Достапни линкови

logo-print

Политички дијалог нема - препораката од ЕУ виси


Ќе го изгуби ли Македонија и тоа што го имаше со ЕУ? Ден пред објавата на извештајот за напредокот ова е клучното прашање. Една од причините, покрај се поголемите критики за владеењето на правото, слободата на печатот и говорот, е и немањето дијалог меѓу власта и опозицијата. Тие,според аналитичарите, не го познаваат значењето на зборот компромис.

Ден пред официјалното објавување на извештајот за напредокот на нашата земја, нема напредок во политичкиот дијалог меѓу власта и опозицијата. И покрај забелешките од меѓународните претставници дека и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ треба што поскоро да излезат од политичкиот ќорсокак, домашните аналитичари не веруваат дека политичките лидери ќе го направат првиот чекор.

Кај нас ниту владее правото, ниту сме правна држава, нити има слобода на печат, слобода на мислење, има проблеми во односите со новинарите, власт-опозиција, овој парламент не е парламент, тоа е разговор сам со себе. Нема ни демократија, ни ништо.

„Кај нас ниту владее правото, ниту сме правна држава, нити има слобода на печат, слобода на мислење, има проблеми во односите со новинарите, власт-опозиција, овој парламент не е парламент, тоа е разговор сам со себе. Нема ни демократија, ни ништо“, изјави професор Лазар Лазаров.

Значењето на политичкиот дијалог за нормалното функционирање на едно општество го истакнува и професорот Башким Селмани. Според него, немањето на политички дијалог на внатрешен план предизвикува економски и психолошки проблеми кај граѓаните.

Јас очекувам дека двете страни се уверени дека е избран најлошиот пат, значи дека некоја трета страна треба да ги координира и да ги седне да зборуваат за иднината на нашата политика и нашата држава.

„Дијалог според Устав мора да имаат политичките партии, бидејќи тие раководат со државата, без разлика дали се власт или опозиција. Значи, не се почитуваат етичките правила во политиката. Доколку не се поправи оваа политика, ќе создаде проблеми, не само во владеењето во државата, туку и во доаѓањето до компромис“, вели Селмани.

Професор Лазаров е уверен дека извештајот ќе биде строг и критичен, особено кај делот на политичкиот дијалог и нормалното функционирање на демократијата. Но, од друга страна, смета дека земјава нема да ја изгуби препораката за почнување на преговори за членство, оти тоа би можело дополнително да ја продлабочи политичката криза и да го закочи спроведувањето на реформите.

„Власта и опозицијата да почнат да разговараат и да се дојде до едно решение, да нема победник и победен. Јас го обвинувам и Заев и Груевски, но посебно Груевски, бидејќи кај него е диригентската палка, тој е власта“, вели Лазаров.

Филозофијата на победник и поразен е она што е карактеристично за менталитетот на домашните политичари. Тие не го познаваат значењето на зборот компромис, вели професор Селмани. Кога политичкото лидерство ги игнорира реалните проблеми во својот двор, не можете да очекувате дека ќе води разумна и компромисна политика, истакнува Селмани.

„Јас очекувам дека двете страни се уверени дека е избран најлошиот пат, значи дека некоја трета страна треба да ги координира и да ги седне да зборуваат за иднината на нашата политика и нашата држава“, вели Селмани.

Нашите соговорници не се убедени дека присуството на трета страна би помогнала во откочувањето на политичкиот дијалог. Кога помошта ја бара едната, а не двете страни заедно, тогаш не може да имате реални очекувања дека присуството на независен фактор ќе го заживее политичкиот дијалог, велат тие.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG