Достапни линкови

Неделен печат - Ќосето, медиуми, прослава во новиот театар


Глобус пишува за споменикот на Ќосето во Скопје, Фокус за пресудата за клевета против Сашо Мијалов, а Република за прославата во старо-новиот театар на која присуствуваше раководството на СДСМ.

Глобус - Автогол за историското ВМРО!

На само една недела пред добивањето на европскиот извештај, новинарите се осудени на контото на Мијалков да уплатат 9 илјади евра, во пресрет на бриселските заклучоци од кои сите стрепиме дали Македонија ќе ја задржела препораката.
Фокус

Глобус пишува дека споменикот на Ќосето пред Судската палата во Скопје претставува „Автогол за историското ВМРО!“ Не само што споменикот го отвори прашањето за неговото финасирање, туку го разбива митот за историското ВМРО: крвничките потези на Ќосето сега се оправдуваат со „насоките“ на Гоце Делчев (како што напиша Дневник). Обидите да се отслика вистинскиот лик на овој професионален убиец се затворени за најголем дел од медиумите во земјава, пишува Глобус и потсетува на оценката од човекот од кој власта најмалку би очекувала зашто е член на Советот на град Скопје од редовите на владејачката партија, професорот историчар Владо Поповски, кој Ќосета го оцени како „ликвидатор и сериски убиец“. За да се „оправда“ споменикот - донација од Здружението Сетинци, Попадинци и Крушоради и нивната непозната ризница од каде се донираат споменици, се напаѓа реално Гоце Делчев, а со тоа и самата ВМРО?! Да ни живее Здружението! Тоа ли е сè што ќе остане од нашата светла историја? - прашува на крајот Глобус.

Самоуништувањето на најголемата опозициска партија е неповратен процес, кој е само прашање на време кога ќе финишира со распад на партијата
Република.

Фокус - Убиство по нарачка

Андон Ќосето му послужил и на уводничарот на Фокус да пишува за „Убиство по нарачка“ поттикнат од потврдата на пресудата и од Апелациониот суд во корист на шефот на тајната полиција, Сашо Мијалков, Фокус да му исплати 9.000 евра отштета затоа што објави изјави и интервјуа од поранешниот амбасадор во Чешка, Игор Илиевски во кои се жали на притисоци од Мијалков. Па вели: „На само една недела пред добивањето на европскиот извештај, новинарите се осудени на контото на Мијалков да уплатат 9 илјади евра, во пресрет на бриселските заклучоци од кои сите стрепиме дали Македонија ќе ја задржела препораката. Кон негативните оценки на ОБСЕ/ОДИХР за организирањето на изборите (ефективни, но без формулацијата фер и демократски), блокираниот политички дијалог, непризнаениот претседател од страна на коалициониот партнер ДУИ, сега може да се стави и Андон Ќосето од пред судската палата. Човекот убивал и колел, ама по нарачка. Дали нарачките што ги добиваат македонскиве ќосевци имаат за цел финансиски да исцрпат или да заплашат? Или и едно и друго?“ - сам си одговара Фокус на прашањето.

Република - Парада, пиење и кич

Република ја критикува СДСМ зошто приредила гламурозна забава во еден од објектите на „Скопје 2014“, кои толку многу ги критикувала, зградата на старо-новиот театар. Под наслов „Парада, пиење и кич“, уводничарот смета дека највисокото партиско раководство како да извршило харикири со организирањето на овој елитен „циркус“ и се чинело дека партиската елита сè уште била опиена од самобендисаноста, па не била засегната од реакциите на граѓаните. Република на крајот пишува дека „самоуништувањето на најголемата опозициска партија е неповратен процес, кој е само прашање на време кога ќе финишира со распад на партијата“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG