Достапни линкови

logo-print

Астални проекции од љубов кон поезијата


Со третите „Астални проекции“, кои се случуваат вечерва во скопскиот клуб „Менада“, ненаметливо, но стамено, се заокружува идејата дека поезијата може да пулсира и сплотува на кое било место каде ќе се најдат поети и ќе биде поставен микрофон. Зад оваа заложба првично застанаа Ѓоко Здравески, Ана Голејшка и Фросина Стојковска, а интересот за учество за секоја идна средба е сè поголем.

Идејата за поетското читање, за кое патем семката е фрлена во една кафеана во Дебар Маало, е дека треба да има нешто во Скопје што нема да побарува подготвување со месеци, па барање „спонзори“, пари. Поентата беше дека ни треба простор и еден микрофон и дека поезијата сама ќе си дојде.

Идејата беше да покажеме дека поезијата не е баук, дека тоа не е салон на ДПМ и т.н, туку дека поезија може да чита секој кој ќе биде одбран по повикот што го објавуваме на социјалните мрежи. Досега не сме одбиле никого којшто се пријавил и ни ги испратил своите песни и други кратки книжевни форми.

Вака Ѓоко Здравески ќе ја започне приказната во пресрет на третите „Астални проекции“ што ќе се обистинат вечерва во „Менада“ и каде поезија или други кратки книжевни форми овојпат ќе читаат четиринаесетмина автори меѓу кои Иван Шопов, Мира Смаќоска, Зоран Радически, Моника Стојановска, Борис Николај Двојаковски, Ирена Трајкова и други, а специјален гостин ќе биде Анџелика Јорданова.

Ѓоко Здравески.

Ѓоко Здравески.

Тој допонува дека во приказната влегле Ана Голејшка и Фросина Стојковска за да „се најдат во близина за сè што треба“, а дека самиот се нафатил да ги води читањата.

Идејата може понатаму многу да се развива. Сè уште сме млади и сево ова сè уште е тазе. Ќе оди секогаш секој прв вторник во месецот и ќе оди додека имаме ентузијазам да го правиме. Јас се надевам дека ќе стигнеме барем до 100-ка.

„Поентата е на „Астални проекции“ да се појави секој што сака да чита поезија, без разлика на возраст, без разлика на тоа дали е познат поет или никогаш никој не чул за него и сето тоа го правиме со многу љубов. Идејата беше да покажеме дека поезијата не е баук, дека тоа не е салон на ДПМ и т.н, туку дека поезија може да чита секој кој ќе биде одбран по повикот што го објавуваме на социјалните мрежи. Досега не сме одбиле никого којшто се пријавил и ни ги испратил своите песни и други кратки книжевни форми“, вели тој.

Здравески истакнува дека сега засега, додека идејата си фаќа корен, решиле да одат само со поезија, еден микрофон и светло, но вели дека имаат многу замисли што треба да се развиваат понатаму и конечно дека ги чека убава работа. Појаснува дека концептот е многу едноставен, дека го презел од негови пријатели во Белград кои прават читање кое се вика „АРГХ поезија“.

Кога тие луѓе ќе се појават и кога тие ќе направат шоу од нивниот настап, тоа е супер. Тоа е она што мене ме радува и за што ги правиме „Астални проекции“.

„Се чита во три круга. Првите два круга се чита своја поезија, а во третиот туѓа што е многу важно бидејќи тука се гледа кој што чита и тој круг е најнеочекуван бидејќи не знаеме кој што ќе прочита воопшто. А на самото случување може да се продаваат книги, може да има настапи коишто ќе бидат мултимедијални, може да се проектираат кратки филмови. Идејата може понатаму многу да се развива. Сè уште сме млади и сево ова сè уште е тазе. Ќе оди секогаш секој прв вторник во месецот и ќе оди додека имаме ентузијазам да го правиме. Јас се надевам дека ќе стигнеме барем до 100-ка“, вели Здравески.

Како организатор, тој не исклучува можност за еден вид каравани со „Астални прекции“ во земјава, но забележува дека многу побитно е што веќе за учество се јавиле поети од неколку градови од Македонија.

„На овие „Астални проекции“ ќе имаме две девојки од Охрид. Ќе имаме поет од Гевгелија, поет од Берово, поетеса од Штип итн. Доаѓаат луѓе од цела Македонија. На вторите имавме поет од Бугарија, поет од Малта. Интересно е што доаѓаат на своја сопствена желба. Со ентузијазам. Ние ниту плаќаме пат, ниту даваме нешто хонорар. Сè се прави само од љубов“, вели тој.

Здравески потенцира дека зад сето ова нема некој голем контекст и дека тие се среќни што на досега одржаните „Астални проекции“ се појавиле да читаат млади луѓе од по 16 – 17 години.

„Среќни сме што откриваме такви деца. Што се појавува тука некоја нова генерација. Јас веќе не се сметам себе си за млад поет. Со години сум на сцената и веќе сум си сам на себе збоктисан и многу ми е ќеф кога ќе се појави некој да прочита како Исток Улчар или како Евгенија Јанакиевска или Андреј Ал Асади. Кога тие луѓе ќе се појават и кога тие ќе направат шоу од нивниот настап, тоа е супер. Тоа е она што мене ме радува и за што ги правиме „Астални проекции“. Исто така да се појави некој човек што има 80 години, што никогаш никаде не прочитал поезија да го откриеме на таа возраст дека е супер поет. Ете за тоа ми се прават овие читања. Тоа е мојата идеја за целата оваа работа. Нема зад тоа некаков голем концепт за „нови генерации“. Многу е едноставно, многу лесно тече работата“, вели Здравески.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG