Достапни линкови

Почеток на 70 јубилејна сезона на Македонската филхармонија


Борјан Цанев, диригент.

Борјан Цанев, диригент.

Врвни солистички имиња, диригенти и програми најавува Македонската филхармонија за претстојната нова јубилејна сезона 2014/15 што почнува со спектакуларен концерт утревечер, на 2 октомври, во 20 часот во Македонскиот народен театар. Со оркестарот ќе диригира маестро Борјан Цанев, како солист ќе настапи германскиот виртуоз на виолончело Даниел Милер-Шот, а четири дена подоцна, со истата програма, нашата најстара музичка институција ќе се претстави во прочуената сала „Ватрослав Лисински“ во Загреб, Хрватска.

„Прелудиум“ за оркестар од македонскиот композитор Панде Шахов, една од најкомплексните симфониски поеми - „Дон Жуан“ од Рихард Штраус и експресивната „Танц свита“ од Бела Барток се делата што ќе бидат изведени на концертот со кој Македонската филхармонија ќе ја отвори новата сезона во годината кога го одбележува својот голем јубилеј – седум децении од своето делување и културно вишнеење.

По прв пат сум во Македонија и голема чест е не само да се отвори сезоната, туку и да се биде дел од еден ваков јубилеј, 70 години постоење.

Со оркестарот ќе диригира маестро Борјан Цанев, а солист на овој настап ќе биде германскиот виртуоз на виолончело Даниел Милер-Шот (1976) еден од најистакнатите претставници на овој инструмент на новата генерација музичари, кој на сцената ќе го донесе звучно маркантниот, ефективен и патетичен Концерт за виолончело и оркестар од францускиот композитор Едуард Лало.

Даниел Милер-Шот, виолончелист.

Даниел Милер-Шот, виолончелист.

Голема чест за нас е да настапиме на отворањето на овој циклус во рамките на кој настапуваат оркестри како „Оркестар насионал д Франс“ со Даниеле Легати или „Оркестар Чајковски“ со Владимир Федосеев и други.

„По прв пат сум во Македонија и голема чест е не само да се отвори сезоната, туку и да се биде дел од еден ваков јубилеј, 70 години постоење. Концертот на Лало што ќе го изведам утревечер ми е особено драг зашто пораснав со него. Го свирев на 15 години кога првпат учествував на натпреварот „Чајковски“ во Москва и е напишан точно 100 години пред да се родам. Затоа и се чувствувам посебно што му се навраќам на делото и и се радувам на можноста што ќе можам мојата радост да ја споделам со македонската публика“, вели Милер-Шот во пресрет на претстојниот настап во Македонскиот народен театар.

Членки на Македонската филхармонија.

Членки на Македонската филхармонија.

Со оваа сложена, но атрактивна концертна програма, на 6 октомври, Македонската филхармонија ќе настапи и во прочуената концертна сала „Ватрослав Лисински“ во Загреб, Хрватска на отворањето на циклусот „Светот на музиката“.

Се обидовме да донесеме реномирани уметници, зашто во 70-годишното постоење Македонската филхармонија навистина тоа го заслужува.

„Голема чест за нас е да настапиме на отворањето на овој циклус во рамките на кој настапуваат оркестри како „Оркестар насионал д Франс“ со Даниеле Легати или „Оркестар Чајковски“ со Владимир Федосеев и други. Значи, со имиња кои што се веќе афирмирани и со оркестри со светско реноме. Македонската филхармонија ќе треба да се претстави на многу, многу високо ниво и да ја оправдаме довербата која што ни е укажана. Впрочем, тоа уште утре ќе можете да го чуете, а се надевам дека концертот во Загреб ќе биде уште подобар бидејќи втората изведба по правило би требало да биде посилна од премиерната“, истакнува маестро Цанев.

Маја Чанаќевиќ, директорката на Македонската филхармонија, пак, откако ќе забележи дека јубилејната сезона ја отвораат со спектакуларен концерт, кој самата долго го пожелувала, забележува дека во текот на целиот претстоен период тие како институција ќе понудат атрактивна и интересна програма, со врвни солистички и диригентски имиња.

„Се обидовме да донесеме реномирани уметници, зашто во 70-годишното постоење Македонската филхармонија навистина тоа го заслужува. Можам да ги споменам дел од гостите - покрај виолончелистот Даниел Милер-Шот со кого ја почнуваме сезоната, ќе настапат и оперската дива Ан Халенберг, пијанистите Тео Георгиу и Николај Демиденко, виолинистите Акико Сувонаи и Сергеј Крилов, трубачот Сергеј Накарјаков, флејтистот Емануел Пају, гитаристот Милош, диригентите Емил Табаков, Урош Лајовиц, Јануш Пшибилски, Пол Мекриш, Кристијан Мандеал, Дорон Соломон..., нашите диригенти Борјан Цанев и Саша Николовски-Ѓумар, како и многу македонски уметници“, вели Чанаќевиќ.

Таа дополнува дека, како и минатата, така и оваа сезона, концертите носат наслови, од кои дел од нив ја навестуваат тематиката, дел, пак, се само игра на зборови. Вели дека ќе понудат и нестандардни перформанси, меѓу кои концертот на Дуке Бојаџиев со кој ќе се одбележи Денот на вљубените, како и оној насловен ’Видео игра‘ со кој малку ќе си поиграат со музиката на видео-игрите.

„Тука се и концертите за најмладите, како и концертите со студентите, кои се неопходни, бидејќи ние со нив инвестираме во идните генерации на музички уметници. Се разбира, дел од репертоарот се и македонските дела, како и многу светски премиери. Крајот на сезоната, традиционално, го завршуваме со спектаклот ’Види музика, слушни слика, добиј книга“, истакнува Чанаќевиќ.

Кон ова само да споменеме и тоа дека еден од повредните настани е прославата на јубилејот - 70 години од постоењето на Филхармонијата, кој ќе се случи на 18 декември со врвниот пијанист Борис Березовски. По тој повод ќе биде промовирана и монографијата наменета за оваа значајна годишнина од постоењето на најстарата музичка институција во земјава чии автори се Роза Нолчева и Тина Иванова.

И уште нешто, новата сезона Македонската филхармонија ја започнува со нов имиџ - женскиот дел од оркестарот, првпат, ќе биде унифицирано облечен, во фустани креирани од дизајнерката Тања Кокев.

„Многу сум благодарна што ми е укажана честа да се стокмат, народски кажано, дамите од оркестарот на Филхармонијата. Ова е моја дамнешна желба, а за да биде доживувањето од еден концерт комплетно, треба да биде убав и визуелниот дел. Останавме верни на класиката, на црната боја, но сето тоа го разигравме на весел, модерен начин. Направивме тоалети кои се пријатни за око“, смета Кокев.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG