Достапни линкови

Лари Мекреј бенд на Скопје блуз и соул фестивал 2014


По Ерик Сардинас, на „Скопје блуз и соул фестивал 2014“ доаѓа уште едно големо гитаристичко име. В недела, на 28 септември, од 20 часот, во Универзална сала, љубителите на блузот ќе имаат можност да се насладуваат на концертот на виртуозот Лари Мекреј, кој во Македонија доаѓа со својот бенд во пресрет на скорашното објавување на новиот албум каде бележито е присуството на уште великан на инструментот – Дерек Тракс.

Скопје, покрај Копенхаген од каде што доаѓа и Лондон каде што потем заминува, ќе биде една од постојките во рамките на големата европска турнеја на уште едно големо и омилено име од светската блуз сцена – гитаристот Лари Меккреј. Неговиот концерт е дел од годинашното издание на „Блуз и соул фестивал“, манифестацијата која през годиниве, наспроти сите финансиски непогодности, настојчиво се грижи да ни ги претстави вистинските вредности во овој домен од современата музика.

Лари Мекреј бездруго е една голема светска ѕвезда што се однесува до блузот и соулот во моментов. Неговите настапи по светските фестивали кажуваат за какво име станува збор и навистина слободно може да се каже дека ова ќе биде еден од најдобрите настапи што сме ги имале досега во изминативе речиси дваесетина години на Фестивалот.

Роден на 5 април 1960 година во Магнолија, Арканзас, Лари детството го минал на фармата на своите родители. Тајните на гитарата почнала да му ги открива неговата сестра Клара, за која во една прилика ќе каже дека свирела „тврдо и валкано“. Во 1972 семејството се сели во Мичиген, каде подоцна врз младиот гитарист најголемо влијание ќе извршат тројцата „кралеви“ - Би Би, Алберт и Фреди Кинг. Многу рано почнал да настапува по локалните дупки придружуван од своите браќа Карл на бас и Стив на тапани, за деби албумот „Ambition“ да го сними во 1991 година за „Поинт бленк рикордс“. Следува период во кој Лари Мекеј ја делел сцената со својот славен колега од агилната издавачката етикета - големиот Алберт Колинс, за само две години подоцна да го потпише и следбеникот „Delta Hurricane“ со искусниот Мајк Вернон како продуцент.

Врз него како солист и пејач извонредно значајно влијание оставиле и имиња како госпел дивата Махалија Џексон, потем Елмор Џејмс и Меџик Сем, но тука и не завршува списокот на големите блуз музичари со кои тој на еден или на друг начин се среќавал во текот на својата долга и плодна кариера.

Лари Мекреј денес зад себе има осум албумски објави од кои позначајните (како концертниот „Live on Interstate 75“) се објавувани за неговата сопствена дискографска етикета „Магнолиа рикордс“ (која по лошото искуство со компании како „Поинт бленк рикордс“, „Д хаус оф блуз“ и други во 2000 ја формирал со менаџерот Пол Коч), а особено е бележито неговото присуство на блуз компилациите посветени на легендарните Роберт Џонсон („Judgement Day: Songs Of Robert Johnson“), Ерик Клептон („All Blues’d Up-Songs Of Eric Clapton“) и Боб Дилан („This Ain’t No Tribute“).

Згора на ова, благодарение на извонредната изведба и врутоците енергија на неговите концерти, Мекреј е еден од најпожелуваните ликови на блуз фестивалите ширум светот, а за досегашен врв на неговата кариера се смета наградата Orville Gibson Guitars за најдобар блуз гитарист во 2000 година, кога биле номинирани мајстори на инструментот од калибарот на еден Џеф Бек или Ерик Клептон.

Конечно Лери Мекреј е една од ѕверките кои често можат да се сретнат на сцената во култниот „Леџенд“, клубот чиј сопственик е славниот пријател Бади Гај, а наскоро треба да биде публикуван неговиот нов студиски албум на кој како гостин се јавува Дерек Тракс од славните „Алман брадерс бенд“ и човекот кој со своето несекојдневно и специфично пребирање по жиците не воодушеви на концертот одржан пред неколку години на Скопскиот џез фестивал.

„Лари Мекреј бездруго е една голема светска ѕвезда што се однесува до блузот и соулот во моментов. Неговите настапи по светските фестивали кажуваат за какво име станува збор и навистина слободно може да се каже дека ова ќе биде еден од најдобрите настапи што сме ги имале досега во изминативе речиси дваесетина години на Фестивалот“, вели Васја Ивановски, селектор на програмата на „Скопје блуз и соул фестивал“.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG