Достапни линкови

logo-print

Неделен печат – Името, идентитетот и спомениците


Фокус објавува тврдење на Стојан Андов дека претседателот Глигоров прифатил име Република Словенска Македонија. Република ја анализира изјавата на новиот амбасадор на САД Џес Бејли дека во Македонија живеат Словени, а Глобус го анализира поставувањето споменици во огромен број.

Фокус – Андов: Глигоров се согласи за Република Словенска Македонија

Ниту Груби ниту друг Албанец или Американец може да си дозволуваат да ги поткопуваат корените на македонскиот народ и идентитет.

Се чини најлесно е да се кажува и пишува за луѓе кои, по сила на природата, не можат да одговорат. Најновиот број на Фокус објавува: „По несреќната изјава на амбасадорот Бејли, Стојан Андов со шокантно тврдење - Глигоров се согласи за Република Словенска Македонија“. Во колумната што Андов ја пишува за Фокус, иако пред извесно време јавно објави дека нема повеќе да пишува колумни за овој неделник, тој тврди дека Глигоров наводно договорил нашата држава да си го смени името, а ова тврдење го заснива врз изјавата на неименуван грчки амбасадор, дека „грчкото раководство, со помош и посредништво од Слободан Милошевиќ договорило со претседателот Глигоров...“ и така натаму и така натаму. Па Андов, наводно, не ја закажал седницата на Собранието, како што барал Глигоров, затоа што однапред знаел дека тоа нема да помине, особено кај пратениците Албанци, и воопшто, кај албанските политичари кај нас.

Спомениците што ги гради дпмнеовската демократура се симбол на инаетење со надворешните непријатели. Тие ја затвораат, ја изолираат Македонија за да не може државата да излезе надвор, во поинаков свет.

Република - Ќе се извини ли амбасадорот Џес Бејли?

Република со двојна атака, и против Американците и против Албанците во Македонија. Неделникот, на насловната прашува: „Дипломатски гаф или порака? Ќе се извини ли амбасадорот Џес Бејли“, за во уводникот да реагира на изјавата на Артан Груби, висок функционер на ДУИ, кој излезе во одбрана на Бејли, дека, па изведува цитат од изјавата на Груби, „вас може да ве викаат Словени, нас Шиптари – никако“. Република ги обвинува ДУИ и Ахмети дека на овој начин не ја намалуваат нетрпеливоста и недовербата меѓу Албанците и Македонците и ги повикува да се оградат од изјавата на Груби, порачувајќи дека ниту Груби ниту друг Албанец или Американец може да си дозволуваат да ги поткопуваат корените на македонскиот народ и идентитет, пишува Република.

Глобус - Бункери и споменици

Глобус во редовната колумна „Таленти“ пишува за „Бункери и споменици“ и ги споредува илјадниците бункери на албанскиот властодржец од минатиот век, Енвер Хоџа, со спомениците на кои, како што вели, бројот не им се знае и со лажните барокни фасади, вртелешки, галии... на Груевски. За да поентира дека бункерите во Албанија Хоџа ги поставувал на границите, за да ја одбрани земјата од надворешните непријатели и да се затвори пред надворешните влијанија... „Спомениците што ги гради дпмнеовската демократура се симбол на инаетење со надворешните непријатели. Тие ја затвораат, ја изолираат Македонија за да не може државата да излезе надвор, во поинаков свет“, пишува, покрај другото, Глобус.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG