Достапни линкови

logo-print

Зрачењето на духот во портретите на Петар Попчев


Македонскиот музичар Златко Ориѓански и сликарот Петар Попчев.

Македонскиот музичар Златко Ориѓански и сликарот Петар Попчев.

„Портретот во моето сликарство (1972 – 2014)“ е насловена изложбата на академскиот сликар Петар Попчев што од 8 октомври се одржува во салонот на Македонската академија на науките и уметностите. Станува збор за постановка на која се претставени над шеесетина дела создавани во изминативе нешто повеќе од четири децении.

Портретите на Петар Попчев се обид да се надминат границите на фотографската сличност со ликот и на платното да се појави барем делче од духот на портретираниот, барем малку од насетеното треперење и болскање на душата. И тоа е доволна причина за постоење на портретите кои уметникот ги слика. Серијата на сликани портрети, создадени во еден долг период од неговото творештво, речито говори за овој неизвесен творечки потфат.

Јас не сум само портретист. Јас сум сликар. Меѓутоа како дисциплина во сликарството портретот го негувам сиве овие четириесетина години со помали или поголеми паузи.

Сликарот Петар Попчев.

Сликарот Петар Попчев.

Овде е на дело сликар кој успева да го фати и рашири зрачењето на духот на портретираниот во просторот на целата слика. Понекогаш, на најдобрите портрети, тоа зрачење се шири и надвор од рамките на сликата и го осветлува просторот. Така духот на портретираниот зрачи светлина и таа светлина може да биде видена и насликана. Оттаму и тоа богатство на валери и бои во портретите на Попчев каде светлината се манифестира како видлива форма на духот. Тоа е она што Петар Попчев се обидува да го наслика. Неговите портрети не се маски, туку се лица. Тоа се портрети на живи луѓе, портрети што чуваат дел од енергијата на оние кои се портретирани наспроти трошењето и расипноста на времето.

Не е најважно да се постигне физичката сличност на портретот со портретираниот. Можете да постигнете голема сличност, но портретот да биде празен. Да нема контакт меѓу уметникот и моделот. Во самиот портрет морам да бидам и јас како субјект и портретираниот како објект.

Ова меѓу другото ќе го забележи историчарот на уметност Емил Алексиев во опсежниот и аналитичен текст „Лица и маски“ што се најде во каталогот за изложбата „Портретот во моето сликарство (1972 – 2014)“ на академскиот уметник Петар Попчев. Станува збор за несекојдневна постановка која од 8 октомври се одржува во изложбениот салон на МАНУ и на која авторот нуди повеќе од шеесетина дела создавани во последниве четири децении и повеќе.

Дело на сликарот Петар Попчев.

Дело на сликарот Петар Попчев.

„Јас не сум само портретист. Јас сум сликар. Меѓутоа како дисциплина во сликарството портретот го негувам сиве овие четириесетина години со помали или поголеми паузи“, ќе забележи уметникот.

Јас во суштина сум сликар. Нанесувам боја и сликам. Меѓутоа сликајќи, пак, тешко доаѓам до фотографската точност на ликот и исклучиво водам грижа портретот да биде свеж. Ако не ми се допадне мене го бришам и ај со здравје!

Попчев појаснува дека на изложбата во МАНУ се претставени портрети на познати и непознати личности и дека постановката со дури пет дела ѝ ја посветува на својата сопруга која за целото тоа време го храбрела да ѝ остане верен на оваа дисциплина. Говорејќи за начинот на работа врз портретот, тој вели дека сака низ разговор да оствари специјален однос со своите модели, да дознае што повеќе за таа личност.

Дело на сликарот Петар Печков.

Дело на сликарот Петар Печков.

„Не е најважно да се постигне физичката сличност на портретот со портретираниот. Можете да постигнете голема сличност, но портретот да биде празен. Да нема контакт меѓу уметникот и моделот. Во самиот портрет морам да бидам и јас како субјект и портретираниот како објект. Се случува многу поделикатен однос отколку што на прв поглед изгледа. Позирањето на пример денес така го одбегнуваат, меѓутоа тоа е навистина фина работа, можеби некому здодевна, но сепак возбудлива оти имаш директен контакт со човекот што го портретираш“, вели Попчев.

Запрашан кои портрети му се особено драги, уметникот истакнува дека не би сакал никако да се раздели од незавршениот портрет на Кондовски и оној на неговиот син Димо со фотоапарат во рацете. Потенцира дека е горд и на делата на кои се Јоаким Хармосин и големиот мијачки јунак Ѓурчин Кокале кои се наоѓаат во МАНУ.

На забелешката дека на портретите има ситни препознатливи детали за него како автор, Попчев појаснува дека таквиот зафат несвесно му доаѓа, но дека тоа е сепак добро „бидејќи е печат на неговото сликарство“.

„Јас упорно бегам од цртање. Го мразам цртањето како форма затоа што ми дава некои математички точни или неточни податоци. Јас во суштина сум сликар. Нанесувам боја и сликам. Меѓутоа сликајќи, пак, тешко доаѓам до фотографската точност на ликот и исклучиво водам грижа портретот да биде свеж. Ако не ми се допадне мене го бришам и ај со здравје!“, вели уметникот.

Кон ова само уште информацијата дека Петар Попчев зад себе има повеќе самостојни изложби, а учествувал и на триесеттина групни претставувања и колонии во земјава и во странство.

XS
SM
MD
LG