Достапни линкови

Огромни сообраќајни казни за полнење на буџетот


Илустрација.
Илустрација.

Големите казни за сообраќајни прекршоци нема да го решат проблемот со брзото возење, туку служат за полнење на државната каса, сметаат дел од анкетираните граѓани.

Граѓаните се скептични дека новите рестриктивни казни во сообраќајот ќе имаат ефект врз брзото возење, бидејќи оценуваат дека е потребно поголемо присуство на терен на полицијата и други едукативни мерки за да се смени свеста кај возачите. Според нивните зборови, висината на казните е претерана. Во населено место, доколку се надмине брзината од 50 километри на час, казната е 500 евра.

Висината на казните е преголема и не може да си ја дозволи обичен граѓани, и за обичните казни за паркирање на тротоар на пример се премногу високи за нашиот стандард.
Анкетиран граѓанин.

Министерката за внатрешни работи неодамна изјави дека рестриктивните мерки нема да го решат проблемот сами по себе и дека ќе има и други мерки, но засега на терен луѓето не забележуваат ништо од тоа. Луѓето реагираат дека полицијата пишува казни за банални работи и ситни прекршоци.

„Секако дека треба да се преземат и други чекори за да се регулира брзината на возење во градот. При самите обуки за новите возачи треба да има можеби поригорозни мерки и плус регулацијата, мислам сообраќајните полицајци треба да бидат повеќе вклучени во регулирањето на сообраќајот. Висината на казните е преголема и не може да си ја дозволи обичен граѓани, и за обичните казни за паркирање на тротоар на пример се премногу високи за нашиот стандард“, вели една граѓанка.

Имаме далеку посериозни работи во сообраќајот коишто треба да се почитуваат, отколку тоа дали гумите се со кал или не.
Анкетиран граѓанин.

Со новиот Предлог-закон, најкарактеристични случаи за кои се предвидени построги казни се брзото возење, возење под дејство на алкохол и непрописно паркирање и запирање. Како и да е, новини има и во делот на авто-школите, односно задолжително е доопремување со камери за да се регистрира дали кандидатот ја поминал целата програма. Но, дел од новините се казни од 100 евра доколку гумите од возилото се калливи.

Граѓаните мислат дека има казни кои се банални и кои немаат никаков ефект врз спречување на сообраќајните несреќи што се случуваат сè почесто.

„Имаме далеку посериозни работи во сообраќајот коишто треба да се почитуваат, отколку тоа дали гумите се со кал или не.“

„Како и сите нови казни, закони и сè живо и диво, сè тоа кога ќе треба да се имплементира на терен, мислам дека за дел од тие казни, иако постојат, според мене, полицијата нема да го казнува“, велат дел од граѓаните.

Дел од нив се убедени дека казните кои се банални се диктирани единствено од потребата да се полни државната каса, но има и такви кои не гледаат ништо лошо во политиката на казни.

„Казните навистина се високи, ама човечкиот живот е повисок“, вели еден граѓанин.

Многу граѓани дополнуваат дека и новите кампањи кои одат на телевизија за подигнување на свеста за безбедност во сообраќајот се застрашувачки и дека им недостасува едукативна содржина. Можеби и Советот за радиодифузија треба да одреди посебни термини во кои треба да се емитуваат овие кампањи, забележуваат некои од луѓето.

„Сум ги гледал кампањите, дел од нив се многу морбидни, а со кампањи не се решаваат проблемите. Повеќе би се решиле со правила и прописи коишто се стриктни и важат за сите“, вели еден граѓанин.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG