Достапни линкови

Повисоки плати за административците


Зголемувањето на платите на администрацијата од 4 отсто вообичаено се смета за корекција која држи чекор со стапката на инфлација, но се чини дека во Македонија цените се зголемуваат многу побрзо.

Административците од овој месец ќе добиваат повисоки плати за 4 проценти. Тоа значи дека на нивната сметка во ноември, наместо на пример 18 илјади колку што досега земале, ќе имаат покачување од 720 денари. Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески кога ја најави мерката изјави дека и покрај предизвиците кои се случуваат на економски план во регионот и во светот, Владата успеала да ги зголеми платите и пензиите.

Тоа во Македонија сепак владата не го претставува така, го претставува како свој голем успех. Кој било административец што ќе пресмета колку во денари изнесува тоа зголемување од четири отсто ќе забележи дека тоа не е воопшто големо.
Здравко Савески, универзитетски професор.

Професор Здравко Савески од Левичарското движење Солидарност вели дека зголемувањето од 4 проценти на платата вообичаено се смета за корекција, која држи чекор со стапката на инфлација.

Илустрација.
Илустрација.

„Тоа во Македонија сепак владата не го претставува така, го претставува како свој голем успех. Кој било административец што ќе пресмета колку во денари изнесува тоа зголемување од четири отсто ќе забележи дека тоа не е воопшто големо и дека ако ја спореди својата денешна реална плата со пред неколку години, ќе забележи дека фактички не е ниту држење чекор со инфлацијата, а камо ли да зборуваме за вистинско зголемување на реалната плата на административците“, вели Савески.

Ако се земе предвид и зголемувањето на цените, маргинално е зголемувањето на платата на просечниот граѓанин. Мислам дека ова се популистички мерки.
Висар Адеми, економски аналитичар.

Економскиот аналитичар Висар Адеми вели дека како увозно зависна земја секоја година има тренд на зголемување на малопродажните цени, при што животниот стандард на еден просечен граѓанин е сè поскап.

„Ако се земе предвид и зголемувањето на цените, маргинално е зголемувањето на платата на просечниот граѓанин. Мислам дека ова се популистички мерки“, вели Адеми.

Според него, треба да се направи голем напор за да се држат под контрола цените на потрошувачката.

„Ако се земе предвид дека тие се во нагорен тренд, тогаш мислам дека ниедно покачување нема да го реши проблемот со којшто се соочуваме, а тоа е сиромаштијата и невработеноста во Македонија“, вели Адеми.

Савески додава дека владата со мерката сака да оствари две намери.

„Едната намера е да се рекламира дека се грижи за благосостојбата општо на граѓаните на Република Македонија со тоа што покажува интерес на оние што ги вработила државата да им ја зголеми платата, а второ, бидејќи сè повеќе и повеќе во државната администрација се влегува преку партиска линија, на директен начин им се оддолжува на сопствените партиски војници за трчањето за време на изборите“, вели Савески.

Синдикалниот лидер Живко Митревски изјави дека покачувањето на платите на административците ќе придонесе да се зголеми потрошувачката, што ќе влијае и на растот на економијата. Владата за догодина најави и ново покачување на пензиите од 4 проценти.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG