Достапни линкови

МВР: Засега низок степен на ризик од исламистичките екстремисти


Лидерот на Исламската држава Абу Бакр ал-Багдади.
Лидерот на Исламската држава Абу Бакр ал-Багдади.

Се разбира дека општи ризици постојат, бидејќи Македонија е дел од меѓународната коалиција за борба против тероризмот, но степенот на поголем ризик по општата безбедност засега во Македонија е низок, велат во МВР.

Додека некои медиуми објавуваат информации за групи на социјалните мрежи за регрутирање на џихадисти од Македонија, а други излегуваат и со тврдења дека дел од нив се од скопската населба Чаир, од МВР остануваат на тврдењето дека ја следат ситуацијата.

Во овој момент, се разбира дека општи ризици постојат, бидејќи Република Македонија како дел од меѓународната коалиција за борба против тероризмот не може да биде изземена, но според сознанијата со коишто располагаме, степенот на поголем ризик по општата безбедност засега во Република Македонија е низок.
Иво Котевски, портпарол на МВР.

„Подготвени сме во секој момент, доколку е потребно, соодветно да реагираме. Во овој момент, се разбира дека општи ризици постојат, бидејќи Република Македонија како дел од меѓународната коалиција за борба против тероризмот не може да биде изземена, но според сознанијата со коишто располагаме, степенот на поголем ризик по општата безбедност засега во Република Македонија е низок“, вели портпаролот на министерството Иво Котевски.

Во меѓувреме, конкретни акции за апсење на луѓе кои се бореле од страна на радикалните исламистички структури се спроведуваат и во соседните земји. Косово и Босна и Херцеговина досега уапсија десетици радикални исламисти.

Мислам дека ако има некоја акција која би била само затоа што постојат, да речеме, исламисти кои имаат различна интерпретација за исламот со ИВЗ, а немаат преземено никаква активност што значи загрозување на безбедноста, тогаш мислам дека нема потреба да се оди на директна активност која после може да предизвика револт.
Исмет Рамадани, претседател на Евроатлантскиот совет на Македонија.

Според аналитичарот Благоја Марковски, граѓаните не располагаат со точни и прецизни информации во која мерка се организирани таквите структури во Македонија и дали воопшто ги има како организирана групација. Засега е добар третманот на Министерството за внатрешни работи на овој проблем и веројатно нема потреба од такви акции и кај нас, вели тој.

„Оттука какви било други активности кои би се спроведувале, освен во превентивна смисла, со анализа на состојбите на теренот и и преземање соодветни мерки да не се создадат услови за дејствување на вакви групации, мислам дека во овој момент на Македонија не и е потребно преземање на кои било други мерки и активности“, вели Марковски и потсетува дека неодамна во земјава беа усвоени и законски измени според кои оние кои одат во туѓи војни може да се добијат и казна затвор.

Фактот што досега, вели тој, во Сирија и во Ирак загинаа 11 државјани од Македонија, не мора да значи причина за конкретна акција оти досегашните анализи покажале дека нивната подготовка за заминување не се одвивала на територијата на државава.

Според Исмет Рамадани од Евроатланскиот совет на Македонија, клучни се информациите на МВР дали таквите групи манифестираат агресивност или не. Тој смета дека засега добро се следи ситуацијата.

„Мислам дека ако има некоја акција која би била само затоа што постојат, да речеме, исламисти кои имаат различна интерпретација за исламот со ИВЗ, а немаат преземено никаква активност што значи загрозување на безбедноста, тогаш мислам дека нема потреба да се оди на директна активност која после може да предизвика револт или ситуација која може да биде закана за безбедноста во Република Македонија“, вели Рамадани.

Инаку, според некои процени, вкупно 20 македонски државјани како доброволци заминале во џихад во Исламската држава, а на врвот на листата предничат Босна и Херцеговина со 350 џихадисти, а по неа следат Косово со 150 и Албанија со 140 броци во редовите на исламските екстремисти.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG