Достапни линкови

Дневен печат - Ќе се обновува дијалогот меѓу власта и опозицијата


Можноста за нови преговори на високо ниво меѓу власта и опозицијата ја отвораат дел од дневните весници.

Судејќи според пишувањето на дневниот печат, се чини дека некој многу сака опозицијата на чело со СДСМ да се врати во Собранието.

Се прават подготовки за разговори меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.

Индикативна е на пример, информацијата во Дневник под наслов: „Се прават подготовки за разговори меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ“ во која весникот од свои извори дознал дека средби на високо ниво можно е наскоро да го одмрзнат блокираниот дијалог.

Уште недојден - укорен новиот амбасадор на САД. Македонското МНР упати протестна нота до САД за изјавата на новиот шеф на амбасадата.

Вечер со крупни букви оди со наслов: „Заев како Киро Глигоров: Не ме оставајте сам!“ И овој весник од свои извори дознал дека опозициските кандидати кои се подолу на листата во најголем дел ќе ги прифателе пратеничките мандати.

Покрај слична информација дека било можно обновување на политичкиот дијалог власт-опозиција, Утрински ја објавува и изјавата на Дескоска дека пратениците на СДСМ не се враќаат во Собранието сè додека не се создадат услови за враќање на демократијата и одржување фер и демократски извори.

„Бејли да се прогласи за персона нон грата?!“ со прашалник и извичник насловува Слободен печат, а на истата тема, Утрински забележува: „Уште недојден - укорен новиот амбасадор на САД. Македонското МНР упати протестна нота до САД за изјавата на новиот шеф на амбасадата“. Дневник оди со следниов наслов: „Континуитет во американската политика: Волерс почна со прасиња и телиња, Бејли продолжува со Словени“.

Утрински објавува тврдења на СОНК дека „се применуваат сите можни методи за да биде откажан штрајкот во образованието, а Вечер само објавува дека штипските просветари немале да штрајкуваат. Дневник, пак, дека огранокот на СОНК од Охрид нема да го поддржи штрајкот.

Слободен печат информира: „Кризата за плати во ЈСП ја откри лагата за бесплатниот превоз“.

„Во ’Пошта‘ крадел кој како ќе стигне“, оди со наслов Утрински, информирајќи дека Финансиската полиција поднела нови кривични за малверзации со тендери.

Како за крај, две куриозитетни, да ги наречеме, вести од Слободен печат: Првата: „Иванов го шокираше Јејл“. Имено, на предавањето на овој реномиран американски универзитет претседателот Иванов изјавил дека „младите во Македонија остануваат дома, бидејќи постојано се отвораат нови работни места“, по што Оливер Спасовски од СДСМ на својот Фејсбук профил прашува во која земја живее Иванов, и втората: „Така ли се привлекуваат странски инвестиции: Сопругата на Веле Самак се вработила во фирма која добива државна помош од Македонија“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG