Достапни линкови

Економскиот раст зависен од странските кредити


Илустрација.
Илустрација.

Бруто надворешниот долг на Македонија заклучно со првата половина од годинава достигна рекордни 5 милијарди и 741 милиони евра, односно 71,6 отсто од БДП-то.

Постојаното зголемување на задолженоста на Македонија во странство покажува дека дури и тој мал раст на економијата што го имаме е резултат на зголемување на долгот, вели поранешниот гувернер на Народната банка на Македонија Петар Гошев.

Не може економијата да добива храна само преку задолжување коешто не се ефектуира во потенцијалот на економскиот раст, значи не влегува во капацитетот на економскиот раст, не се вградува трајно во факторите на раст на економијата и тоа, се разбира, не може да трае долго.
Петар Гошев, поранешен гувернер на НБРМ.

Бруто надворешниот долг на Македонија заклучно со првата половина од годинава достигна рекордни 5 милијарди и 741 милиони евра, односно 71,6 отсто од БДП-то. Тоа е вкупниот долг и на државата и на приватните фирми кон странство. Во првата половина од годинава, овој долг е зголемен за 522 милиони евра.

Гошев вели дека ова покажува дека растот на економијата во последните години во добар дел се должи на зголемување на задолженоста, дали преку приватниот, дали преку јавниот сектор.

Секако дека ние би сакале повеќе да имаме странски директни инвестиции, макар и како кредити меѓу поврзани субјекти и повеќе трговски кредити коишто покажуваат дека нашите компании повеќе увезуваат и повеќе извезуваат во странство.
Димитар Богов, гувернер на НБРМ.

„Ако не се зголемуваат реалните индикатори на економијата, ако не расте продуктивноста на трудот, ако не расте вработеноста, тогаш тој тренд ќе издиши. Не може економијата да добива храна само преку задолжување коешто не се ефектуира во потенцијалот на економскиот раст, значи не влегува во капацитетот на економскиот раст, не се вградува трајно во факторите на раст на економијата и тоа, се разбира, не може да трае долго“, вели Гошев.

Народната банка во првата половина од годината ја зголемила задолженоста кон странство за 305 милиони евра, приватните фирми се задолжиле за дополнителни 136 милиони евра, а странските компании во Македонија се задолжиле кај нивните централи во странство за 83 милиони евра.

Гувернерот на Народната банка на Македонија, Димитар Богов, вели дека висината на долгот не е загрижувачка, затоа што растот е резултат на кредитите и задолжувањата на странските компании во земјава кај нивните матични компании во странство и оти Македонија останува умерено задолжена земја.

„Надворешниот долг не е загрижувачки, токму поради тоа што две големи компоненти отпаѓаат на овие две појави коишто се многу позитивни за нашата економија и секако дека ние би сакале повеќе да имаме странски директни инвестиции, макар и како кредити меѓу поврзани субјекти и повеќе трговски кредити коишто покажуваат дека нашите компании повеќе увезуваат и повеќе извезуваат во странство“, вели Богов.

Поранешниот гувернер на НБРМ Љубе Трпески, пак, вели дека јавноста најмногу треба да ја интересира долгот што е направен или е гарантиран од државата.

„Останатите делови од долгот си имаат свои субјекти кои се одговорни за сервисирање на тој долг, а не државата. Затоа вкупниот долг што сега се прикажува во јавноста треба да се расчлени по делови и вниманието да се фокусира на оној дел за којшто гарантира државата“, вели Трпески.

Од вкупниот надворешен долг, државата должи 1,6 милијарди евра, Народната банка 378 милиони евра, банките 608 милиони евра, долговите меѓу поврзани претпријатија се 1,25 милијарди евра и останатите фирми должат 1,9 милијарди евра кон странство.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG