Достапни линкови

„Бомба“ на Заев, извештај и клевета


Евроамбасадорот Аиво Орав му го предаде Извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија на претседателот Ѓорге Иванов.

Евроамбасадорот Аиво Орав му го предаде Извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија на претседателот Ѓорге Иванов.

Фокус анализира каква бомба ќе активира Заев, Република за извештајот на ЕК за напредокот на Македонија, а Глобус ја анализира состојбата во медиумите.

Фокус - Каква бомба ќе активира Заев?

Лидерот на опозицијата високо ја крена летвичката, па јавноста од СДСМ очекува афера за криминал во врвовите на власта многу потазе и поачик од оној во Македонска банка, и барем исто онолку драматичен колку и „Големото уво“ што своевремено го откри Црвенковски.

„Фокус открива...“ или подобро, би рекле, Фокус анализира „Каква бомба ќе активира Заев?“ по спектакуларната најава дека премиерот Груевски, посрамен, во рок од три дена ќе си поднесе отавка штом Заев ќе го соочи со доказите што ги има против него. Лидерот на опозицијата, потсетува аналитичарот, високо ја крена летвичката, па јавноста од СДСМ очекува афера за криминал во врвовите на власта многу потазе и поачик од оној во Македонска банка, и барем исто онолку драматичен колку и „Големото уво“ што своевремено го откри Црвенковски. Снимка од тајно договарање на власта за компромис за името? Обелоденување факти од интимниот живот на Груевски? Бидејќи тој тешко би можел да се засрами од каков и да е доказ за учество на луѓе од ДПМНЕ во нелегални зделки, корупција, криминал, изборна манипулација и слично, додава авторот. Докази што би им наштетиле на меѓуетничките односи? Ова е дел од составните елементи за најавената бомба на опозицискиот лидер. Заев сега е на потег, завршува аналитичарот. Си презеде огромна одговорност со најавите за политички земјотрес, па јавноста очекува да ја активира бомбата со која просторот на власта за политичка ароганција и опирање ќе биде стеснет. Се разбира, тоа мора да го направи внимателно, да не загине како бомбаш самоубиец, предупредува Фокус.

Република - Препорачана фарса

Чуму е извештај кој дури и даде позитивна оценка за Македонија пак не може да ја надмине Атинската ’супервизија‘ која одамна решила дека што и да биде кажано во него нема да добие позитивна разврска на Европскиот совет во декември.

Република неколку текстови посветува на најновата оценка на Брисел за напредокот на Македонија на патот кон ЕУ, а уводникот е со наслов „Препорачана фарса“. Уводничарот пишува за позитивните оценки во извештајот, пренебрегнувајќи ги отворените препораки за надминување на проблемите со политизираното судство, неслободата на медиумите и нетранспарентното менаџирање со парите од буџетот, па прашува: „Чуму е извештај кој дури и даде позитивна оценка за Македонија пак не може да ја надмине Атинската ’супервизија‘ која одамна решила дека што и да биде кажано во него нема да добие позитивна разврска на Европскиот совет во декември“.

Глобус - Клевета на вистината

„Клевета на вистината“ е насловена колумната во Глобус во која се анализира состојбата во македонското новинарство. Новинарите и новинарството, пак, се на ударните места во весниците и во електронските медиуми, наведува неделникот, а кога тие се занимаваат самите со себе, повеќе од јасно е дека нешто не чини, ниту во медиумите, ниту во државата. Медиумите се огледало на секојдневието, пишува колумнистот. Жалбата до Стразбур за отстранувањето од Собранието во „Црниот понеделник“ со цел да се замолчат новинарите, казната на Фокус за наводна клевета на шефот на тајната полиција, пак за да се замолчат новинарите. Колумнистот пишува за клевета на вистината што во медиумското огледало, како изместена виртуелна слика ја создаваат талентираната коалиција на власт и нејзините медиуми за да ја премолчуваат и кријат вистината. На талентите ќе им судат историјата и народот со чии пари тешко ја клеветат вистината, предвидува Глобус.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG