато надвор, отколку во Македонија.

Неговите цртежи се место каде се судираат фантазиите и фантомите на стварното. Уличните приказни, кои што тој ги бележи, се преклопуваат со приказните од страниците полни со неверојатни и несекојдневни настани во „жолтиот“ печат и црните хроники.

Акцентот на ова изложба е на најобичен, најбанален цртеж навидум, а инаку сето тоа кога ќе се дојде да се погледне е малку поинакво. Впрочем, не би го опишувал своето дело, туку најдобро е публиката да дојде во Галерија и да види што сум и изложил.

Реклами, сапунски опери, хорор филмови, реалити шоу програми, андерграунд стрипови, панк музика, психоделичната постер уметност, ти-шртс дизајнот, тетоважите и тату-уметноста, цртаните филмови и документарните телевизиски емисии се мешаат со сцени од секојдневниот живот, историјата со историските травестии и пародии, уметноста со лицитерските производи на современата потрошувачка индустрија, создавајќи од ова вознемирувачко творештво фантазмагорична паноптичка диорама на современиот свет.

Горан Дачев - Горанд, стрип уметник.

Горан Дачев - Горанд, стрип уметник.

Ова меѓу другото ќе го забележи историчарот на уметност и куратор Емил Алексиев во текстот за актуелната изложба на Горан Начев – Горанд што од 14 до 26 октомври се одржува во Музеј на град Скопје. По, „Странецот во мене“ во Галерија „Точка“ од 2006 година и „Изложба на цртеж без рамка“ во Графичкото студио на Музеј на Град Скопје во 2010, ова е негова трета самостојна постановка на која авторот претставува стотина свои дела настанати во последниве седум-осум години.

Мојата одлука да се бавам со цртеж беше сосема логична после бавење со стрип толку време. Стрипот е составен од повеќе цртежи на една табла, а овде е само во прашање само цртежот.

„Акцентот на ова изложба е на најобичен, најбанален цртеж навидум, а инаку сето тоа кога ќе се дојде да се погледне е малку поинакво. Впрочем, не би го опишувал своето дело, туку најдобро е публиката да дојде во Галерија и да види што сум и изложил“, ќе рече Горанд во пресрет на отворањето на постановката.

Роден 1970 година во Скопје, Горан Дачев е автодиктат посветен на творење графичка нарација (стрип) и црно бел цртеж на хартија и платно. Полноправно авторски активен е од 1991 година, кога и го објавува првиот стрип во ревијата „Макстрип“.

Од 1995 наваму е сосема посветен на алтернативното андерграунд стрип творештво и своите творби ги објавува во специјализирани магазини за независен стрип како нашиот „Лифт“, словенечкиот „Стрипбургер“, хрватскиот „Комиказе“ и во српскиот „Стрипер“. Неговите стрипови ќе бидат публикувани и во изданија во Швајцарија, Германија, Канада, Италија и Литванија, а во 2008 , помогнат од „Прес ту Ексит“, го потпишува и самостојниот проект, стрип книгата „Меланж“.

Покрај активното творештво во манирот на графичката нарација или ти „приказни во цртеж“, Горанд, некаде 2005-2006 година, решава да му се посвети и на исклучиво црно-белиот цртеж во разни формати, доловувајќи ја сировата и драматична експресија на современото секојдневие.

„Мојата одлука да се бавам со цртеж беше сосема логична после бавење со стрип толку време. Стрипот е составен од повеќе цртежи на една табла, а овде е само во прашање само цртежот. Понудени се повеќе формати. Од мали А4 формати, па до поголеми – 60 х 70 на пример. Тоа е тоа. Некакво логично продолжение во творештвото. Веројатно сум се развил како уметник, или можеби е тоа некаков регрес во моето творештво, немам појма. Како и да е!“, вели Горанд.

Кон ова само уште едно навраќање на текстот на кураторот Емил Алексиев. Тој пишува дека „следејќи ја моќната европска ликовна традиција, Дачев поаѓа од сознанието дека нужно делува преку специфичниот јазик на уметноста, настојувајќи таа специфичност да ја вклучи во проектот на менување на стварноста и разбирајќи ја уметноста како модел на алтернативно однесување. Блиску до Lowbrow Art-от и Поп Надреализмот, неговото творештво е, воедно, и жесток протест против утврдените сфаќања на уметноста, против бетонираните состојби на умот, против лажното академско образование и диктатурата на пазарот и пазарното општество во кое владее пазарниот канибализам.

Сепак, како што заклучува Алексиев, иако Горан Дачев говори на јазикот на современоста, нашата современост не е толку современа за да го препознае неговото творештво како сопствен говор. Нашето заостанување во одот на светот, нашата загубеност во просторот и во времето, се причина зошто кај нас тој е осуден на осаменост.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG