Достапни линкови

Седмиот „Панфиз“ пред разврска на јазолот


Со изведбата на претставата „Кошничка со сирење“ на Иман Лизаразу од САД, в сабота, во 20 часот, на сцената „Потковица“ во Универзална сала во Скопје, ќе започне седмото издание на Интернационалниот фестивал на пантомима и физички театар „Панфиз“. До 7 октомври ќе бидат прикажани уште три претстави, но наспроти ентузијазмот, оригиналноста и евидентниот програмски растеж, организаторите „Страница театар“ идејата ја крепат на повеќе од скромен буџет и „стари познанства“.

Со буџет од 200 илјади денари од Министерството за култура колку и лани (кој, пак, бил намален за 45 отсто во предминатата година), Интернационалниот фестивал на пантомима и физички театар „Панфиз“ и овојпат ќе се одвива на крилјата на ентузијазмот на организаторите и нивните стари познанства. Од таму, нималку не чуди кога Трајче Георгиев, како прв човек на манифестацијата, знае да каже дека ова ќе биде последната година во која настаните ќе се случуваат така како што се случуваат.

Идејата беше Фестивалот да расне во квалитативна, а не во квантитативна смисла. Ако се сеќавате, почнавме со седум-осум претстави првата година кога немавме поддршка од никого, а сега кога имаме каква-таква поддршка, како што реков, имаме само четири претстави.

„Фестивалот дојде до некое ниво кое го очекувавме, посакувавме и ми се чини дека понатаму ќе биде многу тешко да се одржува тоа ниво. Сето тоа поради средствата кои што ги добиваме, односно не ги добиваме. Идејата беше Фестивалот да расне во квалитативна, а не во квантитативна смисла. Ако се сеќавате, почнавме со седум-осум претстави првата година кога немавме поддршка од никого, а сега кога имаме каква-таква поддршка, како што реков, имаме само четири претстави“, вели Георгиев.

Тој дополнува дека времињата се менуваат, дека кризата се чувствува, но вели дека сите кои значат нешто во пантомимата и физичкиот театар мора да бидат подмирени со патни трошоци, сместување, хонорари, со сето она што му следува на учесник на еден нормален фестивал. Потенцира дека тие тоа не можат да си го дозволат и дека на програмата имаат луѓе на кои можат да им покријат само одредени трошоци.

Јас сум скептичен за прв пат по седумгодишно организирање на овој Фестивал. Ова го велам гледајќи што се случува околу нас. Гледајќи дека манифестации со јадење и пиење се третираат како културни настани, а сето друго што нешто значи и е раритетно, не само на Балканот, туку и во Европа, еден од ретките вакви фестивали, можеби два-три кои што се занимаваат со оваа проблематика, со овој театар, се оставени на маргините да се снаоѓаат со 200 илјади денари.

„Јас сум скептичен за прв пат по седумгодишно организирање на овој Фестивал. Ова го велам гледајќи што се случува околу нас. Гледајќи дека манифестации со јадење и пиење се третираат како културни настани, а сето друго што нешто значи и е раритетно, не само на Балканот, туку и во Европа, еден од ретките вакви фестивали, можеби два-три кои што се занимаваат со оваа проблематика, со овој театар, се оставени на маргините да се снаоѓаат со 200 илјади денари“, вели Георгиев.

Инаку седмиот „Панфиз“, поради технички причини (поплавите), наместо на Малата сцена на МНТ, благодарение на заложбата на Театар 007, ќе се одвива во Универзална сала. Ваквото колегијално подавање на раката за Снежана Коневска Руси подразбира и зародиш на идејата за потесна соработка со нивниот фестивал „Лица без маски“.

„Доста ми е од делење, цепкање на различни трупи, фестивалчиња низ Македонија. Би сакал во иднина да има еден, но вреден фестивал и бидејќи и алтернативниот фестивал „Лица без маски“ носи во својата содржина дел од нашиот профил на пантомима и физички театар и се допираме до извесни точки и можеби иднината на ваквите два фестивала би била во едно здружување кое би било бомбастично во Скопје“, вели Георгиев.

Фестивалот ќе започне со „Кошничка со сирење“, поетичната приказна за еден кловн кој се обидува да заспие, која генијалната Баскијка Лизаразу по пет-шест години повторно од САД ја носи во Македонија. Следува третата македонска претстава на „Панфиз“ досега - „Проклетството на Виктор и Викторија“ на Војо Цветановски, проект во кој играат Дарко Вељиќ и Марија Бејкова (ТимТеатРок и ФДУ – магистерски труд на продуцентката Сибил Јакуповиќ), а потоа и „Месечев човек“ на Џулиета Килгеман и интернационалниот „Невидлив ансамбл“ од Велика Британија, проект кој што обработува вистинска приказна и кој се базира не само на пантомимата, туку и на тетатарот на Де Кру – таткото на модерната, граматиката на пантомимата. Конечно, завесата на седмиот „Панфиз“ ќе биде спуштена со „Приказна без зборови“ на Романецот Стефан Руксанда, ученик на нам добро познатиот Дан Пурик и артист кој со сите сили се труди да го надмине знаењето на својот професор.

Кон ова само уште информацијата дека и овојпат на крајот на случувањето ќе биде доделена единствената награда чии спонзори се Антонија Цветанова и Росен Пацов од соседна Бугарија, а автори на плакатот и годинава се актерот Гораст Цветковски и неговиот колега Трајче Георгиев.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG