Достапни линкови

Борисов сака да формира влада


Партијата на десниот центар ГЕРБ на поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов, според првичните резултати, води на предвремените парламентарни избори што се одржаа во неделата. Се очекува оваа партија да добие 90 пратеници во парламентот кој има 240 места. Бугарските социјалисти освоија над 16 насто од гласовите. Тоа значи дека ГЕРБ не ќе може и сама да формира влада.

Пеесет и пет годишниот Бојко Борисов изјави дека ќе се обиде да формира влада и да го одбегне, како што изјави, банкротот на земјата.

„Сакам да владеам лично“, рече поранешниот телохранител и носител на црн појас во карате, повикувајќи ги лидерите на другите партии да размислат пред да решат да не соработуваат со него.

Бојко Борисов

Бојко Борисов

Подготвен сум да ги преземам сите ризици во владеењето со земјата. Им порачувам на другите партски лидери да не соопштуваат категорични ставови во наредниве денови.

Бојко Борисов не е некој кој се плаши да се бори, јавуваат новинските агенции, наведувајќи дека допрва треба да се види дали ова негова карактеристика, како и неговото минато ќе му помогне во составувањето на новата бугарска влада.

Син на полицаец и учителка, Борисов дипломира на Полициската академија во Софија и најнапред работи како пожарникар пред да формира своја телохранителска служба во 1991 година.

Тој му беше телохранител на поранешниот бугарски диктатор Тодор Живков откако беше соборен од власт две години пред тоа, како и на пораншениот бугарски крал Симеон кој по 50 години се врати во земјата.

Кога Симеон во 2001 година стана премиер, го одбра Борисов за министер за внатрешни работи. Но неговите амбиции беа поголеми. Стана градоначалник на Софија и формира своја партија ГЕРБ, а во 2009 година и буграска влада.

По големите протести и нереди во земјата поради корупцијата и сиромаштијата во земјата, на предвремните избори во февруари минатата година партијата на Борисов победи, но тој не успеа да формира влада.

Тогаш формирана влада издржа само 14 месеци пред да го фрли пешкирот на рингот и да му даде шанса на Борисов за уште еден удар.

Овојпат тој се држеше настрана од големи политички собири, со култивиран имиџ на мудар човек кој може да и донесе стабилност на земјата.

Новата влада ќе биде петта во изминативе две години, период проследен со масовни протести.

Натамошна нестабилност ќе ги одврати инвеститорите, а веќе е забележан пад на инвестициите од 25 насто.

Европската унија побара од Бугарија да се откаже од изградбата на рускиот гасовод Јужен тек.

Борисов најави дека ќе ја продолжи работата на гоасоводот, но само со дозвола од Унијата. Социјалистите беа за продолжување на проектот по секоја цена.

До овие избори дојде по оставката на владата предводена од социјалистите во јули годинава на што и претходеа протести и тешка криза во банкарскиот сектор.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG