Достапни линкови

Орав - препорака и покрај тоа што ЕУ нотира назадувања


Извештајот е објективен и во него има многу искрени и јасни пораки на кои полиња треба да се делува, изјави еврокомесарот Аиво Орав на прес-конференцијата во ЕУ Инфо центарот непосредно по презентацијата на Извештајот за напредокот на Македонија во Брисел од страна на еврокомесарот во заминување Штефан Филе. Орав порача дека Брисел кумулативно го следи она што Македонија го постигнува со години наназад.

„Македонија по шести пат ја доби препораката за отпочнување на пристапните преговори и покрај тоа што ЕК нотира назадување во изминатата година“, рече евроамбасадорот Орав.

Во однос на препораките за делување пред се го истакна решавањето на прашањето за името и враќањето на политичкиот дијалог преку преземање чекори од страна на власта и опозицијата. Меѓу забелешките во Извештајот Орав ги наведе и политизацијата на државните институции, унапредувањето на слободата на медиумите, како и ставање на партиските интереси пред интересите на државата.

Евроамбасадорот притоа изрази надеж дека забелешките ќе бидат сфатени сериозно и во што покус рок надминати.

Евромабасадорот Аиво Орав денеска Извештајот за напредокот на РМ за 2014 година ќе го презентира пред шефот на државата Ѓорге Иванов, претседателот на Собранието Трајко Велјаноски и пред премиерот Никола Груевски.

XS
SM
MD
LG