Достапни линкови

logo-print

Селмани – Слободата на изразување е уште полоша отколку што оценува ЕУ


Извештајот на Европската комисија во делот за слободата на изразување е покритичен од минатата година, но состојбата е уште полоша од тоа, вели претседателот на Здружението на новинари на Македонија, Насер Селмани, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Европската комисија беше доста критична во најновиот извештај во делот на слободата на изразување. Реално ли е отсликана состојбата, според вас?

Да, ако се прави споредба со извештајот од минатата година овој извештај е покритичен, меѓутоа јас мислам дека Европската комисија продолжува да биде наклонета кон Македонија, затоа што кога би се однесувала како што се однесува Владата на Република Македонија кон извештаите на Европската комисија, без трошка сомнеж Европската комисија можеше слободно оваа година да ја одземе препораката на Македонија, затоа што навистина има регрес во суштински сфери. Оваа желба на Европската комисија да помогне се гледа и во контрадикторноста на оценките. На пример на почетокот на извештајот вели дека земјата ги исполнува копенхагенските критериуми, како постоење на стабилни институции, почитување човекови права, малцински права, односи со соседите, меѓутоа кога во извештајот ќе ги погледнете оценките коишто се однесуваат на овие области, тогаш ќе видите дека навистина има многу негативни оценки, така што на еден начин едната оценка ја побива другата.

Што според вас недостигна во извештајот на Европската комисија со што се соочуваат новинарите и медиумите на терен во областа слободата на изразување?

Има работи во извештајот, кои, според нашето мислење, не се сосема објективно претставени. Таму вели дека законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги е донесен со консултации, дека генерално ги исполнува европските стандарди. Ние продолжуваме да тврдиме дека тој закон не е усогласен со европските стандарди и пред сè не е усогласен со препораките на Советот на Европа коишто се однесуваат на функционирањето на јавните сервиси и регулаторното тело. Има уште една работа. Во извештајот се вели дека измените на законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги се донесени со ограничени консултации, а реалната состојба е дека тие беа донесени без никакви консултации. Лично јас минатата година се воздржав од коментар за извештајот околу делот за професионалните стандарди и отсуството на солидарност во медиумите. Мислам дека ако Европската комисија сакала да ги констатира работите, ние се согласуваме дека тоа е така, но навистина не е работа на Европската комисија да ја оценува таа работа, затоа што ако тие мислат дека можат да помогнат во тој дел, мислам дека можат да се вклучат, ние како ЗНМ ги повикавме колегите кои меѓусебно се тужат да ги повлечат тужбите, меѓутоа очигледно дека тие имаат некоја друга агенда. Ако Брисел смета дека може да помогне, тие може да се вклучат и да видат дали можат со тие луѓе да се разберат, повикувајќи се на потребата дека треба да има новинарска солидарност, дека треба да се почитуваат новинарските стандарди. Она што клучно треба да се занимава Европската комисија е зошто токму таквите новинари ги водат медиумите во Македонија и зошто токму нив сопствениците на медиуми имаат интерес да ги вработуваат.

Селмани, и вие постојано тврдите дека се намалува слободата на изразување, дека нема демократија. Што може да направите вие како здружение за подобрување на состојбите?

Не тврдам само јас, има и други луѓе кои тоа го тврдат, но јас можеби некои работи кажувам подиректно. Ако сериозно и внимателно го анализирате извештајот ќе дојдете до ист заклучок, меѓутоа тие се дипломати и работите секогаш ги кажуваат со поинаков речник. Не може да има демократија во една држава, каде што медиумите ги контролира владата и каде што владата поттикнува корупција во медиумите. Без слобода на медиуми никој тука не може да претендира дека може да имаме демократија. Јас постојано тоа го тврдам, дека постоењето на професионални и слободни медиуми се како кислород за демократијата, ако вие ги задушувате медиумите, практично вие ја убивате и демократијата.

Што може вие како здружение да направите за подобрување на состојбата?

Ние се обидуваме и мислам дека ако вреди нешто да се потенцира е тоа дека ние за овие четири години никогаш не престанавме да зборуваме за проблеми. Мислам дека е неслучајно што Европската комисија и не само таа, туку и сите меѓународни институции, прашањето за слободата на изразување во Македонија го третираат како приоритет. И можам да речам дека дел од таа заслуга прашањето за слободата на медиумите во Македонија да се крене на така високо ниво имаме и ние, меѓутоа ние како здружение не можеме да ги замениме институциите, ние може да посочиме, ние критикуваме, ние нудиме решенија, ние некогаш преземаме одговорност, повеќе од она што треба, меѓутоа очигледно од другата страна нема кој да не слуша. Не може ние да ги замениме институциите.

Ги споменавте институциите. Чија е вината за ваквата состојба, ја лоцирате исклучиво кај власта?

Ќе се обидам само да потенцирам дека кога би постоела политичка волја во Македонија за решавање на проблемите, мислам дека би можело да ги решиме за една година. Затоа што ние имаме конкретни решенија кои ѝ ги нудиме на Владата, што треба прво да направи. Итно, веднаш треба да престане притисокот и заплашувањето на новинарите, преку судски процеси, преку казни. Второ, треба да престане политиката на неказнување на насилството врз новинарите. Оваа година имаше неколку примери кога врз новинари беше извршено насилство. За жал кога како извршители на тоа насилство беа припадници на полиција, никој не одговараше, дури полицијата тврдеше дека не можеле да ја утврдат таа фактичка состојба. Треба веднаш да го усогласиме нашето медиумско законодавство со европските стандарди, пред сè мислам дека законот за медиуми и законот за аудио-визуелни медиумски услуги, не нудат доволна основа јавниот сервис, Македонската радио-телевизија и регулаторното тело да бидат независни институции и да имаат одржлив извор на финансирање. Ако една институција нема таква сигурност, таа не може да биде независна. Секако тука спаѓаат и прашањето на ограничување на казните, бришењето на дефиницијата новинар, исклучувањето на печатените медиуми од регулација и секако почитувањето на социјалните права. Значи ако навистина се има желба да се решат проблемите, ние имаме решенија, меѓутоа прашањето е колку од другата страна има подготвеност да постапуваат по тоа.

Засега не препознавате подготвеност од другата страна?

Ние околу мај или јуни има предложивме на луѓето во владата да организираме јавни дебати за прашањата кои се нотирани во извештајот на Европската комисија во 2013 година и нашата иницијатива наиде на неодобрување, не добивме ниту позитивен, ниту негативен одговор. Кога ние тогаш би дискутирала за конкретните прашања, еве да речеме прашањето како да се обезбеди стабилно финансирање на МРТВ, или како да се реши прашањето за владиното рекламирање, веројатно ние досега би дошле до некакво решение преку јавна дебата.

Бевте дел од процесот за договарање на измените на законот за декриминализација на клеветата. Дел од фелата уште тогаш ве обвини за лошо законско решение. Сега Фокус, според тој закон, е казнет со висока казна. Што може да се направи сега за подобрување на состојбите?

Мислам дека тука има две работи. Никој не спори дека декриминализацијата беше потребна и дека проблемот не е во законот, затоа што кога законот би се применил така како што е напишан, ние нема да имаме проблем. Не треба работите да ги гледаме само црно-бело, затоа што во текот на спроведување на тој закон ние имаме и добри елементи. На пример, во првостепено одлучување, од 40 тужби коишто се поднесени против новинари, околу 20 се во прилог на новинарите и ние тоа не може да не го прифатиме и да не речеме дека практично судот почнува да го применува законот како што треба и во тие рамки и праксата од Европскиот суд. Меѓутоа, ние никако не можеме да се согласиме дека пресудата против Фокус е согласно законот. Ние тврдиме дека кога судот би го применил законот, нашите колеги требаше да бидат ослободени.

Зошто во едни случаи судот ги ослободува, а во други случаи, како со Фокус, добиваат високи казни?

Тоа е многу интересно прашање. Мислам дека тоа и во извештајот се нотира. Прашањето е дали навистина Судот не знае да го примени законот или во прашање е друго, притисокот, политичкиот притисок, затоа што како тужител од другата страна се јавува една моќна фигура од јавниот живот, како што е директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање. Истата судијка има донесено многу добри пресуди кога како тужители се јавуваат други актери од јавниот живот, меѓутоа еве во овој случај, јас ја видов пресудата, и навистина многу се помачила да објасни дека пресудата за Фокус е исправна, но навистина во ниедна точка пресудата не може да се оправда.

Случај Кежаровски. Новинарската фела, здруженија, организации уште од почетокот на случајот бурно и силно реагираа за целиот процес, беше подигнато вниманието и на меѓународните организации. Кој е планот на здружението ако на крајот колегата повторно биде осуден?

Јас би го извртел прашањето на поинаков начин. Еве, ако владата, институциите во Македонија, ако навистина се заинтересирани да постапат по препораките на Европската комисија, еве една можност да покажат дека Македонија престанува со праксата да ги гони новинарите. Еве има неколку опции коишто се во игра. Јавниот обвинител, којшто е избран по предлог на владата, може да го повлече обвинението. Министерот за правда може да поднесе предлог до Претседателот на државата да го аболира колегата Кежаровски. И не е само Кежаровски. Треба да имаме предвид дека имаме и друг колега којшто е под чудно обвинение за шпионажа и рекет. Еве можност, ако навистина институциите сакаат да покажат подготвеност дека работите можат да тргнат на подобро, еве им можност.

Но, што ако не се случи тоа?

Вие видовте дека ние се обидуваме постојано да го одржуваме притисокот и да го следиме процесот. Се обидуваме на некој начин, преку активности коишто ги имаме во ЗНМ, да го држиме вниманието и членството да го одржиме будно, затоа што без разлика на пресудата, ние мора да бидеме спремни да реагираме соодветно на ситуацијата. Ние немаме сомнение дека Кежаровски е невин и дека треба да биде пуштен на слобода, затоа што навистина обвинението е неиздржано. Мислам дека е многу битно оваа битка да биде добиена. Битката на Кежаровски е битка на секој новинар во Македонија, затоа што ако таа битка ние ја изгубиме сме изгубиле сите, изгубила слободата на изразување, губи демократска Македонија, трпи имиџот на земјата во светот. Вие знаете дека тука во Скопје имавме Регионална конференција на Европската федерација на новинари и тоа е еден знак на солидарност со нас од европските колеги. Се договоривме да делуваме паралелно. Јас мислам дека многу брзо нашите амбасади во светот ќе бидат посетени од нашите колеги и ќе видиме во која форма ќе реагираат тие, дали тоа ќе биде протестно писмо, дали тоа ќе биде барање за ослободување на колегата, така што сега ќе го зголемиме притисокот, не само во земјава, туку и надвор. Не сакам да поверувам дека после сè што се случи во Македонија, после ваков критичен извештај, после постоењето на сериозна опасност следната година да ја изгубиме препораката, Апелациониот суд да донесе одлука со која сите овие работи ќе ги стави на страна и ќе ја потврди пресудата. Не би сакал да верувам, меѓутоа ако тоа се случи ние мора да бидеме спремни на акција.

Помина Регионалната конференција, пративте покана да се следи прес-конференцијата којашто се одржа во рамките на дводневната средба. Затворена ли беше конференцијата во другиот дел?

Не, Конференцијата не беше затворена, таа беше отворена за јавноста, меѓутоа ние сметавме дека нема интерес, затоа што често пати се случува да има такви настани и никој од медиумите не доаѓа да го следи настанот од почеток до крај и затоа мислевме дека ќе биде попрактично да одредиме еден момент и да се појавиме на прес-конференција заедно со Европската федерација на новинари и ќе упатиме некоја порака за јавноста, така што новинарите можеа да дојдат и да присуствуваат. Ние воопшто немаме што да криеме од јавноста.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG