Достапни линкови

Извештајот на ЕУ – главна тема во сите медиуми


Главна тема во сите дневни весници е извештајот за напредокот на Македонија кон ЕУ. Секој медиум приоѓа кон документот од свој агол.

Се разбира, топ тема во медиумите е најновиот извештај на Европската комисија за напредокот на земјава, и како што бива секојпат, сите ги поентираат оние делови од текстот што им одговараат на уредувачката политика.

Нов извештај на ЕК - Македонија ни напред ни назад.
Утрински весник.

Утрински насловува: „Нов извештај на ЕК - Македонија ни напред ни назад“, а првата реченица е констатацијата од Извештајот дека „евроинтеграцијата на Македонија е во ќорсокак“. Дневник оди со следниов наслов: „За Македонија шеста препорака за преговори и критики за политичкиот дијалог“, а Вечер насловува: „Филе кажа што имаше да каже и си замина - Македонија доби препорака. Забелешките средете си ги дома!“ Слободен печат ги набројува забелешките: „Препораката остана, ама Брисел на Груевски конечно му ги истегна ушите! Добивме домашна работа од ЕУ - политичката криза, судството и медиумите топ приоритети“.

За Македонија шеста препорака за преговори и критики за политичкиот дијалог.
Дневник.

Премиерот, инаку, е задоволен од документот и изјави дека „Препораката е потврда дека сме подготвени за преговори со ЕУ“, објави Утрински, но затоа, потпретседателката на СДСМ и поранешен вицепремиер за евроинтеграции, Шеќеринска, оцени дека „Ова е извештај за загриженост со драстично полоши оценки во однос на сите од соседството“ - објави истиот весник. Утрински ја објави и изјавата на Димовски како одговор на Шеќеринска: „Препораката на ЕК е вообичаена, а не условена како што тврди СДСМ“.

Како одговор на недобивањето датум за препоговори по којзнае кој пат, Дневник објавува изјави на македонски уметници против Унијата, а во насловот ја вади мислата дека „Македонското едноумие беше античка демократија за правилата на Унијата“.

Утрински ги објавува разултатите од анкетата на Европскиот центар за европско образование под наслов: „Македонците ѝ се налутија на ЕУ - 47 отсто од анкетираните сметаат дека треба да си бараме сопствен модел за развој надвор од ЕУ“.

„Груевски се опкружи со 13 советници“, објави Утрински појаснувајќи дека е во тек последната фаза на селекција на пријавените кандидати. Дневник информира дека „СДСМ ѝ се враќа на улицата, не на Парламентот“, по најавените протести во повеќе градови.

Вечер објавува дека ексразузнавачот Диневски во Шутка започнал штрајк со глад по пресудата во аферата „Шпион“, а Слободен печат пишува за незадоволството на симпатизери и членови на ВМРО-ДПМНЕ по пресудите за Диневски и генерал Стојков, за кои вели дека се жртвувале Груевски да дојде на власт, а сега „гнијат во апсаана“.

Утрински ја пренесува анализата на германски Зидојче цајтунг за тоа дека исламскиот радикализам расте на Балканот поради сиромаштијата и невработеноста под наслов: „Дваесет џихадисти од Македонја се борат за ИСИС“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG