Достапни линкови

Британија - малку веројатно дека починатиот во Македонија имал ебола


Претставници на англискиот Завод за јавно здравје велат дека е малку веројатно смртта на нивниот државјанин во Македонија да е предизвикана од ебола и покрај сличните симптоми.

„Заводот за јавно здравје на Велика Британија е свесен дека постои непотврден извештај за британскиот државјанин кој почина во Македонија, кој можеби имал слични симптоми на ебола. Ние сметаме дека е малку веројатно ебола да е причина за смртта, но ќе ја продолжиме соработката со партнерите во истрагата“, изјави доктор Брајан Меклоски од Заводот за јавно здравје на Англија, пренесуваат „Индипендент“ и „Телеграф“.

Педесет и осумгодишниот Британец почина вчера попладне на Клиниката за инфективни болести во Скопје. Тој престојувал во еден скопски хотел, а попладнето во лоша здравствена состојба бил пренесен на Инфективната клиника каде што набргу починал. Во болницата веднаш се преземени сите безбедносни процедури, а персоналот што имал контакт со починатиот е ставен во карантин. Во карантин се и вработените и лицата во хотелот каде што престојувал британскиот државјанин.

Доктор Јованка Костовска, претседател на Комисијата за превенција на заразни болести синоќа изјави дека засега не може да се потврди дали станува збор за ебола или за друга болест. - Тоа треба да го покажат тестовите од обдукцијата и од анализата на примероците од пациентот што ќе бидат направени во Германија, рече Костовска.

XS
SM
MD
LG