Достапни линкови

Екстерно - No pasaran!


Стефан Богоев, претседател на СДММ, подмладокот на СДСМ.
Стефан Богоев, претседател на СДММ, подмладокот на СДСМ.

Младинската невработеност, иселените млади луѓе, студентскиот живот и студентскиот стандард се само добар дел од нашата современа борба, пишува Стефан Богоев, претседател на СДММ, во младинската он-лајн колумна на Радио Слободна Европа.

11 Октомври - ден на востанието! Еден од најбитните и најсветлите (ако не и најбитен и најсветол) датуми во поновата наша историја. Ден кога, народно кажано, „Пукнала првата пушка во Прилеп и Куманово“. Ден кога Прилепскиот партизански одред „Гоце Делчев“ ги прекинува телефонските врски и ги напаѓа полицискиот участок и затворот. Ден кога се формираат „Кумановскиот“ и „Карадачкиот партизански одред“. Ден во кој македонскиот народ силно и одлучно кажува НЕ и се етаблира како силна линија на отпор против фашистичкиот окупатор во Втората светска војна.

Современата борба на младиот човек во оваа наша држава е долготрајна и сеопфатна. Ние сите заедно денес се бориме против клучните наши проблеми, проблеми кои ако продолжат да се развиваат ќе бидат уште по сериозни за идните генерации.

Една голема плејада на истакнати македонски дејци во текот на целата Народно Ослободителна Борба го положува својот живот за слобода на македонскиот народ. Кузман Јосифовски-Питу, Вера Циривири-Трена, Благоја Деспотовски-Шовељ, се само дел од една генерација која несебично и храбро тргна во борба против окупаторската чизма која ја газеше цела Европа со интенција да го згази светот. Но, како што некој одамна рекол, секоја генерација си има своја борба. Оваа била нивната со која со гордееме, но ајде да се задржиме на нашата, современа борба која е пред нас!

Зборувајќи за мојата генерација и за нашата, заедничка и современа борба слободно можам да заклучам дека оваа битка носи подеднакво голема тежина како и онаа на нашите претходници и тоа од две клучни причини: Првата е должноста која ја имаме кон нашите претходници кои се најзаслужни за она што го имаме денес, а втората е должноста која ја имаме кон самите себе, но и кон генерациите коишто доаѓаат. Како во минатото така и денес, сегашната генерација пред сè се бори за идните генерации.

А сигурно се прашувате што и која е нашата борба!? Современата борба на младиот човек во оваа наша држава е долготрајна и сеопфатна. Ние сите заедно денес се бориме против клучните наши проблеми, проблеми кои ако продолжат да се развиваат ќе бидат уште по сериозни за идните генерации.

Власта едноставно не знае за доста и е спремна буквално на се само за да го скроти и замолчи младиот и по природа бунтовен човек.

Младинската невработеност (простете ако сум досаден со ова) која беше потврдена дека е над 50 проценти и во извештајот на европската комисија, иселените млади луѓе, студентскиот живот и студентскиот стандард се само добар дел од нашата современа борба. Суштински проблеми против кои сме должни да делуваме и да ги решаваме и тоа што побрзо. Велам побрзо, бидејќи бројот од ден на ден рапидно расте. Од глупост во глупост, од хир во хир. Власта едноставно не знае за доста и е спремна буквално на се само за да го скроти и замолчи младиот и по природа бунтовен човек.

Па така, нашата битка деновиве доби уште поголема димензија олицетворена во т.н. Екстерно тестирање во високото образование. Проект кој според предлагачите и креаторите има за цел да го подобри квалитетот на образовниот процес. Чекајте, чекајте, па нели Болоњскиот систем, дисперзираните студии и владините кампањи веќе го дигнаа на доволно високо ниво нашето терцијално образование?! Нели вашите долгогодишни преродбенички методи и реформи ги направија нашите универзитети да бидат рамо до рамо со Харвард и Кембриџ!?

Нејсе, за лицемерието на власта е излишно да дискутираме. Она што сега е битно е нашата борба да започне силно со оваа битка. Оваа битка против екстерното тестирање да биде нашиот модерен 11-ти Октомври. Битка во која жестоко ќе го браниме нашето Уставно право на образование кое ниту еден министер, заменик или премиер не може да ни го одземе. Битка во која младите и студентите конечно ќе „чукнат на маса“ и ќе стават крај на замолчувањето и газењето на младиот човек. Битка која повторно ќе ги етаблира младите и студентите како мотор и клучен фактор во општеството. Битка која ја должиме на оние пред нас, но особено на оние кои доаѓаат после нас. И конечно, битка која и да ја изгубиме ќе биде доволна за наскоро да ја добиеме борбата, онаа нашата, современа и модерна!

Честит 11ти Октомври!

П.С. доволен е еден клучен, храбар потег за да бидеш херој. Кирил Спироски, претседателе на СПУКМ биди храбар и излези во одбрана на студентите, јавно и недвосмислено! На крајот на краиштата, тие те изгласаа…колку толку.

XS
SM
MD
LG