Достапни линкови

Се уште постоиме, порачаа стечајците


Протест во Куманово.

Протест во Куманово.

Стечајците со протестите сакаат да ги потсетат надлежните дека се уште постојат и дека нивниот егзистенцијален проблем треба да се реши.

Стечајните работници, технолошки и економски вишок од оддамна пропаднатите фирми преку Здружението „УНИТ“ од Куманово, Липково и Старо Нагоричино денеска со двочасовна блокада на патот на излез и влез Куманово-Скопје започнаа со своите протести. Според Љиљана Ѓорѓиевска тие се во безизлезна состојба, а со протестите сакаат да ги потсетат надлежните во државава дека се уште постојат и дека нивниот егзистенцијален проблем што поскоро треба да се реши, на сите стечајци, а не парцијално.

Нашите протести се со единствена цел, да се прекине оваа голгота, а не да не цепкаат и да не делат.

„Нашите протести се со единствена цел, да се прекине оваа голгота, а не да не цепкаат и да не делат. И за бришење на долговите сигурно ќе бидеме поделени, зашто на социјалците долговите ќе бидат избришани, оти од нив нема што да се наплати. На стечајците тешко дека ќе им ги избришат долговите. А и да ги избришат, тоа не значи решавање на статусот, а долговите за 2014-та година веќе се направени. А и да се престане со уцените“, вели Ѓорѓиевска.

РСЕ: Какви уцени?

„Ќе вработат дете на стечаец и ќе го уценуваат дека тој веќе не смее да излезе на протести. Исто така и притисоци како на приемр од полицијата, како што јас добив казна за оградата што полицијата ја фрли, а мене ме казнија дека сум нанела штета на РМ,“ вели Ѓорѓиевска.

Девет години од „Пелагонија“. Не работи никој. Само се расправаме. Нешто ќе дадат за вода, за струја, ако не се плати два месеца, ни исклучуваат.

Иако УНИТ безмалку деценија ипол ги организира стечајците ништо не е сменето. Нема ниту еден стечаец вработен, а често пати им велат дека се означени како неподобни за вработување. Бројката од две илјади и 800 стечајци во поширокиот кумановски регион, според Ѓорѓиевска двојно се намалила поради смртноста или сериозно нарушеното здравје. Сепак, тие остануваат на нивното барање за месечно обесштетување од 6 илјади денари до вработување или пензионирање.

По протестите стечајците најавуваат дека ќе се преселат пред Владата во Скопје.

„Ќе има поставување шатори, имаме предадено барање до Град Скопје за поставување шатори. Одговор немаме, но ние не се откажуваме, а како ќе биде тоа ќе видиме.“

Запрашани колку години се стечајци и од што живеат неколкумина раскажуваат:

„Девет години од „Пелагонија“. Не работи никој. Само се расправаме. Нешто ќе дадат за вода, за струја, ако не се плати два месеца, ни исклучуваат.“

„Има осум години. Се очекуваме, ама ништо не земаме. До пензија имам уште десет години. Се опрерирав од тумор, не можам да работам.“

„Седум години, од ЗЗ „Слога“ Умин Дол, ниту стажот платен, ниту долговите измирени. Ништо од очекувањата.“

„Од 2004-та година ништо не земам. Детето е 30 години, невработено. Груевски си вработува негови луѓе и дава пари, а на нас не мисли. Денеска затоа ги правиме протестите заедно со социјалците, да види револт на луѓето, да му кажеме на Груевски дека сме дел од оваа држава, а не од друга. До петок ќе дадеме рок и ќе ги поставиме шаторите, па што сака нека биде. Се уште постоиме.“

Велат стечајците од Здружението УНИТ кои и денеска имаа поддршка од локалната самоуправа во Куманово, социјалните случаи и дел од невладиниот сектор. На протестот се појави и градоначалникот Зоран Дамјановски, со што според Петар Чуриќ од Здружението на граѓани „Ленка“ на протестот на социјално загрозените категории граѓани му е дадена политичка и партиска конотација.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG