Достапни линкови

Тетовци не се откажуваат од пушењето


Иако се нуди бесплатно и анонимно советување за одвикнување од пушење, во Центарот за јавно здравје Тетово, веќе четири месеци никој не покажал таква желба.

Институционалната помош која се нуди за граѓаните за откажување од пушење не е во интерес на жителите на Тетово кои ја имаат оваа навика, а би сакале да се одвикнат. Иако се нуди бесплатно и анонимно советување за одвикнување од пушење, во Центарот за јавно здравје Тетово, веќе четири месеци никој не покажал таква желба.

Мислам дека засега нема голем интерес за откажување од пушење, па ќе видиме понатаму.

„Советувалиштето при Центарот за јавно здравје почна со работа на 22 јуни и тоа првата група беа вработени од самиот центар. Девет пушачи од нашиот центар беа на тоа советувалиште и еден од нив се откажа. Имаше уште една група во август, медицински работници-лекари од приватно здравство и од јавно здравство. Од нив немаме податок дека некој се откажал од пушење. Мислам дека засега нема голем интерес за откажување од пушење, па ќе видиме понатаму“, вели д-р Соња Трипуноска.

Психологот Емилија Ѓурчиновска вели дека кај пушачите институционалната помош е добредојдена, но тешко се одлучуваат да престанат со пушење. Индивидуалните карактеристики се клучни за таквата животна промена.

Навиките, ставовите и вредностите кај една личност се најтешко променливи категории.

„Личноста за да појде во таква институција мора да ја одреди целта - дека сака да престане со пушењето. Навистина тешко е некој да ја донесе таа одлука, да појде таму. Психолошки гледано сè зависи од самата личност, од самото менување, затоа што знаеме дека навиките, ставовите и вредностите кај една личност се најтешко променливи категории“, смета Ѓурчиновска.

Доктор Соња Трипуноска, Центар за јавно здравје Тетово.

Доктор Соња Трипуноска, Центар за јавно здравје Тетово.

Граѓаните кои ги анкетиравме, а се пушачи, потврдуваат дека тешко би се одвикнале од нивната навика. Голем е бројот и на оние кои не ни сакаат да престанат со пушење.

„Јас пушам 40 години, ама желба да се одвикнам немам. Без тутун не можам. Понекогаш ќе дојде време да се откажеш од тоа, ама сега засега не.“

„Здравствени проблеми само кога ќе имаат. Немаат намера да се откажат.“

„Син имам кој пуши. Не верувам дека сака да се откаже“, велат анкетираните тетовци.


Пушењето најмногу ги напаѓа кардиоваскуларниот и респираторен систем. Болестите на тие органи се најчести причини за смрт во Македонија.

XS
SM
MD
LG