Достапни линкови

Политичка волја и „тампон“ зона за подобри медиуми


Состојбите во медиумите може да се подобрат, ако прво престанат притисоците од власта, велат од ЗНМ. Од МАН, пак, велат дека треба да се створи тампон зона, меѓу економската моќ и новинарство.

Комисијата бара од властите да преземат одлучна акција за да се решат зголемената политизација и растечките недостатоци во независноста на судството и слободата на изразувањето на начин кој ќе дозволи препораката да остане одржлива и во идните години, експлицитно стои во годинешниот документ на Европската Комисија за напредокот на Македонија.

Итно, веднаш треба да престане притисокот и заплашувањето на новинарите, преку судски процеси, преку казни.

Според претседателот на Здружението на новинари на Македонија Насер Селмани има можност да се подобрат работите, но како што вели, само ако постоела политичка волја за тоа. Во интервјуто за Радио Слободна Европа тој оценува дека состојбите може да се подобрат за една година, но дека засега немало политичка волја.

Еврокомесарот Штефан Филе и претседателот на Здружението на новинари на Македонија, Насер Селмани.

Еврокомесарот Штефан Филе и претседателот на Здружението на новинари на Македонија, Насер Селмани.

„Ние имаме конкретни решенија кои и ги нудиме на Владата, што треба прво да направи. Итно, веднаш треба да престане притисокот и заплашувањето на новинарите, преку судски процеси, преку казни. Второ, треба да престане политиката на неказнување на насилството врз новинарите. Треба веднаш да го усогласиме нашето медиумско законодавство со европските стандарди, пред се мислам дека законот за медиуми и законот за аудио-визуелни медиумски услуги, не нудат доволна основа јавниот сервис, Македонската радио-телевизија и регулаторното тело да бидат независни институции и да имаат одржлив извор на финансирање. Секако тука спаѓаат и прашањето на ограничување на казните, бришењето на дефиницијата новинар, исклучувањето на печатените медиуми од регулација. И секако почитувањето на социјалните права“, вели Селмани.

Уредувачките тимови да успеат заедно со сопствениците на медиумите да направат некаква тампон зона, меѓу она што подразбира економска моќ, пари, и новинарство.

Според Слаѓана Димишкова од Македонската асоцијација на новинари, пак, за подобрување на состојбите најважно е да средат односите меѓу власта и сопствениците бидејќи од таму биле притисоците. Според неа не може да се каже дека од владата се очекува најмногу, оти како што вели, од неа зависи само законодавството.

„Потребни се новинари кои ќе имаат сигурна работа, работата да не им „виси“, втората работа, за да можат тие условни самостојни новинари, кога ќе ги постигнеме, да можат да работат така, е главно уредниците, односно уредувачките тимови да успеат заедно со сопствениците на медиумите да направат некаква тампон зона, меѓу она што подразбира економска моќ, пари, и новинарство“, вели Димишкова.

Во интервју што ќе го емитуваме во недела, Селмани вели и дека Европската комисија во најновиот извештај испуштила да констатира одредени состојби во медиумите, а заслугата зошто прашањето стана важно и во меѓународни рамки, вели дека меѓудругите е заслуга и на ЗНМ.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG