Достапни линкови

МЗТ се надева преку АБА да стигне до Еврокупот


Новиот тренер на МЗТ Скопје, Змаго Сагадин, очекува одбрана на домашната двојна круна и борба за шестото место во АБА лигата кое води во Еврокупот.

Македонскиот кошаркарски шампион МЗТ Скопје Аеродром в сабота ќе ја стартува новата сезона, во која трет пат едноподруго ќе биде дел и од регионалната АБА лига. Во неа, тимот од Аеродром ќе влезе со драстично променет состав, откако летоска го напуштија Гечевски, Чековски, Дамјан Стојановски, Костоски, Синовец, Оташевиќ, Дејвис, Шеховиќ, чии места, освен со играчи од младинскиот погон, клубот ги пополни и со новаците Симоновски, Зивчевиќ, Грузиецот Цинцадзе, Канаѓанецот Класен.

Јас се надевам дека ќе одиме чекор напред во однос на претходната сезона. Според квалитетот ние сме на средина на табелата, па ако се укаже шанса ќе се бориме и за шестото место, кое носи пласман во Еврокупот. Тоа би биле нашите крајни можности.
Змаго Сагадин, тренер на МЗТ Скопје.

Нов е и тренерот, докажаниот и трофеен кошаркарски стручњак, Змаго Сагадин, чија примарна задача ќе биде создавање квалитетен домашен кадар, а со тоа силен и успешен тим за во иднина. Но, тоа не значи и откажување од одбраната на домашната двојна круна. Тоа е обврска и за сегашниот МЗТ, чиј тренер најавува и битка за највисок клупски пласман во АБА лигата (во претходните две сезони МЗТ заврши на седмото и на деветтото место во конкуренција на 14 екипи).

„Јас се надевам дека ќе одиме чекор напред во однос на претходната сезона. Според квалитетот ние сме на средина на табелата, па ако се укаже шанса ќе се бориме и за шестото место, кое носи пласман во Еврокупот. Тоа би биле нашите крајни можности, бидејќи евролигашите Цедевита и Црвена Ѕвезда имаат респектабилни екипи, а тука се и традиционално добриот Партизан и Будуќност. Тоа се клубовите кои отскокнуваат, а потоа има повеќе екипи кои се на ланското ниво и тоа е делот од табелата кој ние ќе го напаѓаме“, изјави Сагадин.

Ако сакаш да бидеш победник, мора да знаеш да загубиш. Мора да поднесеш пораз. Ние ги загубивме петте последни натпревари пред сè поради тоа што не игравме во комплетен состав, поради повреди и доцното приклучување на новаците.
Змаго Сагадин, тренер на МЗТ Скопје.

Според многумина овие амбиции не се реални, особено по петте едноподруго порази во подготвителниот период. Сагадин не се согласува со тоа, а негативната серија ја оправдува со фактот што на ниту една од средбите одиграни во последните две недели, тимот не беше комплетен. Покрај тоа, според него, овие порази се и добредојдени за да се увидат и отстранат недостатоците во играта, пред првиот значаен меч, на 4-ти октомври со Мега Визура во Сремска Митровица, на стартот од АБА лигата.

„Ако сакаш да бидеш победник, мора да знаеш да загубиш. Мора да поднесеш пораз. Ние ги загубивме петте последни натпревари пред сè поради тоа што не игравме во комплетен состав, поради повреди и доцното приклучување на новаците. Јасно е дека кога не сме комплетни, дека не сме на ниво. Но, тоа се тренинг дуели, ние оваа недела ќе се комплетираме, ќе го освежиме тимот и в сабота ќе се прикажеме во вистинското светло, а од недела во недела ќе бидеме се посилен тим“, додаде Сагадин.

Инаку, во новата сезона во АБА-лига, 14-те екипи (МЗТ Скопје, Будуќност, Цедевита, Цибона, Црвена Ѕвезда, Широки, Крка, Левски, Мега Визура, Металац, Партизан, Шолнок, Унион Олимпија и Задар) за титулата ќе се борат преку плејоф, а не преку фајналфор - турнир како што беше досега. Тоа значи дека првиот по завршувањето на лигашкиот дел (23-ти март 2015-та година) ќе се соочи со четвртиот, а вториот со третиот на табелата.

Полуфиналињата и финалето ќе се играат до три добиени средби, со тоа што домаќини на првите два меча и на евентуалните мајсторки ќе бидат подобро пласираните тимови.

XS
SM
MD
LG