Достапни линкови

Снежана Младеновска Анѓелков со „Слики со животна уверливост“


Снежана Младеновска Анѓелков.

Снежана Младеновска Анѓелков.

„Слики со животна уверливост“ е насловена новата книга на Снежана Младеновска Анѓелков што деновиве излезе од печат како издание на ИЛИ-ИЛИ. Станува збор за теориски труд кој се фокусира на филмската монтажа како важен творечки сегмент при обликувањето на документарниот филм, со осврт кон документарните филмови на македонскиот режисер Владимир Блажевски.

Како едно од ретките дела од областа на филмската литература, штотуку објавеното „Слики со животна уверливост“ на Снежана Младеновска Анѓелков, како што ќе забележи рецензентот м-р Лазар Секуловски, декан на Факултетот за драмски уметности во Скопје, не е само теориски труд при кој се објаснува процесот на филмската монтажа како важен творечки сегмент во аудиовизуелното обликување на документарниот филм преку анализа на делата на Владимир Блажевски, туку се обидува да укаже и на важноста и нужноста од авторски документарни филмови во Македонија.

Е сега, зошто преку документарното творештво? Токму поради проблемите кои ни се случуваат пред очите и пред кои најчесто сакаме да замижиме и да не ги согледаме.

Од таму, како што пишува тој, книгата говори за креирањето на документарниот филм како комплексна и одговорна задача со темелна опсервација и сликовен опис на нештата, апострофирајќи ја филмската монтажа која ги истакнува латентните вредности на материјалот.

Снежана Младеновска Анѓелков на Факултетот за драмски уметности на отсекот за филмска и ТВ монтажа дипломирала во 2000 година, а со звањето „магистер по уметности – област филмска и ТВ монтажа“ се стекнала 12 години подоцна. Зад себе има долгогодишно работно искуство на телевизиска монтажа и креативно обликувала преку 500 документарни филмови, репортажи и патописи.

Да не биде сега го гледам филмот и веќе утре заборавам на него, туку напротив – да остане еден отпечаток кај гледачот кој што ќе го натера понатаму и самиот да се ангажира во решавање на проблемите во општеството.

Од таму не чуди кога таа вели дека нејзината посветеност кон драмите од секојдневието пред кои најчесто се замижува ја натерале да посегне по потребата од промена во себе и потем тоа да ѝ го приопшти на пошироката публика.

„Оваа книга е дел од мојот магистерски труд којшто се однесува на монтажата како аудио-визуелна естетска компонента. Е сега, зошто преку документарното творештво? Токму поради проблемите кои ни се случуваат пред очите и пред кои најчесто сакаме да замижиме и да не ги согледаме“, вели таа.

Авторката истакнува дека монтажата е најкреативниот дел во обликувањето на едно дело и затоа решила да навлезе малку подлабоко во анализата воопшто на кадрите и нивната суштина и како со нивното поврзување се добива еден или друг контекст во зависност од авторското перо. Така, таа стигнала до македонскиот режисер Владимир Блажевски како набљудувач и активен учесник на промените во општеството. Всушност, уште од неговите први документарци, како творец чија заложба е да ги помести границите за прием на едно дело.

„Да не биде сега го гледам филмот и веќе утре заборавам на него, туку напротив – да остане еден отпечаток кај гледачот кој што ќе го натера понатаму и самиот да се ангажира во решавање на проблемите во општеството“, вели таа.

Инаку, првата книга на Снежана Младеновска – Анѓелков - „Единаесет жени“( ИЛИ-ИЛИ, издание од 2011 година) ја доби наградата „Роман на годината“ на Утрински весник, а говорејќи за тоа колку нејзината професија ѝ помогнала во неговото пишување ќе забележи дека тоа „најмногу било токму во барањето на драмите од секојдневниот живот кои што сите ги тангираат“.

„Единаесет жени“ е исто креирана од драмите во секојдневието. Да, има тука и моменти на фикција, меѓутоа тоа е само во надоградување на приказната. Првенствено се токму оние ситуации од животот кои оставаат длабок отпечаток во душата на поединецот. Особено, да речеме, на мало дете“, вели авторката.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG