Достапни линкови

Моцартовата „Така прават сите“ премиерно на Интерфест во Битола


Моцартовата комична опера во два чина „Така прават сите“ премиерно ќе биде изведена на 2 октомври, во 20 часот, на свеченото отворање на годинешното 23-то издание на „Интерфест“ во Битола. Режисер на претставата е Цветан Стојановски, диригент Саша Николовски Џумар, за сценографијата се погрижи Зоран Николовски, а во оваа нова продукција на МОБ настапуваат Благица Поп Томова, Биљана Јосифов, Николина Јаневска, Владимир Саздовски, Ернест Ибраимовски и други главно млади македонски оперски пејачи.

По цели 42 години Моцартовата комична опера во два чина за љубовта и прељубата и едно од неговите најизведувани дела „Така прават сите“, како сопствена продукција, се враќа на сцената на Македонската опера и балет.

Се надевам дека дел од овие оперски пејачи ќе се стекнат со статусот што во пошироки рамки денес го уживаат овие наши солисти излезени од Македонија.

Режисер на претставата е тенорот Цветан Стојановски, со оркестарот ќе диригира маестро Саша Николовски Џумар, за сценографијата се погрижи Зоран Николовски, а во претставата настапуваат главно младите оперски солисти како Благица Поп Томова, Биљана Јосифов, Николина Јаневска, Владимир Саздовски, Ернест Ибраимовски и други.

Режисерот Стојановски, кому патем ова му е четврта претстава и втора во нашата национална оперска куќа, појаснува дека „Така прават сите“ Волфганг Амадеус Моцарт ја напишал при крајот на својот живот во соработка со либретистот Лоренцо Дел Понте и дека тие создале дело свежо до денешни дни. Токму и затоа, како што вели, следејќи ја сопствената долгогодишна заложба да работи со млади се определил и во овој случај да собере екипа во која што се оние негови колеги кои поседуваат силен потенцијал, но чие време допрва доаѓа.

Се работи за извонреден инструменталист, еден од најголемите виолинисти на денешницата и виртуоз чие мајсторство го споредуваат со она на Давид Ојштрах, Саша Хајфиц, Јехуди Мењујин и други.

„Уште на почетокот кога како режисер ја работев „Дон Пасквале“ во Битола ја работев со млади луѓе. Тогаш Ана и Игор Дурловски беа на почетокот од своите блескави кариери и едноставно ми дадоа некоја посебна енергија што ме убеди во фактот дека да се работи со млади колеги е исклучително голема чест. И овде се случуваше истото и се надевам дека дел од овие оперски пејачи ќе се стекнат со статусот што во пошироки рамки денес го уживаат овие наши солисти излезени од Македонија. Во таа насока се одлучив улогите да им ги доверам на нашата позната солистка Благица Поп Томова, на басот Владимир Саздовски, Катерина Стојановска, потем и Билјана Јосифов, талентираната сопранистка и девојка со вонредно голема енергија, Билјана Трајковска која по настапите во Бугарија, Германија по прв пат ќе пее во нашава земја... “

„Така прават сите“ во МОБ доаѓа повторно по повод 20-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи помеѓу Република Македонија и Австрија, а интересно е и тоа што премиерната изведба ќе се одржи на 2 октомври во Битола на свеченото отворање на 23-то издание на „Интерфест“. Два дена подоцна ќе биде и скопската премиера, а ќе биде одржана и една претстава на 7 октомври во Тетово.

„Се надевам дека овој тренад на овозможување на целата македонска музичка јавност да биде посетител на нашите оперски и балетски претстави ќе продолжи и натаму“, ќе рече Ѓорѓи Цуцковски, новиот уметнички директор на МОБ.

Од друга страна, Милица Шперовиќ – Рибарски и Кирил Рибарски, македонските уметници кои како организатори сите овие години го потпишуваат „Интерфест“, забележуваат дека зад себе имаат плодна соработка со ансамблите на МОБ и дека битолската културна јавност со нагласено внимание ги очекува гостувањето и премиерната изведба на Моцартовата комична опера. Тие информираат дека на 23-то издание на нивниот фестивал посветен исклучиво на класичната музика годинава ќе настапат бројни репродуктивни уметници од земјава и од странство меѓу кои пиојанистката Марија Ѓошевска, дуото Василиј и Николај герасимец од Германија, американскиот баритон Кристов Биернацки кој ќе пее композиции од Мартину, Бетовен, Шостакович и Пиацола придружуван од нашата Огненка Герасимовска на пијано, тука е и Бразилката Валерија Занини, потем гитаристот Лука Лучини од Италија и други. На програмата имаме и еден навистина сјаен уметник – унгарскиот виолинист Алтан Залаи.

„Се работи за извонреден инструменталист, еден од најголемите виолинисти на денешницата и виртуоз чие мајсторство го споредуваат со она на Давид Ојштрах, Саша Хајфиц, Јехуди Мењујин и други“, потенцира Шперовиќ – Рибарски.

Таа дополнува дека и годинава во рамките на случувањето Народниот театар од Битола ќе има премиера на една своја претстава, во случајов Чеховата „Иванов“ во режија на Александар Баргман, а манифестацијата ќе биде затворена во сабота, на 12 октомври, со концертот на виолинистите Ана и Олег Контраденко кои во придружба на пијанистката Марија Вршкова ќе исполнат дела од Леклер, Мошковски, Шостакович, Цанев и Алнаес.

XS
SM
MD
LG