Достапни линкови

logo-print

Се бара итна акција за одбрана на Кобани


Новиот пратеник на ОН за Сирија, Стафан де Мистура, побара итен меѓународен одговор за нападот на милитантите на Исламската држава врз стратегискиот сириски град Кобани кој се наоѓа на границата со Турција. Во меѓувреме, илјадници курди протестираа во Турција со барање за поцврст одговор милитантите.

Светот длабоко ќе зажали доколку милитантите на Исламската држава го освојат градот, кој се брани со голема храброст, но по се изгледа тоа не е доволно. Треба да дејствуваме веднаш, изјави пратеникот на Обединетите нации за Сирија Стафан де Мистура во Женева.

Светот со сопствени очи ги виде сликите на она што се случуваше кога град во Сирија или Ирак беше преземен од терористичката група Исламска држава: масакри, хуманитарни трагедии, силувања, страшно насилство.

Тој прецизира дека градот три недели е под опсада и оти во него има над 400 илјади луѓе, главно Курди.

„Светот со сопствени очи ги виде сликите на она што се случуваше кога град во Сирија или Ирак беше преземен од терористичката група Исламска држава: масакри, хуманитарни трагедии, силувања, страшно насилство“, вели тој.

Според де Мастура, Турција била великодушна во прифаќањето на бегалците од Кобани, но оти меѓународната заедница треба да го заштити градот.

Она што ни треба е конкретна акција и тоа сега.

„Она што ни треба е конкретна акција и тоа сега“, рече тој.

Претходно турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека Кобани бил пред паѓање во рацете на борците на Исламската држава.

Токму можноста за тоа го зголеми притисокот врз Турција да и се приклучи на меѓународната коалиција за борба против џихадистите.

Тие сакаат да го заземат Кобани со цел да се зацврстат на границата и да ги консолидираат териториите што во изминативе месеци ги освоија во Ирак и Сирија.

Воздушните напади предводени од Соединетите Држави досега не успеаа да го спречат напредувањето на милитантите.

Турција соопшти дека врши притисок врз Вашингтон да ги интензивира нападите од воздух, иако претседателот Ердоган оцени дека тие не се доволни за да се поразат милитаните на Исламската држава.

Според Сириската опсерваторија за човекови права со седиште во Британија, во досегашните борби за Кобани загинале неколку стотици Курди.

Во меѓувреме, официјална Анкара се соочи со протести во земјата, главно на курдите на кои се бара поголемо турско воено ангажирање против џихадистите.

Во протестите дошло и до судири со полицијата при што имало и неколкумина загинати.

Протести имало не само во јужните делови на Турција, туку и во поголемите градови како Анкара и Истанбул.

Курдските политичари во Турција сметаат дека турската влада сноси дел од одговорноста за напредувањето на исламските милитанти.

Ситуацијата во Кобани доведе и до протести на курдите во Брисел и Женева.

НАТО членката Турција има прифатено над 180 илјади луѓе кои избегале од Кобани, но досега одбиваше да им се приклучи на сојузниците предводени од Соединетите Држави против сунитската милитантна група Исламска држава со образложение дека кампањата би требало да биде насочена кон отстранување на сирискиот претседател Башар ал Асад.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG